Вторник каков одамна сме немале!
Во 19,00 во Автокоманда, на гости кај Алаклоид пристига Македонскиот Шампион, Пелистер. Дуел кој можеби ништо нема да реши, сигурно ништо нема да реши, но ќе постави насоки и одгатне неколку енигми.
Прво и основно, дали Алкалоид е печен за нов Шампион?
Во својата 4 та година од формирањето, со јасна визија, порака и цел, ракометниот клуб Алкалоид дојде во позиција да биде легитимен кандидат за титула. Дали само буџетот е тој што е пресуден или пак визијата, планот и системот? Совршено е јасно дека Алаклоид во моментов не е најскапата екипа во Македонија. Кога екипите не би ги криеле буџетите како змијата нозете би ни било појасно, но факт е дека тимовите на Пелистер и Вардар чинат повеќе.
Второ дали Пелистер сепак е најдобриот тим во Македонија?
Покрај сиот притисок од нестрпливата Битолска јавност и непријатната атмосфера која се движи на моменти од еуфорија до очај, што ја пласира најракометната чаршија врз својот клуб, Пелистер сепак не изгледа толку лошо. Тој во Лигата на Шампиони сепак прикажа неколку интересни натпревари, во домашното првенство пак, поразот од Вардар никогаш не треба ништо посебно да значи, знаејќи го ривалитетот и неизвесноста на сите дуели. Дали Ангеловски ги држи чврсто уздите ќе видиме денес.
И трето а не неважно, дали е можно Македонскиот концепт да го порази Легионерскиот. Со години за успех во спортот се бараат странски засилувања. Ни нашиот ракомет не беше имун. Факт е дека иако сите го сметаме ракометот за спорт број 1, реалноста е сосема поинаква.
Вложувањата од државата се само декларативни, или поточно речено го одржуваат во живот мртовецот, односно добар дел од средствата кои се слеваат во ракометот, ја напуштаат Македонија или најчесто се ненаменски потрошени. Еве зошто. Од се она што досега Вардар, на пример, го добил на име на ваучер, создал за десетина години 1, со букви еден репрезентативец. Нема своја сала, а нема ниту еден клуб во Македонија, нема школа за најмлади а младинските категории ги пополнува со збратимени клубови. Слично е и со останатите поголеми клубови. Факт е дека, талентите доаѓаат од за пошироката јавност небитни клубови, Богданци, Гевгелија, Аеродром, Струмица, Петровец, а токму тие клубови се на дното од листата за поддршка. ПАРАДОКС зарем не?!
РК Алкалоид ќе биде лабараториското глувче кое ќе ни покаже дали и како може да се создаваат играчи и во вистинска смисла на зборот ракометот да биде број 1.
Во моментов работите се менуваат, па Македонија доби министерство за спорт. Дали тие ќе ги детектираат проблемите и ќе понудат решение ќе видиме наскоро. А јас подготвувам предлог мерки и наскоро ќе ги објавам.
Во 20,45 часот во култната Јане, домот на 2 европски титули, доаѓа Порто. Тим кој пред години со задоволство сме го мачкале на леб, но работите се сменија. Па така сега црвено црните со страв го пречекуваат португалскиот тим, и навистина од оваа точка е тотална непознаница како тимот, Вардар, ќе изгледа на терен. Едно поради дијаметрално спротивните изданија во првите две кола, друго поради зачестеноста од повреди и зголемување на листата на повредени. Последнава на Борозан за риплиевата книга Верувале или не, пример кој уште еднаш јасно и гласно не опоменува сите а треба да ги разбуди пред се политичарите, а тоа е, дека прво својот двор треба да си го дотераме а потоа да одиме на гости!
До крајот на неделата остануваат неколку интересни европски натпревари. Многу важни по две основи. Прво да потврдат дека Македонскиот клупски ракомет не е само на хартија, и второ да одгатнат кој клуб со каква цел настапува.
Пелистер од една незавидна позиција да дојде до прва победа, а Алкалоид и Охрид да го потврдат пласманот во второ коло.
Да уживаме во Македонскиот ракомет !