Купот останува во Скопје, Алкалоид 7 ми освојувач во историјата!

Фото РК Алкалоид

Финалниот викенд во купот, по сагата “Термините” конечно се одигра.

Како во средновековните љубовни романи, со писма се одвиваше комуникацијата помеѓу актерите, клубовите и федерацијата. Сакам-нејќам принципот ни оддалеку соодветен на имиџот на ракометот како спорт број 1 во Македонија.

Во таков амбиент, дополнет со по кој знае кој пат погрешна локација, натпреварите развлечени во безмалку една недела ги видоа едвај неколку илјади гледачи. Како е можно финалните натпревари да привлечат толку малку публика е прилично нејасно. Ако споредам на пример со еден просечен натпревар во Бундес лигата, во борба за 13 место на пример?!

За женскиот дел од ракометниот куп, кој безмалку половина деценија е тотално на маргините, немам што да кажам. Им честитам на Ѓорче Петровки, кои на јубилејот од сензационалната Титула Европски Шампион, го вратија купот во своја сопственост.

Самите натпревари, машки и тврди, во сенка на ЕХФ неделата, со прилично емотивно и физички испразнети ракометари, не понудија многу квалитет. Од друга страна видовме многу борба, неизвесност и на крајот неочекувано Алкалоид, како победник.

Тимот на Лазаров, несомнено се појави во еден многу позитивен режим. Мотивирани, борбени, дисциплинирани, успеаа да ги победат двата најголеми конкуренти за пехарот. Иако Лазаров ќе изјави дека можеби сево ова е прерано за овие млади играчи, сите тие со својот влог и посветеност секако го заслужија. РК Алкалоид е само 7 ми освојувач во модерната историја на Македонскиот ракометен куп, трет клуб по Металург и Вардар, кој доаѓа од Скопје. А интересно е дека преодниот пехар не е мрднат од Скопје од далечната 2005, кога Пелистер беше освојувачот.

Убавината на куп натпреварите во сиот свој сјај. Како и на голем број Ф4 турнири, апсолутните фаворити под голем притисок. Пелистер изигра два неубедливи натпревари, против Тиквеш се провлече, но во финалето дојдоа по наплата сите недостатоци. Слабо залагање, минимум борба, блага ароганција и надменост, која мојот омилен Српски глумец Богдан, во одјавата на купот се обиде со драматични сцени да ја засени. Во Пелистер беше очигледно дека и недисциплината си го зема данокот, па неретко го гледавме Ангеловски како излегува од својата кожа, повторувајќи дека неговите не играат тоа што се беа договориле.

Вардар, слично, лабаво, темата со договорите и хонорарите најверојатно актуелна. Мотивациски ниско, а и самиот натпревар не покажа голема глад за победа. Делува дека по високата победа во првенството го подценија Алкалоид, што се покажа фатално за нив.

И на крајот, новиот Куп освојувач, РК Алкалоид, тим кој во своите 3 години од постоење дефакто постави нови насоки во кои би сакале сите да го видиме Македонскиот ракомет. Стабилен спонзор, со цврсти ставови и проекции, инвестиција во инфраструктура, тема за која сеуште не сум доволно убеден дека мора секогаш да биде со државни пари, концентрација на кадетски, младински и сениорски репрезентативци, хард ворк, посветеност!

По периодот на нервоза и порази, но со големо искуство од првите меѓународни натпревари, Алаклоид се врати во живот. Таму нешто дефинитивно се измени, па и по говорот на телата на играчите гледаме поинаков став, енергија и конечно поддршка од клупата. Нешто што изминативо период беше тема на забелешки од јавноста кон Лазаров. Делува како и тој полека да ги склопува коцките онака како што замислил.

Дамка на валканиот чаршав додадоа и судиите. За жал, иако го имаме најдобриот судиски пар на светот, тој не е делегиран да го суди финалето. А таму видовме многу нелогични одлуки. Останува прашањето што се случуваше и што беше досудено во последните десетина секунди?!

За крај, ако на вага ги ставиме, залагањето, борбата, тактичката поставка и желбата за победа, Алаклоид апсолутно заслужи да дојде до својот прв голем трофеј во кратаката историја од основањето.

Со порака до идното раководство на РФМ, реформи се неопходни не само во купот ами и во првенството, ќе ги очекуваме последните 2 кола на конечна разврска за Шампионот на Македонија, во која Пелистер влегува како апсолутен фаворит!

Сценарио во кое Пелистер во последното коло губи дома од Алаклоид и Вардар ја добива титулата е просто во рамките на најголемите пресврти во спортската историја!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...