Конечно дочекав момент за насловов. Металург распродаваше карти за 40 минути, беше македонска и европска сензација. Беше на врвот, но …
Сега делува дека е повторно на вистински пат. Доколку финансискиот мозаик повторно не се растури, Скопје, Македонија и Европа ќе може повторно да ја почуствува енергијата од Автокоманда.
Од друга страна огромна честитка за работата на Пелистер со вториот тим (иако единствен со таква можност во супер лигата под малку нејасни околности за мене) и уште поголема за работата на Јовиќ. Тој успева да направи прилично хомогена екипа од група младичи и неколку постари, но не до крај искажани поранешни јуниорски репрезентативци.
Од почетокот на натпреварот позициите беа јасни. Младите домаќини, битолчани, аутсајдери но фајтери, желни за борба и докажување од една страна. Самоуверените гости од друга страна.
И едните и другите во право.
Пелистер 2, со една за мене меѓу најубавите одбрани, 3-2-1, за која ќе пишуваме во една следна прилика, создаваше континуиран притисок и не дозволуваше гостинот никако да се одлепи. Рака на срце примија 19 голови во едно полувреме но за многу мал број може да се каже дека беа лесни.
Металург на крилјата на новата енергија, од веќе во континуитет добрите партии, меѓу кои и двата дуела со Вардар, сега сигурен во својата играчка па и можеби техничко тактичка предност. Почнаа доста лабаво пред се во одбраната, Додиќ и Лазаревски како да не разбраа дека е ова првенствен натпревар од високо значење. Покажаа дека се спремни и да трчаат ако треба, а кога почнаа да одговараат на зоната 3-2-1 со пасови на крило, беше јасно дека нема замки за овој стручен штаб. Доколку инаку одличниот Поповиќ беше посконцентриран разликата можеше побрзо да расте.
На лабавоста на Металург се приклучија и голманите, сепак Ѓорѓески овојпат поучинковит. Од другата страна Јовиќ ротираше 3 голмани па неможеме никого посебно да издвоиме. Впечаток е дека и едните и другите немаа позначајна подршка.
Сакам да истакнам дека дуелот беше исклучително фер и коректен, машки, а огромниот број на исклучувања во двете екипи останува енигма.
Во второто полувреме, Металург како да сметаше дека е готова работата. Но момците на Јовиќ не се предаваа и на крилјата на Талески, Дрогришки и Павловиќ гризеа безмалку до крај. Кај Металург фантастичен Хорват, одлични младите крила Кофиловски и Петковски, а на крајот се појави и пивотот Митиќ.
Интересен и возбудлив дуел како дел од приказната за најдобра лига во регионот.
20.05.2021 Под Тумбекафе
Македонија Супер Лига разигрување
Еурофарм Пелистер 2 31 Металург 34