Македонија Мажи, Ракомет !

Брз преглед на поширокиот список.

Прелетувајќи преку списокот правам рез, за случај јас да бев селектор.

Голмани: Митревски, во моментот е голман број 1 во Македонија. Тој трпеливо ја чекаше својата шанса низ годините и очигледно сето тоа му годеше. Во моментов е голман кој брани на високо ниво и кој единствен има сериозни натпревари во континуитет, играјќи пред се во лигата на шампиони. Томовски е број 2, тој во многу наврати ја потврди својата класа. Штета што Варадр беше брутално исфрлен, оти во тој случај ќе имавме два голмани кои настапуваат во ЛШ.

Следат и останатите кои навистина бранат одлично па би ги подредил по “тежина”, Кизиќ, Трајковски и Гогов.

Леви Крила: Манасков, во моментов за мене најизбрусен македонски играч. Интернационалец со фантастична кариера, во полна играчка зрелост, во неколку наврати во Вардар видовме колку “тежи”. Ојлески со години соработуваше со него, па одтаму му давам предност. Во Пелистер, можеби малку го потценија, но тој е вистински борец и исклучително корисен играч.

Редоследот следен е, Кузмановски, Атанасијевиќ и Димитровски.

Десни крила: Е на оваа позиција посериозно запнав, имам неколку комбинации на база на искуство или рутина или полетност или простор, па тешко одбрав. Ако десните крила ги гледаме како функција од десните бекови, а таму ќе имаме секако млади сили, ќе играм на картата на искуство и рутина. Ѓоргиевски и Поповски на пол позиција. Не следи редослед по важност оти останатите секако беа во комбинација, Ненад и Никола Костески и најмладиот пред кој сметам е блескава кариера Петковски.

Десни бекови: Штотуку споменатите за кои воопшто немам дилема. Во моментов Јагуриновски и Серафимов се најдоброто што Македонија го поседува. Савревски по своите физички перформанси е најблиску до оваа позиција, но делува доста споро и несигурно, па ќе почекаме низ сезонава во која ќе има доста минути во македонското првенство да се гради и догради.

Леви бекови: Всушност во повеќе наврати наративот беше дека Македонија нема среден, но погледнете внимателно, ние всушност немаме ниту лев, ако Талески го сметаме за неприкосновен. Атанасијевиќ, Мишевски, Џонов и Ѓорговски се исклучително млади и неискусни. На повеќето не им недостасува дрскост и талент, но до оформен играч ги чека многу работа. Како заслуга ама само на дрскоста, Атансијевиќ го номинирам пред останатите. Следат Ѓорговски, Џонов па Мишевски, кој добиваше извесни шанси но одговорот му беше млак.

Средни бeкови: Еве ја позицијата за која прогнозирам слатки маки во наредниве години. Кузмановски неприкосновен, но кој е следниот? Ѓорѓиев кој под палката на Кире делува се посигурно иако има и забелешки за дел од неговиот перформанс, Танкоски кој воскресна по заминувањето на обожавателот на боровинките, малиот и луциден Митев кој добива минути на поголемата сцена, или пак Димитриевски кој ни е далеку од видокругот но со годините минати зад границата може да донесе одреден квалитет. Еве така нека биде и редоследот. Нека бидат тројца во ростерот на пример.

Пикери: и пикери земам три. Пешевски, Марковски и секако мојот нов миленик Стојковиќ, ако космосот одговори позитивно, играч од рангот на Шипржак или Пекелер или подобар? Петров и Симоновски на листата на чекање.

Незнам колку места ми останаа но во категоријата Дефанзивец прв пик Омерагиќ, момчето има габарит, желба, снага а има и дрскост и добар шут. Младеновиќ во Алкалоид е прв избор но овојпат шанса му давам на Едвин.

Во новото поглавје на македонскиот ракомет, без Лазаров, Стоилов, од Миркуловски еднаш веќе се простивме, Македонија делува симпатично. Голем минус е неиграњето на Вардар во ЛШ, поради фактот што Вардар дава голем број репрезентативци. Дали оваа селекција ќе биде доволно за да се вратиме на стазите, или пак за чекор повеќе ќе дознаеме набрзо. Лазаров вети дека Македонија ќе игра нов и модерен ракомет уште на Европското, но еве сега кога работите се поискристализирани, со нетрпение ќе ги очекуваме дуелите со Луксембург и Турција во Октомври и секако светското во Јануари.

Со срце за Македонија!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...