Фото РФМ
Очигледен беше напорот на РФМ, за промоција на европското и анимација на јавноста за врвниот настан што се случува во Македонија.
Со мали забелешки околу иконографијата, на главниот град, посветена на европското, која ја немаше, РФМ преку социјалните медиуми, кои беа безмалку преплавени од вести поврзани со европското, ја вршеше промотивната кампања. Изјави од видни личности, медиа настани, попуст за билети, гратиси преку федерација и за мое големо изненадување салата на натпреварите на Македонија беше пристојно пополнета. Да евидентно беше дека добар дел од публиката и не е ракометна но впрочем тоа е и задачата, промоција на оваа прекрасна игра.
Во триптихот кој спонтано се создаде, имајќи впредвид дека нашата прогноза беше јасна, три порази, во кој бркаме некој под десет разлика (што всушност и се случи, со Франција на граница и со Романија под 10, што значеше своевиден успех според нашата анализа) се обидувам да објаснам неколку клучни моменти.
Во првиот дел се осврнав на спортистите и верните навивачи, во вториот го кренав малку повисоко тонот кон институциите на системот , а во третиот сакав да пишувам за пошироката јавност и медиумите.
Сакав да пишувам за тоа како денеска е поинтересна вест кога девојката на Роналдо ставила вештачки нос, од веста дека некое момче или девојче од Олимпик станало европски шампион во карате. Сакав да пишувам дека веста за разделбата на Пике и Шакира е многу почитана од веста дека нашите кајакари настапуваат на светски куп. Дека … можам да набројувам до бескрај !
Сакав да пишувам за спортската критика и анализа, синтеза на податоци и аргументирано предвидување ( хм на оваа тема скоро и да не најдов текст), сакав да пишувам за темелните анализи по завршените натпревари (данската телевизија имаше инсталирано студио во сите 4 сали во кои се игра европското), сакав да пишувам и за отворените студиа на МТВ, за илјадниците коментари на подршка социјалните мрежи, но и за илјадниците погрдни критики упатени кон девојките и селекторот.
Но решив резимето да биде кратко и јасно во неколку чекори :
Македонците се добри домаќини!
Македонците се грижат за своите деца!
Најголем број од публиката не ја разбира ракометната игра!
Огромен број на Македонци сметаат дека нема потреба да одат на натпревар на кој е судено неговиот тим да загуби!
Ракометот е родово дискриминиран спорт, се прашувам колку публика ќе имаше ако во Скопје играа Франција и Холандија, мажи, или пак ако тоа беше фудбалски натпревар?
Слабоста во горебараната анализа и синтеза, помалку и дедукција, на просечниот гледач се очигледни, мене ме загрижува што такви симптоми пројавуваат и малку надпросечните гледачи и набљудувачи.
Ако нешто драстично не се смени во начинот на финансирање на женските клубови, во организацијата на лигата и во квалитетот на клубовите и играчите, веројатноста да ја гледаме Македонија на некое следно европско е помеѓу 7 и 9 %.
Македонија се сака и кога победува и кога губи !