Фото ЕХФ
Мојата “омилена” федерација, која за волја на вистината доста активно се обидува да го промовира ракометот, повторно на тежок испит.
Продажбата на билетите беше една од најжешките теми пред почетокот, барем овде доле на југ, во земјите од западен балкан, кај нас на северот… збунувачки.
Збунувачка е и посетата на врвните ЕХФ настани, машкиот а сега актуелно женскиот шампионат.
Па така верувале или не, на двата полуфинални натпревари во Љубљана, немаше повеќе од 35% пополнетост на салата, или околу 3.500 гледачи во сала со капацитет од 10,000, а на финалниот едвај 49,5%. Со оглед на квалитетот на селекциите, играчите и самите натпревари, очајни бројки.
Дали ценовната политика, за која ние бевме сведоци дека е брутална и безчувствителна, па да не беа билетите од федарацијата и попустите салите ќе зјаеа празни, дали пристапот во промоцијата, дали поделбата на повеќе земји домаќини, дали нешто друго е во прашање, навистина немам одговор.
На финалниот натпревар на ЕХФ ЕУРО 2022, во машка конкуренција да навистина имаше околу 14,000 гледачи, респектабилна бројка, но например на дуелот Шпанија-Полска, две сериозни селекции, само 1400 гледачи.
Останува горчливиот вкус на лошата посета и на ова женсково. А таму видовме навистина квалитетен ракомет. Сериозни селекции, сериозни атлети. Натпреварите обилуваа со атракција, со прекрасни потези, врвни поединечни достигнувања. И повторнона финалниот натпревар едвај 5500 гледачи.
Како во старата народна дека рибата смрди од главата, така ја префрлам одговорноста на федерацијата од насловот. Препорачувам, веднаш да изврши прочистување на раководните структури, стереотипни се и архаични. Промените се одвиваат пребавно и се најчесто конфекциски. Ракометот е една прекрасна и динамична игра и верувам доколку се променат стартните позиции и курсот публика нема да недостасува.
Во прилог на чудното однесување на ЕХФ и следново, избрана најдобрата постава пред финалниот викенд, погрешно, МВП по правило не е член на најдобра постава, погрешно, судиски двојки од неракометни земји, погрешно… да не ја заборавиме и топката без лепак која најверојатно ќе пристигне заедно со пругата кон источниот комшија.