Како еден пензиониран љубител на фудбалот, а сега пасиониран ракометољубец, размислува во предвечерието на неколку исклучително важни спортски настани. Фудбалски, но пред се ракометни.
Како секој искрен патриот, навивам со душа и срце за Македонија. И не за онаа со префикс, но за онаа мојата, вистинската.
Македонија вечерва игра бараж за светско со Италија во Палермо. Стигаат видеата и фотографиите од македонските навивачи. Ја шират приказната за нас Македонците. По N ти пат потврдуваат дека преку спортот и културата најбрзо и наједноставно можеме да го запознаеме светот какви сме ние, Македонците. А така за нас всушност велат, мирољубиви, гостопримливи, топли, насмеани…
Манчини е на мака сериозна, а нашиов е во право кога вели, Ние треба само да уживаме !
За жал знам вечерва и покрај сплотеноста ќе бидеме сведоци на движењето НЕ ПЕАМ МАКЕДОНСКА ХИМНА, иако искрено незнам зошто е така. Погледнете го видеото од пеењето на романската химна во Букурешт и ќе препознаете еден десен бек Шпанец, како гордо ја пее химната на земјата за која се заветил дека ќе се бори, спортски !
Е сега полека дојдов и до ракометот.
Во сабота е дербито, или како што џентлменски Мики од Комити рече, овојпат Вардар има противник.
Доаѓаат и Чкембари, само така дербито е Дерби. Јас од сите нив барам да бидат џентлмени, а можат, знам. Па нека победи Вардар, или Пелистер, нека победи подобриот !
Изјавите во Скопје ги слушнавме, има многу пораки меѓу редови. Една од пораките и во составот на играчите кои дојдоа на пресот. Столе и Тимур ! Темелите на Вардар. Не ни сакам да помислам како ќе изгледа скопски Вардар без нив!
Од Битола пристигаат Чкембарите и оптимизмот за победа. Со мудра политика на двата клуба во наредните години би можеле да уживаме во многу вакви дуели.
Е сега и последниот сегмент, никако неважен, всушност најважен. Македонската ракометна репрезентација го доби првиот бараж, со Романија, следи вториот со Чешка. Неколку настани, повторно меѓу редови, ја брануваа ракометната јавност.
Злин во Чешка, (еве пак меѓуредови, е седиштето на BATA shoes, најдобрите чевли кои некогаш сум ги купил), е домаќин на првиот натпревар. Значи секој кој сака одлични чевли мора да оди, а секој кој ја сака Македонија мора да навива. Не дека апокалипса ќе ни следи ако не успееме, или дека Лазаров е под поголем притисок од Манчини, но просто затоа што многу јазли би можеле да се одврзат.
P.S.1 Со Аце од Битола сме договорени, кој губи чести Пиво, ќе го пиеме секако на Широк Сокак на 5 ти Април.
P.S. Со денот Д, се означи почетокот на акцијата за ослободување на светот од нацизмот, a јас во отсуство на термин за значаен месец, едноставно го употребив.