Вардар перфектен на теренот, потфрли на трибините

Полупразниот „Јане“ виде час по ракомет од Вардар, но и сериозен аларм за амбициозниот Охрид

Македонската ракометна Суперлига фати залет. Петтото коло вчера се затвори, а ние, во досегашниот тек од првенството, видовме два дерби дуели. И, како куриозитет, во двата учесник беше тимот на Охрид.

Имаше уште дузина дерби дуели од вториот и третиот ешалон, кои за мене се особено важни за следење и анализирање. Таму играат младите македонски играчи, таму добиваат шанса да се развиваат и да созреваат.

Сè на сè, првенство на контрасти. Од врвни екипи, развојни проекти, (не)употребливи странци и преплатени домашни играчи. Дополнително, во последните две кола видовме и екипи кои каскаат со организацијата, меѓу кои ги издвоивме дуелите во Куманово и Прилеп. За тоа, подолу во текстот.

А сега за супер амбициозниот проект од Охрид, тимот кој во првото коло беше тој што одигра подобро (за око) и беше, оправдано, незадоволен од освоениот бод против Битолчани, но и тимот кој синоќа во Скопје удри во ѕид.

Ракометен ѕид.

И ќе му треба време и памет да си дојде при себе. За разлика од ова второто, за првото тимот, стручниот штаб и управата немаат доволно простор, затоа што многу брзо во Охрид доаѓа уште еден клуб кој сезонава ја игра „така-така“, иако сè уште не се судрил со (нај)големите ривали.

Алкалоид немаше ривал по мерка во првите пет кола, но, од она што го видовме во регионалната лига, а особено од она вчера против Тиквеш, прашање е како ќе функционира тимот на Лазаров оваа сезона.

Мојата намера не е да ги омаловажувам Кавадарчани, особено што на клупата имаат тренер кој знае да создаде атмосфера и да направи почва играчите да „гинат“ за себе и за тој што ги предводи од клупата. Тиквеш има добри резултати сезонава, ако го изземеме сегментот Европа, каде нашите екипи и немаат некој особен мотив да продолжат понатаму, имајќи предвид дека европската куќа нема навика или практика финансиски да наградува успех и висок пласман.

Дали е оправдано тим од Луксембург да те елиминира, е тема за дискусија. Но, ако Тиквеш, а претходно и некои други екипи, „излетале“ од европските купови несакајќи, тогаш ние сме во заблуда кога зборуваме за некаков квалитет во „најдобрата лига на овие простори“.

Да се вратиме на Охрид и дуелот синоќа во „Јане“.

Дерби пред полупразни трибини, како аларм дека работата, во однос на интересот и фанатизмот кон тимот со црвено-црна боја, е сериозно дискутабилна. Никој не може да го оспори тоа што се случуваше во ЛШ против Нант, во однос на преполната сала, френетичните поддржувачи и играта за секоја пофалба.

И толку.

Но, што е со љубовта кон тимот кога доаѓа конкурент (барем на хартија) на шампионот во домашното првенство, ќе оставиме да процени публиката.

Вардар, со сè што прави изминатите две сезони, заслужува повеќе од скопската публика, но прашање е дали, настрана од спортскиот дел, прави нешто повеќе за да анимира публика која ќе го следи постојано.

Да се вратиме на синоќешниот дуел, кој личеше како игра на мачка и глушец, иако прогнозите кажуваа дека треба да очекуваме многу понеизвесен дуел.

Тимот на Иван Чупиќ, со супер гранитна одбранбена зона и хируршки поставен напад, не му даде шанса на Охрид ни да помисли дека може да „чепне“ бод во Скопје.

Во речиси комплетен состав, со Мечка и ракометниот Сократес во тимот, Чупиќ имаше многу поширока ротација, имаше сериозно мотивирана екипа, играчи кои постојано се трудат да ја оправдаат минутажата, имаше фокус, дисциплина…

Иван Чупиќ покажува и докажува дека изборот на играчи му е комплетно оправдан, покажа дека знае да ја држи „уздата“ и покажа дека нема комплекс на ниска вредност и не дава попуст за кој било играч, па макар се викал Јака Малус и имал статус на ѕвезда на тимот. Го видовме тоа, ние кои бевме во „Јане“, на два-три пати, кога Чупко, оправдано, „бришеше патос“ со „принцот од Јане“, како показна вежба за оние другите, кои треба да се свесни кој е тука шефот.

Ќе каже некој, што е тоа важно за она што го видовме на терен?

Но, таквиот однос и пристап ја држи екипата „будна“, обезбедува тактичка дисциплина, одржува тензија и извлекува максимална продуктивност од секој поединец.

Вардар, од една страна, стартуваше „модерно“ во напад, со четворица играчи на бековските позиции, форсирајќи игра каде фокусот беше да се нападне Зечевиќ, кој беше дел од централниот бедем на Охрид. Оваа варијанта, со четири надворешни играчи, дава можност во еден напад, преку дуел-игра и промена на повеќе играчи од различен профил, да се напаѓа одреден играч кој е „скениран“ како недоволно квалитетен од повеќе аспекти.

Ако Сократес и Принцот од Јане се одлични во дуел-играта и технички се перфектни, Љевар и Фараонот имаат други квалитети, да „разбијат“ надвор од девет метри.

