Фото ЕХФ
Во описот на журналистиката, не ја имам сретнато, но исклучително ја сакам и ме привлекува, функцијата на шпекулации. По чесно би било да се каже предвидување, но за предвидувањето бројот на влезни информации треба да има сериозен квантитет.
Така јас си се држам до терминот шпекулација.
А за него во Македонскиот дигитален речник, патем кој исто така не е институционално поткрепен, но го сметам за прилично веродостоен, стојат три толкувања. Јас се држам за второто…
Во филозофијата- Стремеж да се дојде до вистината по пат на умување.
Согласно на горенапишаното еве ги моите
ТРИ СЦЕНАРИЈА ЗА ЕВРОПСКОТО КАЈ ИСПЛАКНАТИТЕ!
ПРВОТО во кое Киро (селекторот на Македонија Кирил Лазаров) по освојувањето на второто место со РК Алкалоид во домашното првенство и сензационалното освојување на ЕХФ Евро купот во својата прва кампања во него, а втора за него и клубот европска, ќе се повлече од позицијата селектор на Македонската ракометна репрезентација. Јас дотука сега друг нека му ја мисли!
Тој веќе го комплетира тн олимписки циклус од 4 години на кормилото. Успеа да ја оддржи Македонија во континуитет на настапи на европската и светската сцена. Го спроведе прилично тешкиот и мачен процес на подмладување, без падови и понори. И претстави на Македонската и светската ракометна јавност една плејада на млади играчи и практично со тоа би можеле да го сметаме за еден од најуспешните предводници на Македонија во нејзината кратка ракометна историја.
ВТОРОТО сценарио е во духот на Нордискиот ноар. Филмски жанр кој од неодамна ме освои и кој ме потсети на среќната ѕвезда под која сум роден тука на Балканот, подалеку од западните пропаганди. А тоа е кратко и јасно, 3 порази. Во моментов немаме доволен број на играчи од светска класа со кои би можеле да се спротивставиме на Данска и Португалија. Нивните играчи играат клучни улоги во тимови кои се дел од Лигата на Шампиони или Лигата на Европа, додека наш најистакнат поединец на последните 2 натпревари беше играч од бундеслигаш кој испаѓа. Додека пак Романците со императив одмазда ќе удрат со сите сили на нас, а ние просто нема да бидеме подготвени.
ТРЕТОТО пак сценарио е тоа кое во минатото би ми било прво, а можеби и единствено. Одиме да се истепаме со сите па што биде нека биде. Или малку подетално, во првото коло се среќаваме со домаќините Данска, актуелни светски прваци, кои се разбира ќе ја темпираат формата за да одат до крај и нема да запнат со сите сили. Ние ќе го искористиме моментот и нема да се потрошиме. Ќе им дадеме шанса на помладите и со условно втора постава чесно ќе загубиме. Во вториот меч, одморни ќе им покажеме на романците кој е кој моментално, сигурна победа. За да просто во третото коло фрлиме се на една карта и на тие тивки колонизатори, кои незнам дали некогаш им се извинија на своите колонии ширум планетата, им влетаме во клинч и како во минатото така и овој јануари да излеземе како победници.
Уф… како ова последново добро звучи. Во прилог ни оди и тоа што предвидувањата се дека бројот на Македонската Фаланга нема овојпат да биде значителен, па така и покрај недостигот на поддршка од една страна, нашите момци ќе можат малку порелаксирано да влезат во калкулациите.
До јануари 2026 има уште доста време, но сите сме со мислите веќе таму, во Јуске Банк Боксен спортскиот центар.
Да живее МАКЕДОНИЈА