Плитката одбрана на почетокот на натпреварот и неколкуте успешни реализации делуваа како бајка. Реализацијата делуваше сериозно, но неколкуте изгубени топки помалку збунувачки.
Добро, велам прв натпревар е, нова е екипата, очекувано.
Следуваа измешани емоции. Првите 7 погодоци ги постигнаа македонските момци а за мене поубав почеток неможеше да се напише.
Ларс Валтер добро ги прочитал, ги знае данските карактери. Но полека почна нешто да штека. Промашени пенали, топка во аут, лоши додавања и на сцена стапи скандинавската кавалерија. Рака на срце во главна улога, мојот финец, кој всушност бил човек од Фарските острови и набрзо наместо кочија и коњи, гледавме глувчиња и тикви.
По старата добра, а за нас лоша, навика, кога македонски тимови губат ракометен дуел, најистакнат поединец кај противникот е голманот. Па така викингот со топла крв, во еден момент имаше над 40% одбрани. Што всушност се случи?
Дали зелените не беа добро физички подготвени, чаршијата румори за повредени играчи, дали не беа добро ментално подготвени, дали како што Вујо за Вардар бараше време, им недостасува време да се уиграат, дали Ларс нешто погреши?
Многу прашања малку одговори, за среќа Лигата е долга и има многу натпревари па еден пораз не значи ништо, напротив доаѓа во најдоброто можно време.
Од впечатоците издвојувам, Кизиќ од клупа секогаш прави разлика, ако статистиката на ЕХФ е точна, тој е на фантастични 50% одбранети удари. Голем број на головите ги постигнаа македонските репрезентативци од потесен и поширок список, статистички 59% или 16 од вкупно 27. Дуото Аир Струга, Костески-Кузмановски, со мали отстапки одлично. Малиот Атанасијевиќ уште еднаш покажа што значи храброст, дрскост и решителност, за него следи брусење и сметам светла иднина.
Што ми пречеше, премалку Пешевски во игра, а знаеме тоа го прави малку нервозен и неефикасен, многу соло решенија, а нели скандинавски систем ќе се игра. Катастрофално враќање во одбрана, многу малку домашен ќотек, данците впрочем како да беа на Широк сокак на кафе а не на ракомет. Во еден момент како да беа браќата Њокас на терен па топки летаа на сите страни ! Недостасуваше учинокот од бековите легионери.
Lars, vær forsigtig!
Ларс, бидете внимателни, Вашето столче е навистина жешко. Таму гореа веќе неколкумина. Времето до вторник и гостувањето брзо ќе помине. Доколку се вратите со победа се ќе Ви биде простено !
Во Битола, градот на Конзулите, во Македонија
25.10.2022 ЕХФ Лига Европа
Еурофарм Пелистер-Скандерборг Архус 27:30