РAKOMETOT E MOJOT ЖИВОТ !

МЕГА интервју со селекторот Кирил Лазаров, 1/2 дел.

Ми претставува исклучително задоволство и огромна чест да можам да разговарам за македонскиот ракомет со најдобриот десен бек што ракометниот свет го запознал. Кирил Лазаров

Долго време македонската ракометна па и поширока јавност беше во очекување на Вашата одлука што после играчката кариера. Кога одлучивте дека тренерската задача е следна?

Кирил Лазаров: Сеуште сум активен играч… Ракометот е мојот живот !

Веќе подолго време се подготвувам за тренерската кариера. Многупати ми било поставувано тоа прашање во минатото, но вешто го избегнував и се подготвував во мир и тишина за она што треба да следува после играчката кариера.

Некогаш многу помпезност, најави и ветувања можат само да ти наштетат. Сакам да работам квалитетно без многу најави и без еуфорија. На блиски луѓе на кои им најавував дека ќе се занимавам со тренерство, пробуваа да ме разубедат бидејќи тоа е тешка и неблагодарна работа… Знаеа да ми кажат… за тебе секогаш ќе има квалитетна работа, поготово за се што имаш направено во кариерата и за Македонија… меѓутоа јас го знам својот пат и верувам во тоа.

Неможам да го замислам животот без предизвик, а тренерската работа го нуди токму тоа. Гладен сум за успешни и врвни достигнувања, тоа ме држи во живот.

Ја преземавте Македонија во еден од најтешките моменти. Безмалку го допревме дното. Тактички или сепак принудно дојде одлуката на средина на квалификациите?

Кирил Лазаров: Имав желба и јавно го кажувам ова, дека еден ден сакам да ја водам својата земја како селектор. Можеби дојде порано од очекуваното и предвиденото. Она што се случуваше во Египет (на светското првенство 2021) тешко го преживував како Капитен на репрезентацијата. Во изминатата деценија стекнавме респект од цел ракометен свет со нашите настапи како репрезентација која ја одликуваше борбеност, интелегенција и голема љубов према својата држава.

Во Египет се случи да одиме со наведнати глави пред цел ракометен свет кој беше таму, да едноставно остануваме во собите за да не ни се потсмеваат. Пробавме јас и поискусните играчи да ги разбудиме другите… не одеше никако, немаше реакција, едноставно се чувствуваше дека ни треба рестарт тотален.

Можеби Светското првенство во Египет беше едно од најлошите искуства во мојата репрезентативна кариера…

Го прифатив предизвикот без многу размислување.

Не се размислував ниту секунда, напротив со многу храброст и волја влегов во овој предизвик. На самото претставување, моите први зборови беа: Македонија не се одбива никогаш !

Данска е моја судбина !    

Неможеше подобро да помине циклусот квалификации за следното европско првенство. Рака на срце добро беше отворен со победите над Финска и Швајцарија. Но победа над Данска и уште две сигурни над Финска и Швајцарија за најмногу досега бодови во било кој циклус.

Кирил Лазаров: Данска е моја судбина !!!

Данска во Србија, Данска за почеток на тренерската кариера како светски и олимписки шампион и Данска во група за следното Европско Првенство…

Победата против Данска ми го наполни срцето и ме направи многу горд, но само за кратко … веќе по преспиената ноќ застанав цврсто на земја и многу свесно си ставив до знаење дека ова е само почеток.

Од играчката кариера имам многу искуство што ќе ми служи и во тренерската. Ме радува највеќе што успеавме колку толку да ја вратиме волјата и насмевката на нашите репрезентативци на овие натпревари.

Нивната посветеност, самодовербата, патриотизмот кој некаде го загубивме по пат во последно време, тоа се работи кои треба да ги негуваме.

Ние мораме на секој натпревар да бидеме на 120% ако сакаме да бидеме компетитивни и да веруваме и да правиме спортски чуда.

Почитта која ја изгубивме, пополека колку толку ја вративме во овие 4 натпревари. Треба да бидеме скромни и да го одиме нашиот пат. Можеби малку сум нереален, ама таков сум и бев како играч… мораме да веруваме, ние сме Македонија и не повеќе од 2 милиони жители.

Сте работеле со многу звучни тренерски имиња, ќе видиме сублимат од сите нив или Ваш поглед на ракометот?

Кирил Лазаров: Многу европски ракометни школи поминав. Немаше случајност кога за крај го одбрав Нант и француската школа на ракомет. Секаде научив по нешто.

Работев со врвни тренери и пред се добри луѓе, во мојата кариера. Не сакам да копирам никого, но сум благодарен на сите од кои сум учел. Имам свој поглед и сакам да изградам свој идентитет.

Подршка, ДА ќе ми биде потребна и ќе ја барам, но со посветеност и многу труд ќе успеам во она што го имам замислено.

