САМО РАКОМЕТ
Имам огромна чест и исклучително големо задоволство, во името на САМО РАКОМЕТ, да ја најавам Првата РАКОМЕТНА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА, РАКОМЕТОТ СПОРТ БРОЈ 1?, која ќе се одржи на 24 ти февруари 2025 та година, понеделник, во Скопје.
Идејата која тлееше подолг временски период, иницирана од желбата за унапредување на спортот кој остава траен белег во Македонија, есента 2024 при првите контакти со луѓето од ракометот, се претвори во план и реалност.
Ќе отвориме некои нови теми, ќе зборуваме за проблемите и можностите, ќе бараме најдобри практики, како РАКОМЕТОТ да го зацементира своето место на врвот. Не само по Репрезентативни и Клубски резултати, но и по ниво на организација, систематска работа, планирање и организирање.
Како Панелисти ќе имаме многу клучни луѓе, Министерот за Спорт, Борко Ристовски, долгогодишниот Претседател на РФМ, Живко Мукаетов, селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, еден од двајцата најдобри ракометни судии во светот, Ѓорѓи Начевски, претставници од клубовите и школите, Лазе Мајнов, Горан Стојков, Славчо Ристески, Горан Ѓоргоноски, Стефче Стефановски, Злате Стојковски и Владо Недановски.
Како учесници на Панелот се поканети претставници од сите Ракометни клубови и спортски медиуми во Македонија и тие ќе земат свое учество со прашања и предлози. Голем број клубови веќе го потврдија своето присуство, РК Вардар, РК Аеродром, ЖРК Куманово, ГРК Тиквеш, РК Охрид, МРК Куманово, РК Бутел… Поканети се и медиумите кои покрај улогата на известувачи овој пат ќе бидат и во улога на гости и активно да поставуваат прашања и да даваат предлози.
Специјални гости на Панелот ќе бидат и двајцата кандидати за нов претседател на РФМ, Драган Начевски и Александар Стефанов.
Модератор на Дискусијата ќе биде спортскиот новинар Перо Момировски. Дискусиите ќе се одвива во два дела, прв дел во кој Панелистите ќе ги изнесат своите мислења за предложените прашања и втор дел во кој сите гости ќе можат да постават прашање.
Целта на оваа Панел дискусија е да сублимира предлози и насоки, како понатаму Ракометот да го задржи местото број 1, но и реално да го оправда, како и да делегира и препознае ниво на задачи и обврски на Државата, Федерацијата, Локалната управа, Клубовите.
Пред самиот почеток на првата, ние во САМО РАКОМЕТ, ја подготвуваме веќе и ВТОРАТА панел дискусија, која ќе биде во целост посветена на женскиот ракомет.