Мирна река брег рони, или како АЛКАЛОИД стигна до полуфинале!

Фото РК АЛКАЛОИД

Очекувавме еден неизвесен и тврд натпревар, во Скопје, а добивме брутална егзекуција. Фармацевтите имунизирани по првата средба, во која имало од се по нешто, а најмалку витештво и спортска борба, подготвено ги пречекаа тешкашите од Романија.

Стариот волк, придавка која на Кире не му прилега, од перспектива на тренер, очигледно му припаѓа од перспектива на ракометно искуство. Тој ја подготви екипата ментално, тактички и физички, за во првите десет минути да им стави до знаење на гостите дека попусто дојдоа. Паркираниот романски автобус веднаш зад салата пак откриваше состојби за кои очигледно романците биле подготвени. Дојди, изиграј, изгуби, собирај парталите!

Од друга страна, анализата ме влече постојано кон кормилото, или како клубот навигира низ немирните професионални спортски, во случајов ракометни води. По првичните година две, каде се што ќе се случеше беше изненадување и помалку или повеќе тешко можеше да се испланира и изменаџира, последниов период Фармацевтите делуваат созреано. Небаре низ лабараториите на Македонскиот фармацевтски гигант има оддели кои се посветиле на одгледување ракометари во една здрава спортска средина.

Пребирливите и педантните секако ќе најдат ставки на кои може сеуште да се забележува и нотира недостаток, но широката слика говори многу повеќе. Стабилно и мудро во градењето на ростерот, без драматични и сензационални промени, костурот е тој и постојано се збогатува со нови Македонски потенцијални или актуелни репрезентативци. Ми делува дека прашање на време е, или ако и веќе не се случило под радарот на јавноста, понуда за Фитиљот и Мечка. (Талевски и Томовски знам дека беа на листата на желбите).

Изборот да се игра во третиот по ранг Евро Куп, комплетен погодок! Влезот во 4 најдобри во овој ранг секако дека е сериозен успех за Македонскиот ракомет. Успех кој некако како да минува недоволно забележан, или и тоа е дел од стратегијата, без многу галама!

Дел од таа стратегија секако е и играњето во Автокоманда. Алкалоид лани го скрши мразот и играше во Јане. Верувам дека се сето тоа добри спомени за нив, но фактот дека се одлучија да играат тивко и мирно во свое маало, ја потврдува тезата од насловот.

Со огромно нетрпение ќе го очекуваме Велигден и првиот дуел со Рунар, Норвежаните. Прилика да го провери својот напредок во играњето како Норвешка, за Лазаров, но и за вистинскиот потенцијал на оваа исклучително потентна Македонска екипа.

Дали момците зрееа доволно и се подготвени за конечен исчекор или едноставно, сезонава што минува е нивната апсолвентска ќе дознаеме наскоро. Згора на се, почнува и плејофот а таму сите освен Фармацевтите се со една мисла!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...