Патот до Светско, преку далечните острови !

ФОТО ЕХФ kolektiff

На 17 јануари, по крајот на настапот на Македонија на европското првенство, размислував што добивме и дали нешто изгубивме? Како сопруг на бившата жена на врачот (приказната и е позната на редакцијата) од ракав ги исфрлив Фарските, за наш посакуван противник во баражот за светско. Противник кој ќе ни овозможи континуитет, во најкршливата можеби, фаза од како што милувам да го наречам, REBUILD-от на Македонскиот сениорски ракометен тим.

Дали погодив за среќа, или не, ќе дознаеме на 12 ти мај!

Нафрлав и некои имиња, но ситуацијата денес е прилично појасна. Совршено беше јасно дека некои момци, кои селекторот, ги уфрлаше низ годините, нема да можат да одговорат, но уште појасно станува кои се тие кои ќе можат!

Прво за Фарските острови!

ТИМ

Фарските острови срамежливо се појавија на ракометна сцена во 2017 година кога во еден развоен турнир на ИХФ забележаа победи над Кина, Молдавија и Ерменија, а во плејофот го освоија првото место победувајќи ги Бугарија, Косово и во финалето Турција. Следеа сепак години на анонимност и порази, со понекој изблик и сензација. Во 2019 реми со Црна Гора во квалификациите за Европско, 2020 победа над Луксембург во предквалификациите за Светско, 2021 победа но, без значение за двете екипи над Чешка. 2022 та тие прават прв исчекор и ја минуваат предквалификациската група, победувајќи ги Латвија и Италија, но губат во баражот од Германија. Притоа еден чекор прескокнуваат, бидејќи ракометната организација ја исфрла Белорусија, која беше првиот бараж противник на Фарски.

Најголемиот успех и сензација следи во квалификациите за еуро 2024, тие се пласираат како третопласирани со сензационални победи дома над Романија и Украина, патем речено која не е исклучена иако води војна.

Европското во јануари годинава за нив беше Деликатес! Играа растеретени од се, уживаа, и ги освојуваа симпатиите на сите ракометни вљубеници. Тесни порази од тешкаши како Словенија и Полска и реми со Норвешка, апсолутна сензација и хит на првенството!

ИГРА

Играта на Фарски е апсолутно Скандинавка. Попрецизно тие го играат Данскиот ракомет, во алиекспрес верзија. Брзи, и не така корпулентни играчи, креативни и упорни. Дрско се спротивставуваат на секој противник.

ИГРАЧИ

Играчите генерално играат за скандинавски и германски тимови. Главна ѕвезда е Скипатогу, плејот на Кил, имав прилика да го гледам во живо оваа година во ЛШ, потоа тинејџерот Митун и крилото Тејгум. Тоа се исклучително млади играчи и добар дел од нив играа на кадетското и младинското првенство каде влегоа во топ 8 селекции минатата година.

ТЕРЕН

Играме во Торшван, главниот град на Фарски, кои баш и не се држава, ами се под некаков патронат на Данска. Град со не повеќе од 20,000 жители. Салата е дел од некој спортски комплекс за кој освен дека е проширена во 2015 година немам ама баш никаква информација. За публиката не е потребен коментар, тие своето го кажаа кога извршија инвазија на Германија и ги освоија сите симпатии. Гласни се сигурно но дали и жестоки ќе дознаеме на 8 ми.

СУДИИ

Сестрите Маике Мерц и Тања Кутлер, спаѓаат во кругот на елитни ракометни судии. Тие со години судат во бундеслигата и на врни интернационални приредби. Близината на Фарски до нивната татковина, е едниот критериум за селекција, се надевам дека вториот и третиот се квалитетот и бескомпромисноста.

МОТИВ

Фарците или Фараните, го живеат својот ракометен сон, пласман за нив на Светско е недвосмислено огромна мотивација. На крилата на добрите игри на европското, сигурно не кријат амбиции дека Македонија за нив е пречка која може да ја минат.

На крај само би додал дека неофицијално Ракометниот сојуз на 18 те Фарски острови има регистрирано околу 5000 ракометари. Бројка за респект, аналогно на тоа во Македонија би требало да има 200,000 ракометари !?

ФОТО ЕХФ kolektiff

Сега малку и за нашите. Прво за селекторот. Јасно е дека тој се претстави во две различни светла. Првото прилично успешно, во квалификациите. Па така, Македонија под негово водство успешно ги мина сите пречки досега, Квалификациите за еуро 2022 и 2024 како и двојниот бараж за светско 2023 кој беше со исклучително тешки противници. Од друга страна пак настапите на Македонија на овие смотри беа прилично неуспешни, со еден куп порази, и победи само во президент купот и оваа последнава на еуро 2024 против Швајцарија. Ако пак земеме в предвид дека тезата после Кире (како играч) Македонија ќе исчезне од ракометната карта, тогаш под површината излегува една друга теза. Тезата дека Кире Лазаров, успеа да ја задржи Македонија далеку од длабокото, притоа вршејќи ја долго очекуваната промена на генерации. На крајот ќе додадам дека тој вклучи голем број на играчи од кои веќе полека се надзира и новата визура на Македонската ракометна селекција.

На тема играчи просtо ќе истрчам со првата постава и замените кои јас би ги користел.

На голот Митревски, во состав и Томовски и Кизиќ, знаејќи дека голманот е 50% од тимот, би имал повеќе опции барајќи го најрасположениот. Лево крило Атанасијевиќ, ќе ми покрива и двојка во одбрана, лев бек Кузмановски, на плеј Марко Митев, десно Јагуриновски, крајно десно Костески постариот. На црта кога ќе брзаме Мечка Лазаревски, а кога не Пешевски. Него во одбрана ќе го менувам со Аларов и Карасманакис. Освежување на трупите во ликовите на Талески и Серафимов, по потреба и малиот Митев како фактор изненадување.

Состав од играчи кои имаат нагорна форма во своите тимови, предводени од препородените Кузмановски и Пешевски од Пелистер, кои покажаа заби низ игрите во Лигата на Шампионите.

Под дејство на хедонистичкиот викенд, за еден од најголемите христијански празници, а испровоциран по незнам кој пат од тн ракометни букмејкери, повикувам на мобилизација. Кладилниците ни се смееат в лице со поставените коефициенти, ајде да ги урнеме ! А нема да ни биде прв пат, знам!

В среда на далечниот север, Македонската ракометна експедиција, треба да покаже став и каратер и да ги постави работите на свое место.

Напред Македонија !

08,05,2024 Торшван Фарски острови 20,00 часот (незнам дали и острови треба со голема буква да ги пишам?)

Фарски Острови против Македонија, прв меч од баражот за светско првенство 2025 година.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...