6 минути ме делеа од овој наслов да биде 100 проценти прецизен, сепак и реми е одличен расплет.
Во еден апсолутно неважен натпревар од ЕХФ ЛЕ во кој видовме многу шареноликост, Косовски судии со различен пристап, американски пикер, добро познат чилеанец и еден куп ракометни анонимуси, врвен тренер на раб на нервен слом, Металург се издигна од пепелта.
Натпреварот прилично лош и хаотичен, но подолгата клупа како да му даде на Металург доволно сила да ги извади од кожа шпанците, кои рака на срце се на 8 место во лабавата Асобал лига. Вечерва безмалку сите придонесоа за добриот резултат. Најдобри поединци беа голманите, кај Металург ротацијата даде плод па да немаше толку стативи и неколку промашени пенали победата немаше да биде под прашалник.
Колку беше лабаво говори податокот дека првото исклучување го видовме во 43 та минута, а колку лоши беа шпанците доказ е нивното прво водство во 45 та минута.
За одбележување имаме една феноменална вртена на Шилегов, Цепелин на денес одличниот Серафимов и неколку фантастични голови на крилата на Адемар и бековите на Металург. Одличен потег кој може да го чини и повреда на рбетот и на домашниот тренер Димитриоски кога на десетина секунди пред крајот по една од милионте грешки на шпанците влета кон записникот и повика тајм аут по кој македонците од сите договорени варијанти ја изиграа онаа недоговорената па сепак постигнаа гол за големо реми !
Со надеж дека оваа сезона ќе ја заборавиме што побрзо му посакувам на Металург стабилизација и враќање на старите добри денови !
ЕХФ ЛЕ 02.03.2021 Скопје Македонија
Металург 27 Адемар Леон 27