Има ли пилот во Авионот?

Фото EHF home of handball

Поминаа пет дена. Не, не од последниот работен ден на службениците во ЕХФ, туку од последниот обид некој од нив да се јави и да објасни што точно се случува со финалето на ЕХФ Купот. Пет дена тишина. Пет дена молк, длабок како да се изгубил сигналот над Атлантикот. И затоа, простете ми на аналогијата, ама искрено се чувствувам како патник во авион од култниот филм „Има ли пилот во авионот?“ – само што овој пат никој не се обидува да го спаси летот. А и да сака – нема кому да се обрати. Кабината е празна.

Во неделата требаше да се одигра финалниот реванш помеѓу РК Алкалоид и АЕК Атина. Требаше. Наместо натпревар, видовме само едностран обид за спортска правда – еден тим излезе на терен, другиот се уплаши од „македонската публика“. Според АЕК, Скопје е повознемирувачко место од Газа, а публиката поопасна од севернокорејска парада. Причините за нивното повлекување? Па, официјално: „безбедносни грижи“. Неофицијално? Повелете сами погледнете на YouTube – 5.000 луѓе, деца, семејства, со тапани, знамиња и страст. Очигледно премногу за некому навикнат на хулигани, убиства, демолирање, насилства…

И додека сите се прашуваме дали ќе има одлука, санкција или барем соопштение, ЕХФ упорно глуми ракетна база од која никој не се јавува. Паралелно, сите македонски клубови, играчи, навивачи и ракометни вљубеници, слушаат само едно: „Автоматската секретарка на ЕХФ не е достапна, обидете се подоцна.“

И тука веќе не зборуваме за спорт. Зборуваме за управување. За кредибилитет. За фер-плеј. Зборуваме за тоа дали има некој таму што ја води оваа институција. Или ако веќе има – дали некој друг му ги пишува скриптите?

Во меѓувреме, Фармацевтите и цела Македонија останаа без својата заслужена вечер, играчите без историски натпревар, публиката без спектакл, а ракометот – без достоинство. А ЕХФ? Таа остана без глас. И без пилот.

Ако некој од ЕХФ го чита ова (а верувам дека Google Translate им е инсталиран), ќе биде убаво барем некој да се јави и да каже: „Да, тука сме. И да, знаеме што правиме.“

Или барем да не се чуди кога следниот пат некој ќе ги праша:
„Има ли пилот во ЕХФ?“

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...