Вардар покажа респект кон Алкалоид

Фото РК Алкалоид

Саботниот натпревар од Супер ракометната лига покажа неколку интересни факти.

Вардар за првпат годинава покажа респект кон еден свој противник и заигра од првиот момент со полна пареа. Можеби котелот високиот притисок не го одржуваше континуирано до самиот крај, но и ова доволно беше.

Наративите од двете страни различни, но коректни! Шампионот го најави гостувањето тивко но повика публика. Алкалоид пак, погласен, дерби, најважен натпревар и борба за првото место, беа слоганите. Легитимно!

Следниот исклучително интересен факт е салата. По долгите години запуштување и благо руинирање од минатиот корисник, сум зборувал за состојбата на тоалетите и соблекувалните и порано, конечно Скопје добива уште еден респектабилен ракометен дом. Алкалоид, МултиЕсенс, Металург РА, ЖРК Металург и најверојатно Аеродром ќе можат да ги уживаат придобивките од оваа сериозна инвестиција. Она поинтересното е дека во Автокоманда повторно едни Плаво-Бели ќе ги матат сметките на Црвено-Црните.

Преполната сала е третиот момент. Иако Алаклоид е нов тим, тој по неколку основи полека почнува да привлекува публика. Широката база на млади играчи, подмладоците, се едната компонента, но и можноста да се види сериозен натпревар во Скопје сигурно многу влијае. Се е во корист на македонскиот ракомет несомнено.

Кадарот од насловната исто така е неспорен факт, огромен број на репрезентативци во дерби на првенството. Така беше и во годините на најголемиот успех на Македонскат репрезентација.

Во наративот по натпреварот повторно разлики, домаќините благо разочарани од неуспехот, гостите погласни, Сигурна победа, ечеше песната, дојдовме, видовме победивме, моќно, концентрирано, прецизно и победнички. Сосема е јасно дека влогот овојпат не бил така мал.

Во играта многу нешта да се видат, но различни ракурси различни забелешки. Томовски фантастичен во првото полувреме или младите фармацевти со преголем респект лошо шутираа, на пример. Недостасуваше или неможеше да се реализира брзата игра и транзиција на плавите, вардарците снажно во одбрана и сигурно во нападот. Натпреварот решен уште во првото полувреме и уште еден факт, второто заврши нерешено.

Што како заклучок може да извлечеме?

На Алаклоид му недостасува искуство, кулоарите шепотат за неколку многу сериозни засилувања. Ако вратата кон Европа е подотворена, а е, можноста и за две три странски имиња се поактуелна. Лазаров, за прв пат смирен, свесен за разликите во квалитетот очигледно задоволен од крвната слика на своите, да доколку Марковски не настрадаше така рано можеби кожата уште поскапо ќе ја продадеа.

На Вардар му недостигаат сериозни противници, и тоа е факт. Но за Вардар кулоарите и не се така нежни, па можноста за превирања и неизвесност сеуште стои.

Посетата на Видерер на Македонија и разговорите со челниците на клубовите не ја оттргна анатемата фрлена кон Вардар. Зошто е тоа така може само да наслутуваме, но не е тајна дека над Јане повторно има црни облаци!

Мојот пресек би звучел вака, Над Јане темни облаци, под Пелистер магла, Автокоманда би можела повторно да биде дом на еден шампион !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...