Не очекувам да имам лесен пат …

Пишувавме после светското дека сега се игра нов ракомет, брзи пикери кои се први во контра, бекови кои не шутираат од далеку, трчање, трчање и многу трчање. Дали Ви се допаѓа тој ракомет.

Кирил Лазаров: Ракомет се игра за да победиш.

Трчање, шутирање, брзи пикери, средни бекови итн, се е тоа ок, за поздравување, меѓутоа историјата ја пишуваат победниците. Се сложувам дека треба многу иновативност, константност во секој поглед на ракометната игра, но исто така треба да се знае дека се паметат само победите и трофеите, другото не е доволно.

Ракометот допрва ќе се менува. Само најпосветените и најинтелегентните ќе успеат.

Македонците веќе подолг период играат 7 на 6.

Кирил Лазаров: 7/6 е начин на игра која што постои како правило во ракометната игра. Јас го почитувам ова правило и не сум подржувач да се менува. 7/6 придонесува да имаш стратегија плус кон одредени противници, да им отежниш да те победат, или да ги победиш.

Ние со Македонија игравме 7/6 со Данска во Скопје, но не и на другите натпревари. А од друга страна многу квалитетно се браневме против 7/6 со Финска и Швајцарија, кога ги приморавме како репрезентации да ни играат 7/6 затоа што 6/6 беа немоќни против нашата одбрана.

Што повеќе вакви детали, остава простор за надигрување со противникот и затоа не гледам ништо лошо во правилото 7/6 кое многу го оспоруваат.

Најадаптибилните секогаш победуваат.

Селекторе, во неколку наврати го издвоивте шпанскиот систем како еден од најдобрите. Што е всушност шпанскиот систем и дали Македонија ќе оди во тој правец?

Кирил Лазаров: Ми се допаѓа шпанскиот систем. Меѓутоа има повеќе видови на шпански системи, кои што детално ги имам опишано во мојот дипломски труд на ФФК. На Вас останува што најмногу Ви се допаѓа и што ќе одберете да користите, сепак е тоа личен избор. Како и претходно што кажав не е најдобро решение да копирате некого, напротив треба да бидете свои што е можно повеќе.

До македонскиот дрес само преку добра одбрана !    

Играме во одбрана 5 -1 и 6-0. Ќе продолжиме со тие две варијанти на одбрана или Македонија ќе има повеќе варијанти? Дали ќе играме согласно постулатот одбраната го добива натпреварот или сепак за гол повеќе?

Кирил Лазаров: Мораме да бидеме разноврсни доколку сакаме да бидеме калитетни. За да се усоврши една одбрана Ви треба долго време. Почнавме со 6-0, успеавме колку што ни дозволи времето да наместиме и 5-1 одбрамбена формација.

Планирам во иднина Македонија да има 3 добро истренирани одбрамбени формации со кои што Македонија би била препознатлива и незгодна како репрезентација. Се надевам дека сето тоа ќе успееме да го сработиме до почетокот на Европското Првенство во 2022 година.

Бевме препознатливи по бескомпромисната одбрана. Можеби највеќе кога играа заедно Велко Марковски, Аце Јоновски па и Миркуловски, Ангеловски, Стоилов. Низ годините го изгубивме тој жар, тој квалитет. Кој е виновен? Дали ке се обидете да ја вратите одбраната во тој гладијаторски мод? Евидентно е дека успеавте да ја задвижите одбраната да ја убрзате, а на последните натпревари видовме и еден безмалку изумрен елемент, блокирани шутеви.

Кирил Лазаров: Можеби приметивте дека во двете ЕХФ недели што ги имавме, шанса добиваа играчи што играа во 2 правци, то ест квалитетни одбрамбени играчи. Им го најавив тоа и на самите репрезентативци дека македонскиот дрес ќе се заслужува само со квалитетна игра во одбрана.

Мораме нашата одбрана да ја доведеме до совршенство. Задоволен сум до сега како се движат работите.

Кога можевме од Талески, Мишевски, Велковски, Младеновиќ и Марковски, кои што немаат многу минутажа дефанзивна во нивните клубови да добиеме 3 натпревари, тогаш треба да бидеме повеќе од задоволни.

Во нападот делуваме многу пошироко со Вас и со Миркуловски. Со кои играчи ќе ја градиме офанзивата во наредните години?

Кирил Лазаров: Работиме да имаме поширока база. 90% од базата се играчи од 19 до 25 години. Има многу талент и материјал за работа.

Загрижува минутажата на одредени играчи во нивните клубови. Играчите кога бираат клубови, треба да размислуваат и на нивните улоги кои што ќе ги имаат во клубовите. Што поодговорна улога, па макар и во помал клуб е подобра опција од седење на клупа па макар бил и најдобриот клуб во Европа. Има играчи што се задоволуваат со тоа што ќе постигнат договори со нашите најдобри клубови, а всушност не се свесни дека си ги упропастуваат кариерите. Седат на клупа во клубови, а имаат огромна желба да играат за национална селекција, многу нелогично …

Продолжува …

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...