Фото РК Еурофарм Пелистер
Пелистер е ракометен Шампион на Македонија.
А ракометната сцена, со поинаква сценографија, со нови ликови во главните ролји, нови режисерски имиња.
Титулата беше освоена во Битола, на сите им беше јасно дека ерата на Вардар заврши. Просто некако природно се поставуваа работите. Во обид да ги прогнозираме и предвидиме настаните, што е една човечка особина, отприлика го видовме развојот на настаните. За голема радост на Битолската публика, делот со играњето ЛШ во Скопје најверојатно нема да постои. Доколку Општината во соработка со клубот успеат некои елементи да искорегираат, голема е веројатноста Барса, ПСЖ и останатата европска ракометна менажерија, преку Охрид да пристига под Пелистер. Време има малку и мора веднаш да се почне со подготовките.
Втора тема, а исто така важна, жешка и тешка, ќе биде составот со кој Зелените ќе излезат на терен во следната сезона. Она што остана не е ни од далеку доволно за предизвикот наречен ЕХФ ЛШ. Во наредниов период со нетрпение ќе ги очекуваме информациите за новите имиња.
Несмее да не го споменеме и денот кога Битола обоена во зелено ја славеше титулата со натпревар, дефиле по Широк Сокак и целовечерна забава. Заслужено !
Вардар, е посебна приказна. Жртва на сопствениот успех, отфлен од сите, анатемисан како вмровско руски проект, кој ја слави македонштината, која на актуелниот апархејд му е кактус во око. Дали судбината е запечатена и на Вардар му се одброени деновите, дали суетноста на спасителот е налик на онаа која го донесе Металург во бездната, дали има надеж или просто Расадник му е суден за да се врати онаму од каде што тргна, навистина незнам.
Тажно е Вардаровото сценарио, а сонце на повидок нема.

Фото РК Вардар 1961
Дека пак и со ракометот може да се биде општествено одговорен, да се прави промоција на својот бренд, да се поддржи спортот, да се инвестира во младите, па притоа да се бележат и успеси, доказ е РК Алкалоид. Оспоруван од многумина, иако често од необјасниви причини, пред се навивачки обоени, во само неколку сезони со сериозен план и програма, со ангажирање на квалитетни ракометни работници и ракометари, успеа да постигне одлични резултати. РК Алкалоид во два наврати успеа да го победи Шампионоит Вардар и да покаже дека успехот не е случаен.
РК Алкалоид предводен од Кирил Лазаров го освои второто место во Македонската Супер лига, а вториот клуб РК Мулти Есенс предводен од Бранко Ангеловски го освои првото место во Првата лига и обезбеди директен пласман во Супер лигата. Зошто Бранко беше сменет на крајот на успешната сезона, е нејасно, но таа мистерија заедно со уште неколку поврзани со Вардар и Пелистер секако ќе не држат будни летово кое предстои.

Фото РК Алкалоид
Во периодот на големите тектонски поместувања на Македонската ракометна сцена, едно е јасно, губитници се Металург и Вардар, а добитници Пелистер и Алкалоид.