ЗЕЛЕНО 3.0

Фото РК Еурофарм Пелистер (ретка слика од Битола во црвено)

Се спушти завесата пред Македонската Ракометна сцена. Сезона од соништата, огромен број на одлични и неизвесни дуели. Шампионот неизвесен до последните стотина секунди. Ваков производ би посакала секоја маркетиншка куќа, секој спортски продуцент…

Пелистер комплетира хет трик, три титули во низа, Шампион на Македонија. Зелената ера продолжува…

Честитки!

По викендот од Ф4 купот на Македонија, кој само ја надополнува сликата за квалитетот на лигата и екипите, во кој Пелистерци беа брутално отфрлени и казнети од своите најверни навивачи, не очекував дека како Феникс ќе се издигнат, а со победата во Автокоманда над Алкалоид веќе наговестија и ќе ја одбранат титулата на најсладок можен начин за нив, среде Скопје.

Авторите на најдобрите сценарија за спортски драми, животни приказни и успеси, може да црпат инспирација од настаните во Македонија, од Битола посебно.

Со огромна доза на задоволство го коментирам текот на настаните пред за време и по натпреварот. Атмосфера од соништата, песни и бодрење, еротиката длабоко застапена во сонговите, се надевам со годиниве како растат ќе се ослободат и од неа, организацијата врвна, полицијата не приметлива, сем за полувремето кога им додаваше шишиња со вода на најзагреаните Чкембари и Комити, а навивачите како по пропис без ниту една и најмала грешка во своето однесување.

Натпреварот пак, како финале на Лигата на Шампиони, неизвесно до последна секунда, жестоко, фер, промени на водство, тренерски надмудрувања, и херои… Свети Никола како милува Ѓоргоноски да го нарече, Митревски, Мојсие за зелените. Иако во добар дел од натпреварот имаше чудни гестикулации кон клупата, шутирање на топката за време на паузата и евидентна нервоза, е апсолутниот херој на Битола.

Фото РК Еурофарм Пелистер

Анти херои пак кај црвено црните повеќе, во клучните моменти промашени два пенали, контра и зицер, за да трилерот има највисока можна оценка.

Дамка на се останува гестот на Кузмановски, кој со помош на Министерот Ристовски се обиде да го анулира. Но топло го советувам селекторот да размисли пред да му ја остави капитенската лента. Лидерот на Македонија мора да ги има конците во свои раце секогаш и секаде, независно од ситуацијата, оти ако помине само со Извини, како ли ќе се однесува во следна високо напната емотивно спортска ситуација?!

За крај, сакам да ги поздравам и Комитите кои уште еднаш покажаа дека тимот за кој навиваш се сака и во победа и во пораз!

Витештво а не омраза, ривалство а не војна, спортот е сепак само забава за нас навивачите.

На крај само да ја нотирам и истрајноста на двете семејства зад двата најголеми Македонски ракометни капиталци, Михаловски и Стерјеви, оти без нив немаше да бидеме избраните и благословените на Балканот и пошироко, да уживаме во овој прекрасен спорт, ДОМА!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...