Фото Кочо Сотировски
Ќе почнам од крајот. Некаде околу полноќ во Скопје пристигнаа ракометарите на Вардар. Беа пречекани од своите верни навивачи. Неколку стотина комити беа сведоци на огромната радост на вардаровите играчи. Капитенот водеше, сите останати уживаа. Уште неколкумина беа во главната улога. Куни Моралес високо на второ место, Тале Мајсторе, е новата парола.
Тимур пак, кренат на раце, комитите пееа, Тумур да остане, тој слатко се насмевнуваше.
Само пред неколку години пречеците на Вардар беа на плоштад, тие се враќаа како херои и европски шампиони.
Паралелава ја повлекувам за да ја доближам важноста на оваа победа за Вардар!
Сега сме во Битола, штотуку заврши натпреварот, играчите од двата клуба се повлекоа во соблекувалните. Малкумина пелистерци се на теренот, доаѓаат и другите… Чкембари апсолутно незадоволни, песната што ја пеаат за своите, боли
Натпреварот генерално убав, фронтален, без ризици, или можеби имаше неколку?
Се обидувам да бидам аналитичен, па издвојувам. (очекувам два телефонски повици веднаш)
Мојот омилен агроном, кој не ми е така високо на листата на омилени ракометни тренери, е прв на списокот. Не така ретко го прозивав дека премалку шанса дава на играчи како Танковски, Кукуловски на пример. Па така тој иако притиснат од повреди во составот, пред се на исклучително важниот Периќ и не помалку важниот Табоада, главната улога во филмот “Вардар мора да падне” му ја додели на Марио Танковски. Лош кастинг дефинитивно. Не дека Марио не ми е една од скриените надежи за на среден, не дека тој изигра катастрофално лошо, едноставно тој не е дораснат за таа улога. Марио изигра подобро од било кога, постигна неколку голови, имаше и асистенции но едноставно данокот на неиграње долго време на важни утакмици го натера да направи премногу грешки. Крив е Бабиќ и точка.
Ризикот од губење, преголемиот притисок врз екипата, овој истиов решил да го амортизира во Струга?! Да ги опушти играчите и да бидат подалеку од своите најверни навивачи!? Уште на загревањето бледилото на лицата беше на зелено белата страница. Тие во целиот натпревар имаа само едно исклучување, а борбата ја водеа двајца тројца.
На критиките кон Бабиќ се приклучи и човекот од чаршијата ама со иронија, цитирам, Добронамерна препорака за клубот кој ќе го ангажира Бабиќ за во иднина, да побараат од соодветните институции, минимум 5 тајм аути за својата екипа. Затворен цитат.
Битолчани беа разочарани од нивото на залагање на своите, пред се на звездените. Мандалиниќ, Периќ, сметаа дека ако може капитенот на Вардар со една нога, требало и нивниот каков таков и така ќе си оди мора да е со штитот не на него …
Во домашната сквадра преодни за Секељи, дефинитивно ќе ми фали тој ладнокрвен мајстор на својот занает, Обрадовиќ кој како робокап размонтиран гинеше на теренот, Марковски не разочара донекаде и Граџан. Премалку.
Црвено црните пак дојдоа многу поподготвени од колку во првиот дуел. Притисокот успеаа да го префрлат врз домаќините. Мојот шпански кандидат за Хогвартс, го извозе целиот натпревар без тајм аут, шегата беше дека може да му викне еден на Бабиќ на крајот!
Вардарци криеа неколку адути, можеби и ризикуваа, но им се исплатеше. Имено иконостасот преостанат во дворите вардарови беше начнат. Столе хронично од годините поминати по фронтови, Тимур акутно, повредата на задната ложа пред неколку денови и до некаде и хронично од непрестаното играње без замена, но и ментално од статусот кој не го заслужи во својот Вардар. Двајцата под засилени третмани од кој еден и во зоната на верувале или не, кај чудотворката од “Београд”.
Бројот на домашни играчи, исклучително важни по мене во вакви престрелки, башка и со шамионски корени, кај Вардар многу поголем. На голот Томовски присутен, Борко кога треба авторитативен, Талески разбуден од доаѓањето на Кире и Давид. Џомба по незнам кој пат рутинерски, Тимур е македонец со години, не заборавајте, Столе, што да се каже за него. ЧОВЕЧИШТЕ, еве 6 од прва постава набројав?
Едноставно како и да се движеше резултатот, црвено црните ја имаа контролата. Тимур по натпреварот испрати порака Никогаш не потценувај Шампионско срце. Пораката на легендарниот Руди Т, НБА коуч со балкански корени прекрасно се вклопи во вчерашниот спектакл.
Кај Вардар очигледно безмалку се функционираше по планот. Давид изјави дека ништо не го изненади ниту од играта ниту од играчите.
Јас пак сум пресреќен што Македонија имаше ваква ракометна сезона. Предвидував тектонско поместување како план Б, но Пелагонија синоќа мируваше. Впрочем Скопската котлина е трустно подрачје.
Да да, тука ги очекуваме големите вести. Михајловски успеа во намерата да го сочува Вардар, успеа да ги одржи будни и тие кои си одат од Вардар, но за Вардар најважното допрва претсои. За три кола ако нема некоја катаклизма, Вардар ќе ја добие повторно позицијата во елитната Лига на Шампиони. За таму ќе му требаат Столе, се надевам Тимур, сакам Давид, но и многу многу други, борци со шампионско срце.
Во Битола, во одлучувачкиот натпревар за Шампион на Македонија на 1 ви мај
Еурофарм Пелистер 23:26 Вардар 1961