Денот Д за Кралот!

Фото Сигнори

Безмалку поминаа 80 години од почетокот на клучната операција во втората светска војна. Денот Д или операцијата ОВЕРЛОРД во јуни 1944 година значеше почеток на крајот на една од најмрачните ери на човештвото. Падот на нацистичка Германија.

В недела во Борис, Македонија падната на колена ја пречекува ракометната сензација, Фарски! Со негатива од 7, но со уште полошо чувство во стомакот, дека на првиот натпревар не личевме на ништо, гласно, во себе, на пиво во маало или на тастатура, ги бараме можните сценарија. Уште поважно пак и од тоа, ја одгатнуваме загатката, дали е подобро да изгубиме или не?

Повеќе од јасно е дека има 3 можни сценарија. 1. Да изгубиме и дома, оти тоа со претставата во Торшван и го заслуживме, 2. Да победиме со мала разлика, и со наведнати глави да се разотидеме или 3. Да ги згазиме со +10 или повеќе, па насловите да бидат Се е на свое место!

Во третото сценарио, кое очигледно има доста приврзаници, вклучуваме еден куп неракометни фактори. Фарците заглавија по аеродроми и секако тоа ќе остави белег врз нивната концентрација, свежина и севкупно перформанс. По аналогија на домашното, германско судење на Фарски, од Турците очекуваме стабилен ветар в грб, Публиката, многу важен фактор тука кај нас, охрабрена од падот на предавничкиот режим на штотуку завршените избори, можно е да дојде во висок режим на работа, впрочем и самите Фарци во најавата на двомечот ја нотираа како фактор. И последниот сепак ракометен, можно е и самите репрезентативци, малку посрамени од нивниот перформанс, а реално имаме доста добри момци во селекцијата, да стегнат заби и да тргнат жестоко.

Тука ќе следи загатката, дали е добро вакви какви што сме да се пласираме на светско? Од аспект на вложеното и прикажаното на последните 4-5 смотри, можеби е добро малку да се одмориме и регрупираме. Но од аспект на одржување на и така тенкиот интерес кај младите за влез во сала, апсолутно е важно да сме таму каде што се најдобрите!

Доаѓам до насловот. Поминаа цели 3 години од како клупата на Македонија ја презеде најдобриот спортист што Македонија некогаш го дала и имала. По шокантната победа на дебито против семоќната Данска, следеше прилично трнлив период. Успешно сработени квалификации за европските 2022 и 2024 како и за светското 2023, но очајни настапи на истите. Кире бараше трпение бидејќи повеќе од јасно беше Македонија влегува во жестока транзиција и промена на многу константи. Доби мирно море од федерацијата но многу бура од јавноста и дел од медиумите.

Дочекан како величина, денес исправен пред најголемиот тест. Дали Кралот успеа да ја вметне својата филозофија во главите на играчите, дали тие му веруваат и впрочем дали е тој вистинскиот ракометен експерт како решение за долги пруги?

В недела, некаде околу 21,00 часот навечер, ќе знаеме се. Од однесувањето на тимот, повеќе него од самиот резултат, ќе дознаеме од каков материјал се градени. Фокусот на Кралот најголем!

За Македонија и во добро и зло !

12.05. 2024 Во Скопје, главниот град на напатената Македонија, во СЦ Борис Трајковски, реванш од баражот за пласман на светското првенство 2025 година.

Македонија против Фарските Острови (верувале или не)

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...