Ова беше исклучително емотивно, исклучително попладне.
Вујовиќ во свој стил на пресот рече цитирам, Ова не е Загреб бре, ова е Скопје. И токму од тука започнуваат магичните моменти. Јане Сандански, магичен со само 1800 среќни гледачи! Атмосфера каква многу клубови можат само да сонуваат. Големиот Јеспер Нилсен со болка на лицето од жестината на дуелот но и од сеќавањата кои му навираа на сите претходни гостувања.
Вујовиќ, приземен и пред и по натпреварот. Но како со некаква магија да ги држеше сите конци во своите раце. Оспоруван често не само поради неговиот темперамент но и по чудните одисеји во босанско, словенечко шумадиските предели. Одисеи од кои никој не очекуваше дека повторно ќе се врати во борба со како што и самиот кажа најдобрите клубови на денешницата, меѓу кои во самиот врв го смести Олбор. Не криеше пред натреварот дека ќе игра жестока одбрана. Така и беше и доколку не се лажам тој денеска на фронтот ги испрати сите расположиви трупи. Ваква ширина во одбраната не очекував. Не криеа и тој и Тимур дека ќе го менуваат ритамот. Токму тоа и го правеа. И во нападот тој нападна со сите сили и средства. И брзо и споро и 6 на 6 и 7 на 6. Имаше трпение за како што вели тој браќата Њокас кои имаат инстинкт на убиец, шутерски, но затоа ќе мора Вардар да ги истрпи и нивните грешки. Играше вечерва Вардар под магична контрола на Вујовиќ
А на теренот уште еден истакнат член на министерството за магија. Тој рака на срце долги години љубоморно чуваше фотеља во едно друго министерство. И откако прилично магично исчезна од истото, вечерва се појави на голема сцена. Блескавиот Томовски, се мачеше. Одбраната сеуште не беше наместена, па очекувано беше да се проба со ротацоја на голманите. И тогаш се појави Борко. Поскромен и од Вујовиќ изјави дека поважно од неговиот придонес е успехот на тимот. Борко !
Последната нотирана секција од министерството за магија за вечерва се човековите ресурси. Овој апарат за разлика од оној ланскиот, апатичен, прилично анемичен и апсолутно очаен, е како во друга димензија. Овие нови играчи кои, Вардар и Скопје досега го гледале само на ЕХФ ТВ, за неполн месец станаа миленици на публиката. Њокасите се само 2-3 недели а веќе ги чувствуваме како свои. Тото, Кубанецот, Диало, па и Џукиќ и сите натаму очигледно се на бранова должина на која скопски Вардар емитува програма.
И како ретко кога, а посебно по некој блескав резултат на било која македонска екипа, овојпат останувам без доволно текст.
Вардар едноставно, блескаше. Данскиот тренер со гестикулацијата призна дека беа дојдени по победа, се обиде да ја најде вината кај себе и своите играчи, па така и нека остане.
29.09.2021 Во домот на двократниот европски шампион, во Македонија !
ЕХФ ЛШ Трето коло
Вардар 30 Олбор 28