Сметав утрово дека кошмарите ноќешни не се последица на ракометот. Барав причина во децата, па ситуација на работа со едно Кангу, можеби лошата серија сарма, руска, домашна…
Сепак до ракометот е.
Сакав барем една победа, а и сметав дека сепак имаме капацитет. Но суровата реалност, која Каменица ја прогнозираше, ракометните кругови ја наслутуваа, стручниот штаб срамежливо обзнани дека ја анализирал, РФМ се обиде со премија да ја разбие, е тука пред нас. Во моментов не сме конкурентни !
Никогаш не сум ги сакал нападите и обвиненијата, дрва, трупци, одете си. И сега стојам на ставот, три пати мери еднаш критикувај. Во понеделник ќе ја снимаме последната епизода од серијалот Македонија на Европско и да, тоа беше првото од можните дури 3 сценарија кои ги подготвивме. Ќе гостуваат Иван Марковски, Горан Ѓоргоновски и Дарко Петровски. Ќе разговараме трезвено вклучувајќи ги сите аспекти од ракометното милје.
Еве сега нафрлам…
Немаме доволно играчи кои настапуваат во врвни клубови, играчите кои доаѓаат од мак клубовите не се доволно психолошки па и технички и кондициски подготвени. Стручниот штаб ни е исклучително млад, Лазаров е на клупата помалку од една година. Повредата на Манасков и короната на Стоилов сериозен недостаток. Прволигашките таленти далеку од европскиот минимум. Повторно немаше искри на теренот…
Ако сите се согласивме, всушност не баш сите, ама овој пат ќе се обидам да ги убедам, дека ќе им даддеме време, време е да им дадеме време.
Оваа репрезентација од која полека но сигурно се повлекуваат нашите легенди, очекувам за Миркуловски дефинитивно да биде последен настап, треба да ја истрпиме. Треба да почекаме системот кој се создава, да созрее, преку него и клупата и играчите. Тие самите да бидат по дрски, или како што вели мојот омилен NFL коментатор, “Самодовербата да биде на граница на Ароганцијата”. Да се борат за минутажа во своите тимови. Ширината е сепак во многу млади и талентирани играчи кои допрва ќе се градат. За мотивација еден момент во рана фаза и можеби и тотално небитен, но на листата на стрелци во моментов води Микаел Хансен од Данска со 18 погодоци, втор е Цветан Кузмановски од Македонија со 13 погодоци.
Така некако прилично резервирано и со доза на голема трпеливост ќе го затворам овој пасус. Последниот ќе го посветам на армијата македонски навивачи. Едноставно неуморни и желни за успех. Колку се тие терет за противничките тимови докажа една “шупелка” маалски кажано, која синоќа на најпрост можен начин ја демонстира својата фрустрација.
Марко Ласица ти си Persona non grata во Македонија.
В понеделник е последниот натпревар против моќната Данска. Сакам да го видам младиот македонски тим на теренот без калкулации. Момци борете се, дадете се од себе, Македонија е со Вас и покрај се !
Инаку всушност текстов е осврт на поразот на Македонија во второто коло од европското првенство, од Црна Гора 28-24.