Безвременскиот хит на Енди Вилијамс, (мене лично верзијата на Ширли Бејзи ми е фаворит) на едно скопско радио, ме затекна во подготовките за натпреварот со Веспрем.
Од друга страна пак насловот на шпанска МАРKA, за убиецот на џиновите, ми создаде еден пријатен микс на спомени, чувства и очекувања.
Вардар е на крстосница, тивко како и многу други работи во Нашата Земја, се одвива процесот на одредување на иднината на скопски Вардар. Не можеме ниту да претпоставиме во кој правец ќе плови двократниот европски шампион. И колку и да е се шпекулација, и да зборуваме за врвни професионалци, несмееме да заборавиме дека сепак сите и играчите и стручниот штаб се луѓе од крв, месо, емоции, надежи…
Па еве ќе почнам од моментот дека на голем дел од играчите во моментов договорите не им се продолжени, со дипломатски речник преговорите се во тек и недостасуваат само неколку детали. Во таков контекст, дополнет со саботната ситуација на трибините, како од едно минато време, за кое сите ние мислевме дека е така далеку позади нас, Вардар се доведе на чекор од губење на титулата во домашното првенство. Да ќе рече Давид ова е друго натпреварување, но и неговиот договор е на 6 месеци! А по онаа нашата охридската, губењето на титула дома “знајме шо повлеквит !”
Од друга страна, Видевски би рекол, за Веспрем нема што многу да се зборува. Европски гигант, кој секоја година има иста цел, освојување на Лигата на шампиони. Ростер пополнет до последно место со врни играчи, и се чини само неискуството на Илиќ на тренерската позиција може да создаде милиметри простор за сомнеж.
За Вардар да го помине Веспрем потребно е да се случат неколку чуда по ред:
Играчите да заборават на се и да изгинат на терен, рака на срце од малкумина можеме да го очекуваме тоа, но пак за неколкумина сме сигурни дека можат.
Публиката не како онаа од Влез Бесплатен, да ја повтори својата партија од мечевите кога ги пречекуваше Флензбург, ПИК, Рај Некар…
Давид Дејвис, чиј мотив во моментов е нај, да го активира волшебното стапче.
Судите да бидат помалку домашни.
Чартерот на Унгарците да задоцни.
Столе и Тимур да го кажат своето.
Да имаме голман со загарантирано место во иделната постава на ЛШ.
Дали сево ова ќе биде доволно ?
I have no answers now but this much I can say рече Енди на крајот на оваа епска и безвременска химна за љубовта.
На 31.03.2022 година во 18.45 часот, во култната “Јане” во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на Шампиони двократниот европски шампион, скопски Вардар го пречекува унгарскиот Веспрем.
Скопје, Македонија