Фото РК Вардар
Викендов исполнет со ракомет, ми понуди неколку теми за размислување, но ми откри и нешто сосема ново.
Во фокусот натпреварите во Јасмин и Автокоманда, иако факт е дека и тој во Пролет имал што да понуди.
Патувањето од сагата Ракометен туризам, не одведе повторно во Кавадарци. И веднаш ќе заклучам, девојките од Мерлин го спасија денот. Нивниот највкусен сендвич ги залечи раните од очајниот ракометен настан.
Што толку ме разочара?
Имајќи ги в предвид импресиите од гостувањето на Вардар, и победата на домаќините очекував вулкански ерупции, потреси на тиквешкото тло и тензија до вжештување. Наспроти очекувањата пред и во Јасмин, амбиент од крводарителска акција на ветераните од шаховскиот клуб. Невообичаено тивко, мирно, хм, нешто не е во ред или ја промашив салата?
Следеше уште поголемо изненадување, навивачките групи, за кои знаеме дека се збратимени, на иста трибина, и заедничка фотографија на двете екипи како на кампување со извидници покрај Тиквешко. Овде ракомет нема да се изнагледам !
Следеше уште една помалку морбидна сцена, за која знам дека била со добра намера но очајно изведена. Во светот на спортот за жал изминативе години бевме сведоци на неколку тешки сцени, во кои спортистите паѓаа на теренот, губеа свест, или беа клинички мртви, па во наредните денови сите со нетрпение очекуваа позитивна разврска. Праќаа пораки за поддршка, носеа маици со Издржи, Со тебе сме и слично. Но ниту еден од тие настани не се однесуваше на играч кој скинал лигаменти. Црните маици со натпис НЕНАД СО ТЕБЕ СМЕ, прилично несреќно вметнати во приказната.
АИР Струга е еден од моите омилени и со нетрпение го чекам неговото враќање на паркетот!
Под превезот на хуманитарниот настан, текот на ракометниот многу конфузен. Зелените лабави, Розевите збунети. Се чини само тренерот на домашните посветен и уверен дека ова ќе биде вистински натпревар во кој ќе може да ја изведе сета своја ракометна магија.
Победија, сепак заслужено Пелистерци.
Фото РК Еурофарм Пелистер
Во Автокоманда, поинаку. Организациски на високо ниво, навивачките групи на своите позиции. Амбиент вреден дерби. Екипите со по некој отсутен, генерално истрчаа со своите најдобри во моментов. Понатамошниот текст само за најдобрите.
Ах, да, во Кавадарци го видовме Миркуловски, го видовме и во Автокоманда, се отворија теми и прашања. Но кога на трибините го здогледавме и Гарсија Парондо, прашалници еден куп?
Во редовите на Вардар, Томовски ја потврдува класата. Човекот е октопод, ги откажуваше упорните Фармацевти од напад во напад. Мечка е мојот нов Столе. Човеку ти си незапирлив истовремено и непробоен. Тимот со него и без него ден и ноќ. Николиќ, уште еден од плејадата Српски таленти кои можеби во Скопски Вардар ја започнуваат својата кариера. И на крај но не и небитен, Првиот Македонски Самурај. Човек од едвај пеесетина килограми, мастермајнд на ракометната игра, волшебник со топката, човек за кој можеби и сите овие гореспоментаи се дојдени, човек со кој Вардар е сосема поинаков тим. Моментот кога десноракиот самурај постигна гол со лева пропратен со длабок УУУХХХ од трибините.
Од спротива пак, се раѓа и расте нашиот пандан на Косуке. БУМ БУМ Марко, од натпревар во натпревар ме воодушевува се повеќе и повеќе. Тој е смел, одлучен, силен, безкомпромисен, решен и сигурен во себе. Прави разлика, се профилира во лидер, за жал за него и неговиот тим, за жал и за тренерот Лазаров, на овој натпревар немаше поддршка од своите.
Тимот на Кире, се соочува со реалноста, пред нив е долг и макотрепен пат. По почетната еуфорија и изненадување сега станува потешко. А на маката се познаваат јунаците, верувам Алкалоид ќе создаде неколкумина.
Дали скаутите дојдоа по Косуке, Томовски, Мечка или Марко незнам, ама дефинитивно имаа што да видат.
Дали првенството е најинтересното од поодамна, дефинитивно, дали нашата теза за тројца претенденти е точна, не е, има повеќе.
Уживаме во Македонскиот ракомет, се надеваме на подобра иднина, поквалитетни тимови, играчи а со самото тоа и репрезентација.
Во ЕХФ неделата ќе се занимаваме со трите репрезентации, кадетите, младинците и сениорите и за момент ќе ги заборавиме навивачките бои. САМО ЖОЛТО ЦРВЕНА ќе се вее.
ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА !