Фото СЕХА Лига
Задар е најстариот град во Хрватска. Втор по големина во Далмација и 5 ти во Хрватска.
Одалечен е околу 1000 километри од Македонија, нешто помалку ако се користи патот покрај Јадранот.
Вистинското прашање кое не мачи деновиве, а за кое ќе добиеме конечен одговор до крајот на неделата е колку се далеку Вардар и Пелистер од Задар?
Судејќи по настапот на струшкиот, но делумно и по говорот на телата на некои од клучните актери во Скопје и Битола, Задар е дааалеку ….
Во Скопје работите одамна не се како што беа. Одлична екипа, здрав спонзор, верна публика, Лига на Шампиони, скалпови на нај јаките, ракометна треска.. Ништо од тоа не остана. Верувам дека во Јане нема да има повеќе од 500 најверни овојпат. Но Вардар сепак има една многу сериозна постава во моментов. Со Томовски на голот, кој расте од сезона во сезона, врвниот Манасков кој допрва ќе го видиме во вистинско светло, одличните Ѓеоргиевски и Џукиќ на десно крило, Талески кој експлодира, Столе капитенот натоварен со искуство ко александриска библиотека со текстови, Цврстиот Куни и Карапалевски на центар кој се некако чекаме да блесне, Вардар има една ротација за респект. Проблемот почнува кога некој од овие треба да одмори. Мишевски кој долго време е на сцена никако да не убеди дека е на право место, Вардар на средина нема сеуште план Б. Десно и Савревски делува безопасно и преспоро, се чини само на пикер Лазаревски и Атанасовски можат да дадат нешто во двата правци.
Следната енигма е и клупата, Владо е исклучително млад како тренер и допрва ќе може да ги видиме резултатите од неговото чиракување годиниве.
Со натажен лик мора да признаам дека хрватите се апсолутни фаворити, но Вардар е шампион и ако така се однесува надеж сепак има !

Во Битола работите стојат сепак малку поинаку. Тие и покрај за нив неуспешната сезона во борба за титула во Македонија напредуваа многу. Се ослободија од извесен баласт во ликот и делото на Бабиќ, но како што покажаа верните Чкембари во Струга и од Стипета. Промените играчки се драматични, ги нема носителите од минатите сезони, но духот како да е сеуште жив. Новаците сега се свесни за битолското ракометно општество, за товарот и одговорноста која ја преземаат. Со комплетно нова бековска линија, нови пикери и нов одличен голман, систем на клупата, наместо погледи кон небото, Пелистер секако зачекорува во нова ера. Сери и Хосни покажаа многу во Струга, Лесјак најдобар голман, Жаре МВП, Танковски зема воздух, колку време ќе го задржи е прашање, ако го вклопат и последнодојдениот Суси, можеби Битола и да не е така далеку од Задар.
Во Битола има уште адути, салата очекувам да биде преполна, атмосферата е врвна, клупата на битолчани многу посериозна. Дел со искусни а дел со младите кои покажаа дека можат да гризат.
Иако Пелистер сеуште нема победа против белосрусите, иако сеуште не сме сигурни како ќе игра овој реновиран Пелистер, размислувам за единица фикс !
СЕХА која делуваше дека е во кома, покажува знаци на живот. До кога не се знае.