За помалку од 24 часа ќе се одржи ждрепката, извлекувањето на групите за претстојното ЕХФ ЕУРО 2022. Ќе може да го погледнеме на https://www.youtube.com/channel/UC5F7T3y7PF_1A3JvHfgm5rQ или на https://ehftv.com/home .
Желбите одсекогаш биле лесна група, победа или две за влез во втора фаза и борба за што подобар пласман. Овојпат размислувам некако поинаку.
Пратејќи го развојот на една пионерска/кадетска екипа и нивните натпревари, и од тренерот а и од поширокиот аудиториум слушав, а верувам и дека е така, дека екипата треба да игра со појаки тимови за да напредува.
Епа ајде тогаш да играме со посилни тимови. Некој ќе се насмевне па ќе рече повеќето се можеби во моментов посилни ! Но не, јас сакам оваа моја, нова, Македонија да расте и играчки а и тренерски играјќи со најсилните.
Еве ја мојата ждрепка
Од првиот шешир ги сакам Шпанците. Ретко сме играле со нив, се разбира сме губеле. Но во последниве години шпанците ми легнаа на срце. Играчи како Кањелас, Македа, Душебаев сега и Гурбиндо, тренери како Талант кој ми е најомилен, Раул кој си ја расипа малку петката во трка по хонорар, а најмногу можеби Дејвис и Парондо, навистина оставија длабок печат во македонскиот ракомет. И не само тоа. Најмногу сакам да играме со нив поради нивниот шпански систем.
Од вториот шешир неминовно ги сакам светските шампиони Данска. Да, верувале или не нив ги победивме. Можеби околностите ни беа наклонети но победа е победа. Ајде да се обидеме да ја повториме.
Од четвртиот шешир ги сакам Пољаците. Реално многу посериозен тим од понудата (Холандија, Украина, Босна, Црна Гора и Литванија) , тим со кој натпреварот никогаш не е во театарска атмосфера. Тим со играчи од врвни екипи со голема страст. Со пољаците сме имале жестоки дуели и клубски и репрезентативно.
Е ова е група во која сакам да се натпреваруваме, да се бориме па и да победиме.
П.С. За секој случај еве ќе ги запишам и тимовите кои би ги одбрал по стариот традиционален метод.
Словенија од првиот, сме играле, сме биле блиску и сме победувале. Од вториот Србија, по исто сценарио како Словенија. Од четвртиот Литванија, која за мене е тотално анонимна или план Б, за да се заокружи ју носталгичната група или Босна или Црна Гора, екипи од кои на хартија сме подобри.
Со нетрпение ја очекувам, утрешната ждрепка во 17.00 часот.
Со срце за Македонија