И токму таа комбинација знае да биде незгодна, носејќи го противникот во недоумица во однос на поставувањето на одбраната, длабочината на зоната и профилот на играчите кои треба да ја „носат“ истата. Фараонот, кој дојде од Кил, ги надмина нашите очекувања, особено во делот на техничката подготвеност, па и дисциплината во играта. Неговите антрополошки карактеристики не беа спорни, имајќи ја предвид земјата од која доаѓа. Мојата констатација дека „нема да донесе многу памет на таа десна бековска позиција“, засега паѓа во вода и фер е да се призане дека, засега Мохаб е погодок. Како и голем дел од играчите кои Чупиќ ги донесе изминатава година.

Во ситуација кога Малус веќе не е тема на анализа, Да Силва, како ракометен Сократес, покажа дека, покрај неговите технички карактеристики и високото ниво на спортска интелигенција, има и одлична дуел-игра.

Толку за нападот на Вардар.

Што да каже човек за зоната на Вардарци?

Јанковски и Љевар, со Лазаревски и Мохаб, делуваат застрашувачки компактно, цврсто и уиграно. На таква зона, Валах и Гогов само треба да собираат „отпадоци“ и полушутеви, што и го видовме синоќа.

Вардар играше, речиси, перфектно. Висла нека му ја мисли на 8 Октомври, пред, тогаш, сигурни сме преполн „Јане“.

ВРЕМЕ Е ЗА РАКОМЕТ – РАКОМЕТ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ

На другата страна, Борис Ројевиќ стартуваше без скапо платениот Унгарец Мате, без веќе докажаниот, а синоќа индиспониран Анте Иванковиќ и без супер профилираниот Јошида (во напад). Стартуваше „наопаку“, а противникот се набилда со самодоверба, што многу често знае да биде клучно во вакви дуели.

На сметка на тоа, видовме колку, на двата дел од теренот, барем засега не може Зечевиќ и колку беше немоќен „ѕверот од Љубаништа“, на линијата од шест метри. Не дека другите блистаа.

Едноставно, комплетна безидејност, несигурност, анемичност, статичност. Нешто незабележано кога игра Охрид, тим кој лани, на сите полиња, одигра супер конкурентно, без разлика кој е од другата страна на теренот. Долга припрема, немоќ во дуел-играта, „лош“ пренос на топка, недоволно развлекување на гранитната зона, без излоација и без јунак кој може да направи разлика во однос на создавање шанса за себе или за соиграчите.

Охрид беше до таа мера исфрустриран и немоќен што, и во ситуација 7-6 формација, не можеше да создаде позиција за реализација.

Како ретко кога во минатото, во дуел на две екипи кои се конкуренти за највисок пласман, видовме дузина напади на гостите во кои тие самите се донесоа во ситуација, буквално, да ја префрлаат топката преку зоната, со цел навремено да се вратат на својата половина.

Сè на сè, иако Охрид оваа сезона донесе многу звучни имиња во ликот на Мате, Славиќ и Јошида, а впечатокот е дека очајно недостига Јасухира, да направи ракометна минијатура и кога не оди, да го одржи тимот во игра или да го докрајчи противникот. Недостига енергијата на „Пипо, мајсторе“ да ја крене екипата и кога не оди, иако синоќа Славиќ бранеше коректно и не беше главниот виновник за поразот. Фали, на централната позиција, Реј Моралес, тивкиот „убиец“ кој ги вршеше „вакантните работи“ во зоната.

Охрид плаќа многу играчи кои влегуваат од клупа и, условно кажано, се замени на оние кои ја носат играта. Играчи кои синоќа беа додавачи и покажаа дека многу тешко можат да му помогнат на тимот, односно на Стрмљан, Иванковиќ, Јагуриновски и Мате, кога „колата ќе тргне низ брдо“.

Тоа треба да „им отвори очи“, ако до сега и самите не го заклучиле истото, но што да се прави кога македонскиот пасош во домашниот ракомет е на цена и диктира услови.

Останува надежта, како и кај Плеистерци од пред некој ден во првото коло од европските купови, дека се работи за лош ден и инцидент, кој не соодвестува со реланоста и дека истиот нема да остави подлабоки лузни врз атмосферата во тимот, довербата во шефот и најважно, врз самодовербата на секој поединец.

п.с. Дуелот во Битола е свесно избегнат од анализа, во оваа колумна. Странци на трибини, скратен ростер и јавашлук, како најава за тешката задача која (ќе) ја има Маго ди Умаго, на клупата на Пелистер. Н’танзи, со темна боја на кожата ќе треба да го организира нападот на Битолчани, да му даде на Фитиљ да игра на својата природна позиција и да ја држи тактичката поставеност на Червар под контрола?

Да го видиме и тоа чудо од играч кој од ПСЖ, преку Татабања, преку Ал Араби „слета“ на Широк сокак. Надолната линија и логиката не му оди во прилог, ама времето ќе покаже.

п.п.с. Во најдобрата лига на Балканот, публика масовно влета во терен и само една „искра“, помеѓу разочараните гостински, млади играли и истата таа публика, можеше да предизвика серизозен инцидент, за после да „лечиме наместо да спречиме“, а на друг натпревар синоќа, домаќинот реши да не ни ги прикаже последните, клучни седум секунди од натпреварот, и не остави да фантазираме во однос на регуларноста на (не)досудениот седмерец во корист на гостите.

Јбг. Ние чекавме Кочани да ни се случи за да се освестиме.

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...