Македонската ракометна репрезентација во јануари 2024 година ќе го има своето осмо учество на Европските првенства. Таму досега сме настапувале со скромен успех, иако ја паметиме и епската 2012, во Србија кога бевме легендарно високо 5 то место.
Имено, досега сме одиграле 37 натпревари и сме забележиле 24 порази, 5 нерешени и само 8 победи, со негативна гол разлика 835:941.
Интересно е дека грчевито се држиме до континуитетот на учества од 2012 наваму. Па на пример на такво нешто не може да се пофалат гиганти како Германија, која ја немаше во 2014 та, Полска и Русија во 2018 та, па и Словенија во 2014 та.
Во тезата која заедно со Бице ја развиваме, видовито, за развојот и успехот на Македонскиот ракомет, Германија, која е ветена земја за преку 50% Mакедонци, е само попатна станица. Очекувањата се сведени на минимум од резултатски аспект, но се сериозни од аспект на развој на нашите играчи, клупата па и играта.
Под претпоставка дека ростерот кој Македонија го има во моментов нема да претрпи драматични промени, играњето на Пелистер, Вардар и Алкалоид во ЕХФ лигата на Шампиони и Евро лигата, треба на Македонија во наредните неколку години да и ги донесе потребните минути сериозен ракомет. Ако сме сигурни дека Кузмановски, Митревски, сега надополнети и со Талески и евентуално Томовски се единствените наши странци кои ќе играат сериозен ракомет, сите останати репрезентативци доаѓаат од Македонските клубови. Бројката на играчи кои ќе играат ЕХФ натпревари во Јануари 2024, очекуваме да биде драматично поголема од годинешната.
Ждрепката која не носи на мегдан на велесилите како Франција и Германија, на ниво кога во фудбал на светско би ги добиле Бразил и Италија. Вистинско задоволство, па ако се гине нека биде јуначки и нека биде Гала. А Гала секако ќе биде од аспект на тоа во кои арени ќе се игра и од очекуваната посета на натпреварите од сериозната Македонска иселеничка заедница.
Натпреварот со Швајцарија, секако шанса за бодови, не дека тие се несериозен тим, но тим против кој Македонија навистина може да бара победа.
Далеку е Германија, и сега се изгледа така нејасно, но јануари ќе дојде многу брзо!
Среќно !