Фото РК Алкалоид 2023/24
Запомнете ја сите љубители на Македонскиот ракомет оваа недела!
Месец Октомври, 2024 та година, Македонија има 4 клубови, претставници во машката конкуренција во европските купови. Ако го додадеме и дуелот на Тиквеш пред неколку денови во првото коло од ЕХФ Купот, чинам дека ова е историски период за Македонскиот машки клупски ракомет.
Да одиме со ред.
Прв на терен ќе истрча Вардар. Денес во 18,45 часот во Германија го игра натпреварот од второто коло во ЕХФ Евролигата против Мелсунген. Шансите за успех сведени на ниво на статистичка грешка, но кому тоа нешто му значи. Вардар се врати на европско тло со многу убав перформанс и победа над Исландски Валур, па сега секој следен натпревар ќе биде за уживање и на играчите и на публиката. Дополнително натпреварот обременет со присуството на црвено црните во таборот на противникот! Парондо, Криштопанс и Мораеш, со сигурност ќе измамат по некоја емоција за едно време минато. Од Вардар, пред се очекуваме структурна консолидација, логистичко екипирање, како предуслов за враќање на старите добри денови. Играчки веќе ни е сосема јасно дека Вардар скаутира и регрутира најдобро што може.
Во четврток на мегдан со варварите од Полска, незнам со какви се санкции ќе се соочеше Македонскиот ракомет доколку на наше тло се случуваа сцени од полското дерби, оди Пелистер. Делумно рехабилитиран по ремито со Спортинг, но сеуште во благ нокдаун, од настапите во Лигата на Шампионите. Пелистер одамна нема што да загуби, па секој следен натпревар може да го користи повеќенаменски. Дали да испроба тактички или играчки варијанти, небитно, релаксирани секако имаат поголеми шанси за сензација. А дека сензациите се можни, многу добро знаеме.
Сабота е ден за двојна програма, во 19,00 часот Алаклоид и Охрид, ја започнуваат својата одисеја. Дали мораше во ист ден и во ист термин, навистина незнам, но јас со задоволство би ги гледал двата натпревари.
Прво во Скопје, Алклоид кој од ден на ден се повеќе и повеќе ги собира симпатиите на ракометната фела. И не само затоа што е предводен од Македонски деца и Македонски тренер, туку затоа што по повеќе критериуми ни делува сериозно, компактно, модерно па дури и авнгардно за ова поднебје. Како ќе изгледаат Митев, Серафимов, Галец, Симба и компанија, една година поискусни, во дуел со релативно поплиток противник, и дали целите на Кралот се да игра европски натпревари до доцна следната пролет, ќе дознаеме многу брзо. Мојот оптимизам нескриен, а апетитите зголемени по настапот на минатогодишниот освојувач на овој куп во Скопје минатата недела.
Во Охрид сакам да одам и кога нема ракомет, езерскиот бисер впрочем најубав по крајот на туристичката сезона. На чорба во Лагадин, Белвица во Трпејца, Пица во чаршија и чаша вино во Куба Либре, одам без двоумење. Овој пат зачинето со одличен ракомет би било генијално. Храброста на Охрид, во ангажирање на во моментов најголемата легија на странци покрај вардаровата и пелистеровата, одлучноста да имаат добар ракометен клуб, сериозноста во организирањето на турнир од меѓународни рамки, мора да се истакне, пофали и поддржи. Рибари се тука, на клупата е легендата Алушевски, општината ветар в грб, па среќно в сабота иако противникот е за нијанса или две фаворит.
Дали мојата теорија за големи нешта на репрезентативно поле од сезоната 2025/26, почнува да се остварува сеуште е рано да се каже.