Македонија мора да направи исчекор, но и да биде свесна за сопствената сила
Ракометна Македонија по 9-ти пат ќе партиципира на едно европско првенство. Машкиот национален тим, во друштво на 24 селекции, на крилјата на (не)реално високите амбиции на јавноста од една страна, и убава доза резервираност од страна на стручниот штаб на селекцијата на друга, ќе се обиде да ја исполни целта. А која нашата цел на претстојното ЕП?
Официјално, не знаеме. Македонија има воигран состав, играчи кои веќе неколку години со ред се на големите натпреварувања, дузина супер искусни играчи, „најдобра лига“ во регионот, буџет за исполнување на се што е планирано во однос на подготовки на националниот тим, супер победнички „воспитан“ стручен штаб…Од обезбедување место во повластен барабан, до поминување на групата, каде се наоѓаат Данска, Португалија, па и Романија. Тоа се нашите амбиции, скриени, јавно искажани или наметнати.

5️⃣-то издание на Handball Camp 40×20 Macedonia од 05 до 11 Јули во Охрид
Македонија мора да размислува на чекор напред, но мора и да биде реална за силината на противниците во групата, но и системот на ЕП.
Добредојдовте на најавната колумна на „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за претстојното ЕХФ ЕУРО 2026, кое од 15 Јануари до 01 Февруари, по којзнае кој пат, ќе се одржи во Скандинавија. Негови домаќини ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка. Ветуваме објективност, издржаност и интегритет. Посакуваме, читање до последен пасус, коментари, критики, полемики и пристојност.
Оваа колумна требаше да биде веќе „отпечатена“ и пуштена „во продажба“, но решив да почекам да заврши турнирот во Швајцарија. И не погрешив. Македонија со победнички ритам и многу прашалници (веќе) отпатува за Данска.
Три натпревари со противници од наш ранг и некое ниво подолу, му овозможија на Лазаров да испроба се што може и се што е неопходно. Добив впечаток дека селекторот, фокусирајќи се на дуелот со Португалија, со многу измени бараше постава кој ќе му даде минимум измени и конкурентност во два правци. Имајќи предвид играчите со кои Македонија напаѓа, тоа не е воопшто лесна задача.
Токму затоа, и оваа колумна својот фокус го насочува кон најважниот натпревар на нашата селекција на првенството, со желба момците да уживаат во дуелот против Данците и, пред сè, да останат сите здрави.
Да одиме со ред.
ШАНСАTA ПРОТИВ СИЛНАТА ПОРТУГАЛИЈА СТАРТУВА НА НАШАТА ПОЛОВИНА ОД ТЕРЕНОТ
Ако веќе заклучивме дека Македонија, како и на секое од претходните европски првенства, е во улога на благ аутсајдер, а ние како јавност бараме исчекор напред т.е. поминување група, кој е сегментот каде секој поголем или помал аутсајдер може да ја подобри својата конкурентност. Одговорот е во одбраната. Кога викам одбрана мислам на зоната, која треба да овозможи тактичко изненадување за противникот, мислам на борбена готовност и мотивација до крајни граници, но мислам и на интелигенција кога треба „со глава“ (не само со срце) да одговори на посилниот противник (од секој аспект). Дополнително тука, во пакет ги ставам и голманите, како нераскинлив дел од играта на „нашата половина“ од теренот. Апсолвиравме, и преку натпреварите во Швајцарија дека Македонија има солидни голмани, можеби и нешто над тоа, има искуство, има зрелост и има младост. Се е тука и се е на место. Данска ќе ја „поминат“, најверојатно Томовски и Галевски, а овој вториот би требало на тој натпревар да се здобие со дополнително искуство, во натпревар кој тактички нема да го анализираме. Ќе кажеме само да уживаат и да останат здрави сите. Затоа што тие (Данците де!) се во моментов фаворити во однос на било која селекција на планетата. Португалија ќе ја почне Митревски, кој (би требало) да ги знае своите довчерашни противници или соиграчи од португалската лига. Еден од нашите адути во најважниот натпревар на турнирот.

Спомна некој тактичко изненадување?
Лесно е да се каже, и јас стојам позади тоа дека, ако сакаме успех против противник со реноме на Португалија, мораме да имаме фактор на изненадување. Ако се има предвид дека нашата 6-0 зона се „одомаќини“, нашиот тим ќе мора да се обиде со зона 5-1 класична (плитка или длабока) или насочена на едниот или другиот бек. Ризично, имајќи предвид квалитетот на противничките играчи на „црта“, начинот на игра со изолација на една или друга страна на противникот, техничката подготвеност на бековите и дуел играта на браќата Кошта и „малиот“ Силва. Но, и прифатлив ризик, имајќи предвид дека нашата зона 6-0 (без Мечка) е доста проблематична на позиција три, па и четири во однос на дуел игра и позиција два, во однос на проигрување пивот. Џонов, Атанасиевиќ или можеби Стојковиќ се опциите за „индијанец“, но ситуацијата позади, со Маркоски, Аларов или младиот Ристески не е розова.
ТАКТИЧКИ РУЛЕТ ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ТРАНЗИЦИЈА И НАПАД НА „НЕСРЕДЕНА ЗОНА“
Резимирам во овој дел: Митревски ќе мора да даде свој импулс со „затворање“ на крилните играчи на помалиот брат од Иберискиот полуостров, нашите крила или барем тие што ќе играат на позиција 1 и 6 во зоната, ќе треба да се „дигнат горе“, да ја згуснат зоната, за таму во средината на истата да се создаде плодна почва за контакт игра, можност да се пресретне некое додавање кон Интуриза или Фраде, од страна на најдобриот млад играч на планетата, Кико Кошта, неговиот брат Мартим, кој е главна „хаубица“ на тимот или разигрувачот Силва.
Филозофски звучи, знам, но не и нереално. Ситуација која ќе ни овозможи да имаме транзиција, да го принудиме противникот да постави зона со браќата Кошта, Силва и две крила. Сериозно неповолна ситуација за селекторот Переира, но и предуслов да постигнеме „полесни“ погодоци. Португалија едноставно мора да менува минимум еден, но многу често и два играчи, затоа што ниту браќата Кошта сакаат, ниту Силва може да одигра зона.
Кога сме кај нападот на противникот, да напоменеме дека тоа е селекцијата која ја игра најдобрата 7-6 формација во светот на ракометот. Но, веројатно тоа ќе се случи само доколку мора.
Одиме со нападот.

