За Солуна, за Стамбола, Битола не давам!

Всушност комфорната зона ја пронаоѓам во хаосот. Не во хронологијата, никако во извештајот !

Марио Танковски, срамежливо, кренат в раце од Чкембари, пееше за својот клуб. Тој долго време е еден од моите фаворити за среден. Ем стружанец, ем брз, одличен шут, добар преглед, само самодовербата беше прашање. И ако го прашате другар ми Манце, вака ќе речи, Бабиќу го уназади Марио, Марио воскресна, вистина воскресна !

Во неколкуте засилувања, не сите, што е и во крајна линија добро, а ќе објаснам зошто, Пелистер добива нова физиономија. Овие африканциве, по природа на нештата, а не како некој шериф сака, се наши стари пријатели, од времето на неврзаните, па тие таа енергија ќе ја почуствуваат, и ќе возвратат. Се надевам. Лесјак е одличен голман, ќе го повлече со себе и Кизо, па и тој, впрочем како и вчера, ќе се надгради. За русинот зборевме со Тимур, вели, солиден, добар играч. Ќе видиме. Ако по утрото денот се познава, овој русов е борец од висок калибар, очигледно Битола ќе му годи, и тој би требало да биде исклучителна алка во Пелистерскиот бедем. Французов не е сам, има фино друштво околу себе и ако за нив важи дека се малку недисциплинирани и неодговорни оваа средина би требало да го насочи добро. За да не избрзам ама сепак да објаснам од погоре, чинам дека средниов, португалецов не е на ниво, ама тука е и кваката, го добивме Марио. Во еден момент на теренот поставата изгледаше вака, Кизиќ, Кузмановски, Ѓорѓески, Танковски, Пешевски, Костески … УЖИВАВ !

Ако одам за Битола, ќе прошетам по Широк Сокак, Јас пиво ќе се напијам и ќе наздравам !

Голема работа заврши синоќа Пелистер ! Им паднаа многу камења од срце. На навивачите, на Чкембарите, на Стерјеви можеби најмногу.

Можеби Мешков и не беше толку сериозен противник, но кршењето на мразот, карактерот на новата екипа, смиреноста на данецот, учинокот на македонците, спортската среќа на крајот, се клучна придобивка за Битолскиот, Македонскиот ракомет.

За разлика од оној девољубецот, овој новиов данецов, тргна тивко и без многу помпа, ако успее да ја гради така и екипата, да не заборавиме дека тој воопшто не го активира можеби и најголемото засилување летово, тогаш можеби една значајна сезона е пред нас.

Им посакувам мирно море на јадранот, нека уживаат најмногу во дуелот со една од најјаките екипи во светот, нека се сетат дека пред некоја година се радуваа на победа кога никој не очекуваше, па можеби ќе стигнат позитивни сигнали.

Имав и друг наслов, Битолски рулет, и тој не беше лош. Впрочем колкави беа шансите двата македонски претставници да играат дома дуел од четвртфиналето и да играат на пенали. Ах да имав и за судиите коментар …

25.08.2022 Битола, Македонија

СЕХА Лига 1/4 финале

Еурофарм Пелистер 27:26 Мешков Брест, на пенали

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...