После периодот на хистерични напади и раслоеност, а пресликано од секојдневното општествено самоуништување, репрезентацијата плови кон помирни води.
Неколку трендови успевам да евидентирам, а можеби има и повеќе, времето ќе покаже.
Инспириран од странскиот коментатор на една балканска тв која делува како дип стејт па го држи во заложништво скоро секој спорт и скоро секоја неспособна држава, ќе почнам од судењето.
На Македонија веќе во континуитет прво и делегираат неуки судии од неракометни земји на кои им е очигледно во потсвеста врежано дека Македонија е небитна и нема кој да застане зад неа. И второ, скандалозното судење е секогаш на штета на Македонија. Се присетивме вчера и на делегирањето на бугарски судии на реваншот на Бутел со австриците лани и нивното директно штетно судење по Македонскиот клуб.
На нас ни остануваат две решенија можни. Првото жестоко да реагираме, за што се сомневам дека може да има само контра ефект и второ, да го примениме принципот на Ганди, па секогаш да сме подготвени и смирени за такво судење.
Вториот тренд се однесува на противничките голмани. Најчесто тие се мвп кај противниците. Независно од нивниот квалитет и рејтинг секогаш успеваат да бидат на граница на херои против Македонија. Тема за анализи пред натпреварите на стручниот штаб.
Трето. Талески, прво и основно треба да го олабавиме сите човекот. Кога има дисциплинирани бекови кои работат за него, и кога фокусот на јавноста не е врз него, човекот испорачува на големо.
Николче Митревски е во период на стагнација. Но, таков калибар на голман секако ќе може да испорача се што може кога состојбата во репрезентацијата дополнително ќе се стабилизира.
Од друга старна пак во корист на нашата 3-2-25 теза, Кизиќ преку настапите во ЛЕ, СЕХА прераснува во сериозен чувар на голот на Македонија ! И за пример ако ги земеме неговите вчерашни перформанси од 43% одбранети удари, тогаш ние добиваме голман од висок калибар.
Џомба ќе го испратиме во репрезентативна пензија со наклон до земја. Со Деки верувам работите ќе се избистрат, сме имале периоди кога сме морале без него. Но Македонската авијација добива нови крила и треба да е горда на нив. Летечкиот Стружанец и Бам Бам Скопјанецот, Костески и Атанасијевиќ, оставаат впечаток дека имаат се она што се бара од модерното крило. Брзина, дрскост, репертоар на удари, антиципација во одбраната и страст за ракометот.
Последниот тренд, а негативен е поврзан со губењето на топките. Технички грешки или загубени топки небитно, Македонија сеуште високо брои. За да помислиме на нешто посериозно резултатски, ќе мора оваа ставка сите од домар до селектор сериозно да ја третираат.
И кратко за натпреварот, со интезивна ротација и голем број загубени топки, лоша реализација во нападот, три промашени пенали и доста рутина, го добивме нискорејтингуваниот Луксембург. Прогнозата за апсолутни фаворити исполнета. Задоволните лица на играчите, посебно на Талески, Пешевски и помладите, одговор на многу прашања.
Луксембург 23:25 Македонија