Ракометен триптих

Во два дена имавме прилика да видиме, неколку во најава интересни дуели. Дали навистина беше така?

Ракометната женска репрезентација на Македонија по мнооогу долг период има прилика да се квалификува на големо натпреварување сама. Исклучително важен циклус за враќање на довербата во женскиот ракомет и уште поважно за отварање тема Професионализам.

Шокантно беше да се слушне излагањето на Мојсовски на собранието. Тие не давале поголема поддршка на женските клубови бидејќи биле аматерски ?!?!? И сега ? Можеби е најдобро да ги затвориме а?

Искрено од оваа држава не ни очекував сериозен одговор.

А тие, девојките предводени од една исклучително харизматична ракометна фигура, Кристијан Грчевски и светски познатата двојка на клупата како помошници, Аморим и Алтхаус, првово поглавје го одработија за чиста петка. Фактот дека екипата на Азербејџан делуваше како група жени дојдени на осмо мартовска екскурзија во една древна земја, секако не ја намалува нивната мотивираност, ангажираност и посветеност. Пеењето на националната химна, одлуката да се игра во малата сала во Јане како и селекцијата на ростерот само ја надополнува убавата слика за овој нов старт. За неколку дена е гостувањето во Литванија и доколку а така личи, црвено жолтите се вратат со победа, со една нога сме на европско.

Вториот дуел кој го окупира нашето внимание беше дербито Алаклоид Тиквеш. За жал нит видовме дерби, нит видовме добар ракомет. Со тага се присетивме на дуелите во оваа иста сала кога две водечки Македонски екипи, го тресеа тлото, од жестина но и квалитетен ракомет. Ако имаше тема за создавање на конкурентна петка од тимови, пресекувам и велам ништо од тоа. Остануваме на тројка и таа под знак прашалник.

Ако од една страна сум задоволен од перформансот на нашите млади сили во големата тројка, имам две забелешки за фармацевтите. Имам и за другите, Вардар и Пелистер, но денеска ќе останам во Автокоманда и Битола.

Прво, огромниот број на повредени играчи, со сериозни повреди зборува дека нешто со тренажниот процес не е како што треба. Дали станува збор за претренираност, лоша теретана, или нешто друго би сакал да чујам одговор од компетентни експерти. Вториот момент го носи на клупата нашиот GOAT, Лазаров. Не ретко се добива впечаток дека комуникацијата со играчите, начинот на кој им се обраќа и нивниот говор на тело од друга страна, е преагресивен. Дали Кире применува одредени техники кои ги купил низ својата богата кариера или едноставно е нестрплив да види прогрес, ќе ни покаже времето. Од трета страна пак и ракометната чаршија во својата кујна веќе има доста подготвено. Очекувам шпекулациите од менито ова зимо да излезат на маса.

Разочарувањето пак од во случајов Тиквеш е и од една сосема поинаква природа. Впрочем е прашање, зошто воопшто се трошат пари за ангажирање на странски играчи. Тим со профил на Тиквеш, ќе го додадам и Охрид, па понатаму и Прилеп итн, кои имаат амбиции влез во плеј оф, никако напад на титула или куп, да вложува во третокласни странски аквизиции? Низ прост пример, “ѕвездата” од Крагујевац, му ги јаде немилосрдно минутите на еден Македонски бисер. Имавме прилика да го видиме едвај десетина минути, но Шулевски за Симиќ е талент и секако наша голема надеж.

Во тој контекст ќе продолжам, ама од ракурс на Широк Сокак и ќе дојдам до третиот натпревар. Повторувам, Костески за Радивојевиќ е Абало.

И рака на срце иако Тајник изигра коректно синоќа, Марио и те како заслужуваше минутажа во еден ваков прилично ревијален но сепак натпревар од висока класа. Што се смени кај Јовиќ, па од големите планови за голема минутажа на Македонските играчи се сведовме само на еден и пол, не знам. Од Петар, Павле, Емилијан ни трага ни глас !?

Во Битола пак сме сведоци на еден нов тренд, задоволство од порази ! Дали публиката се измори од критикување, дали дел од нив и кренаа раце или е нешто сосема трето? Као и да е, повеќе од јасно е дека Пелистер сезонава тешко ќе може до бодови.

Времето немилосрдно тече, промени на повеќе нивоа се неопходни.

Кон победите на Македонија со Азербејџан, на Алкалоид со Тиквеш и на ПСЖ со Пелистер

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...