ФОРМАТА НА БРУС ЛИ И БАЛАНСОТ СО ПИВОТИТЕ ОД РАЗЛИЧНА ПРИРОДА
Тешка задача ќе има нашиот напад против „модерните“ одбранбени играчи на Португалија. Не премногу високи, цврсти, подвижни Интуриза, Салвадор и Фраде, се играчите кои го сочинуваат столбот на одбраната на полуфиналистот од минатогодишниот мундијал. Релативно плитка, густа и насочена на чување на својот простор и играчот од противничката екипа, кој го загрозува голот, во тој исти простор. Без непотребни „излетувања“ надвор од 8 – 8.5 метри, и со доверба во човекот кој стои позади, во името на Густаво Капдевил, како единствена квалитетна опција на голот, по повредата на Диого Рема.
Селекторот Лазаров, свесен дека, во отсуство на Лазаревски (не е сега време да се дискутира зошто Мечка не тука), Пешевски е единствениот играч на линијата од 6 метри кој прави разлика во моментов, дека Пеше е проблем сам по себе за секоја зона, но и дека истиот тој „го немаме“ во нашата зона, бараше решение на „помало зло“. Младиот „Цар Самуил“ Ристевски конечно е на големата сцена и видовме дека, барем на подготвителните натпревари, доби сериозна минутажа, како решение кое може да покрие два правци. Истото важи и за, некоја година, поискусниот Марко Стојковиќ, кој треба да овозможи игра без или максимум една измена. Можеме да очекуваме Лазаров да стартува со еден од двата млади и високи пивоти, а во даден момент да се користи Пешевски.
Сепак, најважно за нашиот напад е формата, после повредата, на Марко Митев. Очигледно е дека со секој натпревар е се подобар, но и дека е сеуште далеку од оној ракометен „Брус Ли“, кој може(ше), сам против сите, да добие натпревар. Зборуваме за Митев кој прави разлика, дуел игра еден на еден, многу важна во денешниот ракомет. Храбриот Марко, дрскиот Марко, луцидниот Марко, од кој полза ќе има и тимот. Особено Кузмановски, на кој нема да остане целиот товар на правење разлика во играта, потенцијална ситуација на нервоза и извор на технички грешки. Десната страна, со Серфимов и Велковски, не е чудотворна, но знае да „испрати“, реализира вишок, спроведе „играч повеќе“ и проигра пивот и крило. Покрај веќе споменатите Митев, Кузмановски, пивотите и двата десни бекови, на овие подготовки Македонија доби уште еден играч на кој може да се потпре, Игор Ѓорѓиев. Во многу различен од Митев, на таа средна бековска позиција. Игра за екипа, има „хитри“ нозе и одлична техника. Можеби на ЕП во 2022-ра не беше баш среќно решение против Словенија и Црна Гора, но овој Симба сега е веќе зрел играч, капитен на екипа со европски трофеј.
Да резимираме.

Зоната ќе биде многу важна за Македонија, против Португалија. Македонија има солидна висина во средината, има момци кои можат да одиграат и она што е исто така важно, има кој сето тоа да го „испрати“ со одбрана на голот. Тука е нашата шанса (без разлика на формацијата), да се обидеме да нападнеме од прв или втор бран, да не дозволиме да се променат Мартим Кошта и Силва, па да решаваме на несредена зона. Нападот, јасно е, ќе биде многу трпелив и досаден. И нека, нека биде, додека Митев и Фитиљ не пробијат или Жаре не добие употреблива топка. Фитиљ и Брус Ли одново и одново на Интуриза, кој игра во „шикишана“ лига на Блискиот исток, за создавање „играч повеќе“, исклучување и зицер ситуација на шест метри. Звучи како бајка, но Македонија, и на последните дуели во Винтертур, покажа карактер, покажа знаење, а очекуваме уште поголем борба за секоја топка, за секој погодок, за секоја одбрана.
Момците треба да го дадат својот максимум и доколку тоа е доволно за победа, одлично. Доколку не е така, останува нашата борба за што подобар пласман и место во горниот барабан, кој носи, условно кажано, полесен противник во бараж дуелот за следната голема смотра.
Среќно момци – Среќно Македонијо!

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
