Неки нови клинци …

Поминаа повеќе од 40 години откако панонскиот морнар ја отпеа Неки нови клинци. Во деценииве кои изминаа често ја врзуваа со појава на нов бран, нова снага, нова енергија кај младите.

Денеска песната совршено ја опишува херојската победа на младите пелистерци против двократниот европски шампион. Некако во сенка на премиер лигашкиот ден и еден куп прекрасни дуели кои завршија со благо изнендадувачки резултати, резултатот во Битола е сензација.

Сензација беше само резултатот, оти играта и односот на силите беше од самиот почеток до самиот крај во корист на клинците.

Енергијата на теренот, односот кон секоја топка, без респект кон големото име и мудро водени од клупата, сето тоа беше клучно за оваа фантастична победа.

Клинците играа со срце, изгинаа, а битолската публика која малку лута на постариот брат, конечно уживаше. Уживаше 60 минути. На голот на клинците еден ветеран кој правеше чуда и дополнително ги фрустираше црвено црните. Беа подвижни и брзи во одбраната и прилично конкретни во нападот. Воопшто не се плашеа да шутнат, да пробијат и сето тоа на крајот резултираше со голема победа.

Од оваа победа некако како сите да имаат полза. Прво големат слика. Македонија не треба да се грижи за својата иднина, Атанасијевиќи, Кузмановски, Димитриоски, Ѓорговски и Арсеновски, ако некого не заборавив, силно чукаат на вратата на сениорскиот состав. Се чини најблиску е Кузмановски по повредата на Манасков, но никако не смееат да не се смета на останатите. Битола и првиот тим имаат двојна корист, сега и нерешен резултат е доволен да се симне од тронот Вардар. Можеби планот А не успеа но секако нема да го одбијат и овој план Б битолчани.

А Вардар, па и тој некако ќе извлече поука, дали Вујо е правиот избор, дали брзо растечките ѕвезди заслужуваат место во Вардар, дали најавеното проветрување ќе дојде порано? За нив сега опциите се скусени и само со победа во Битола против Еурофарм Пелистер ќе може да ја одбрани титулата.

Тешка задача, но прекрасна најава на остатокот од сезоната. И кога веќе ја споменав премиер лигата, која дефинитивно е една од најквалитетните, со оваа победа на клинците, гласно најавуваната најјака ракометна лига на балканот станува реалност.

30.10.2021 Бабам Битола

Супер лига Македонија

Еурофарм Пелистер 2 27 Вардар 26

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...