Годината која полека изминува сепак изобилуваше со ракометни настани иако на почетокот и не изгледаше дека ќе биде така.
Ние селектиравме 4 имиња од македонската ракометна сцена кои оставија белег. Ги претставувам без некој посебен реодслед.
Прво голманот на Порто, и на репрезентацијата на Македониија, Никола Митревски Никуч.
Никола е роден на 3 Октомври 1985 година во Битола. Кариерата ја започнува во битолски Пелистер и од таа 2005 та до ден денес во секоја своја сезона за секој свој клуб бил пријавен или настапувал во европските купови! Интересен податок.
Никучот го издвоивме од проста причина што тој едноставно направи разлика и блескаше на голот на Порто и во домашното првенство и во Лигата на Шампионите. Никола долго време беше дел од македонската ракометна репрезентација но некако беше во втор план. Неговата посветеност, трпеливост и скромност беа клучни за достигнувањата кои сега тој ги бележи. Со својот стил, енергијата и страста треба да е пример за многу млади голмани.
Никола би го издвоил и како пример за младите нестрпливи генерации, кои очекуваат успех веднаш и сега. Играчи кои не сакаат да седат на клупа и да бидат резерви, играчи пред кои суетата создава големи пречки. Тој е тивок и посветен на својата работа, трпелив и верувам дека и по крајот на својата голманска кариера доколку се посвети на тренерската работа ќе биде злато вреден!

Кире, Кирил Лазаров, ракометна величина. Десен бек во Нант, но и во Македонија, селектор на ракометната репрезентација на Македонија, роден на 10 мај 1980 година во Свети Николе.
Македонскиот Том Брејди, ја издаде својата автобиографија. Браво. Сподели многу информации за себе, но и остави траен запис, сведоштво и учебник за следните генерации.
Препорачувам да биде задолжитена лектира уште во првата година на Спортските Академии и Фискултурни училишта. Кире не само со своите игри но и со своето однесување го заслужува местото на нашата листа.

Е сега третиот и четвртиот ми доаѓаат некако како Бетмен и Робин. Со огромна буџетска разлика се разбира.
Иван Марковски, уште еден битолчанец, но на позиција крило е роден 3 септември 1976 година. Неговата богата играчка и репрезентативна кариера не траеше така долго. Но тој набрзо потоа влезе во тренерските води.
Златко Јанакиевски, Злате од кеј, е име кое секој малку посериозен спортист во Македонија го знае, бил кај него на подготовки, и го памти по многу пот. Роден на 18 февруари 1958 година во Скопје и работел со безброј клубови и репрезентации како кондициски тренер.

Е сега зошто ова дуо се најде на листата?
Некаде во март 2021 година тие двајца пристигнаа на бродот од автокоманда кој тонеше побрзо и од Титаник. Тој брод ниту капетан имаше ниту кормилар, па црната судбина беше неизбежна. Оставени на милост и немилост од сопственикот и од спонзорите, групата играчи, тн управа и овие двајца суперјунаци имаа пред себе невозможна мисија. Да го сочуваат угледот но и да го сочуваат тимот. Јавна тајна беше дека во Металург пари нема, па беше потребна магија за да се задржат и мотивираат играчите.
Така започна една од можеби најтажните но и најхеројски приказни во македонскиот ракомет. Во полусезоната успеаа да го кренат клубот на нозе и да го освојат високото 4 место кое им донесе пласман во Европа. Следната сезона ја започна Металург сензационално носејќи атрактивни засилувања, но приота губејќи еден куп играчи кои веќе несакаа да бидат дел од клубот. Па така откако дел од засилувањата не ни заиграа и глувците почнаа да го напуштаат бродот, нашиве суперхерои созададоа вистинска збрка во ракометната јавност.
Тие имаа екипа на располагање најчесто со 3 пикери, 3 голмани, две три деца, пар збунети странци и двајца ветерани. Па така за првпат во историјата на ракометот видовме комбинации во кои екипата напаѓа со 3, со зборови ТРИ, пикери, без бекови или со еден, комбинации досега ниту видени ниту чуени.
За сензацијата да биде уште поголема, тие безмалку редовно беа во позиција на штрајк па и не тренираа редовно.
Она што имресионира кај овие двајца наши супер јунаци е пронаоѓањето на решенија кога нив ги нема, мотивирањето на екипата која неможе да се мотивира и одржувањето на перфектната физичка подготовка во услови кога играат без измени, а на натпревар гледате двајца нивни пикери први во контра. На семафорот е 53 та минута во тек.
Мојот поклон !
Скопје, Македонија, 28.12.2021