Фото РК Алкалоид
Текст со ДВА НАСЛОВА
Некако со Филе (на јавноста познат како Виктор Христоски) ни тргна, во нашите текстови, често да
ни се провејуваат и мудрости (секако не мислам на наши мудрости, далеку сме ние од таа
категорија, мислам на оние народните), па така и овој пат неминовно овој текст да го почнам во
тој стил. Додуша за воља на вистина, во последно време, по прашањето за текстовите, само тој
беше дежурното перо, ама еве во оваа прилика му се заблагодарувам пред се за неговата
огромна воља и желба за пишување, му се заблагодарувам и за рабирањето што го имаше кон
мене и што ниеднаш не ми замери кога јас не бев во инспирација да напишам текст и секако
голема благодарност и честитки за ентузијазмот и вољата во цел овој САМОРАКОМЕТ проект.
Тоа се навистина големи човечки особини и јавно пак кажувам: “Филе, ти благодарам.”
Туку, да се вратам на текстот, што не е почнат сеуште.
“АКО Е ЗАДОЦНЕТО, НЕ Е ЗАБОРАВЕНО” (мудроста де)
Минатата сабота, се случи пуштањето во употреба на новата ракометна база на РК Алкалоид.
Искрено имав мала дилема во себе, што толку интересно може да има во пуштање сала во
уотреба, ама еве и по ова прашање, повторно бев пријатно изненаден.
На овој настан беше претставен целиот играчки потенцијал на клубот, РК Алкалоид, па
дополнително и вториот тим РК Мултиесенс, заедно со своите подмладоци, младински, кадетски
и јуниорски екипи. Тука секако за одбележување е цела онаа машинерија која ќе работи зад овие
тимови и чија што систематизација и организација каква што беше прикажана единствено може
да вроди со плод.
Беа претставени новите дресови, навивачката химна, како и плановите и визиите на клубот за во
иднина. Она што беше кажано како план за работа со младинските категории, ги бетонира
шансите за успех. Ракометните, но и менаџерските имиња кои веќе се во овој клуб даваат
сериозна гаранција дека тука нешто сериозно се подготвува.
Салата реновирана, средена, убаво осветлена и што е најважно топла. А трибините исполнети. Се
подготвува ли и по ова прашање ново навивачко движење во главниот град? Ако постоите, ако ви
треба кум, еве ви предлог од мене.
Навивачка група “Фармацевти” или ако може Леверкузен да има свои фудбалски ние овие ракометниве си ги заслуживме.
На разминување, Мише, онака гордо ми нафрли, за некој ден кога ќе го ставиме и “Gerflor”-от,
салата ќе крцка.
Господа од Алкалоид, вие сериозно знеаете што правите и каде се движите.
И за крај, едно реторичко прашање (демек од оние што не “бараат” одговор) иако и не би било
лошо ако некој од прозваните се охрабри да ни даде одговор.
Реторичково или нормалново прашање, се базира во голем дел на фактите од текстот погоре, ама
малку е зачинето и со некој чаршиски муабети, за можните ракометни засилувања кои веќе како
божиќна сарма полека ама сигурно, на тивок оган се крчкаат.
Прашањето:
Господа од Алкалоид, натпреварите од Лигата на Шампиони, планирате да ги играте во Јане или
во Борис? И кога почнувате?
Прашувам за еден другар, Тоше, тој во нашево навивачко друштво е задолжен за билетите, па да
знае човекот на време во која сала да резервира 4 сезонски билети. Благодарам.
Сепак, слободно и со полна одговорност можам да кажам дека луѓето во овој клуб знаат што
прават. Компасот им е калибриран од соодветни познавачи на магијата, динамиката и плановите
уште подобро курдисани. Кормиларите си ја знаат и работата и правецот, а енергијата и духот
веќе максимално вивнати кон ѕвездите. Моментумот и уште поважно preМоментумот подобри
неможат ни да бидат. Така што, кога веќе некако срамежливо во нашата мила Македонија, се
подотвора вратата за уште еден сериозен играч на полето со димензии 40 x 20м, на оној што прв
ќе реагира, нему му одат и ловориките. Впрочем, Дарвин не случајно рекол. Во услови на криза,
не преживува оној што е најсилен и најбрз, туку оној кој што прв ќе се адаптира на промените.
А кризи, кај нас, барем дал Господ. Секогаш си ги имаме.
Толку од мене.
Да гледаме, да чекаме и да стискаме палци за уште една успешна приказна во градот под маглите.
Точка.
Магливо Скопје,
Пред Нова Година, а при крај на старата.
Поточно 27.12.2022
Александар Бицевски