Алкалоид „ги спакува“ Романците и посакува полн „Борис“ во полуфиналето

Веќе задутре, в среда, Алкалоид гостува во „Јане“ кај „двократниот“, во рамките на првото коло од плејофот. Тешка задача, во тежок период за освојувачот на Купот. Многу повредени играчи, неколку навредени играчи, замор и де фокус од домашниот ракомет, на сметка на успехот во Европа. Како благ аутсајдер, Лазаров, оди секогаш на победа, па така ќе биде и овој пат против еден одморен Вардар. Вардар, кој од декември нема одиграно саглам натпревар, како тест на можностите и одржување на тензија во тренажниот процес. Дали тоа може да биде предност или хендикеп за црвено-црните, ќе видиме во среда.

Алкалоид е во полуфинале на Европскиот куп на ЕХФ. Некаде на почетокот на сезоната, како гостин на поткастот кај Виктор од „Само ракомет“, заедно го поздравивме потегот на клубот од Автокоманда, да се повлече пред можноста да игра во Лигата на Европа и да се обиде да стигне далеку во Европскиот куп, и со самото тоа да им овозможи повеќе европски натпревари на младите македонски играчи. Остварениот резултат, со пласман во полуфиналето, но и можноста за освојување трофеј понатаму, ја потврди тезата и одлуката на клубот дека е повлечен вистински потег.

Првпат после 6 години една наша екипа ќе се бори за трофеј во Европа, а поминаа дури 24 години откако една мак екипа, со доминантно македонски репрезентативци ќе игра најмалку полуфинале од еден европски Куп. Последен пат, битолски Пелистер, во сезоната 2001/02 во финалниот двобој од тогашниот Челенџ куп (сегашен Европски куп на ЕХФ) против дански Скjерн, со Наумче, Јоновски, Митков, Темелков, Дивиот, Поповски, Николовски, Димитровски, Калајџиески и останатите, после „домашните“ +7, беше „збришан“ со -17 на реваншот. Само како мала дигресија.

РОМАНЦИТЕ ГО ПОТВРДИЈА СТАТУСОТ НА „ДОМАШНА“ ЕКИПА

Соочен со доста проблеми со повредени играчи, без ударната игла Марко Митев во нападот, Тино Карасманакис во одбраната, без „малиот“ Митев, сеуште недоволно залечените Костески  и Маркоски, малку повеќе заморен и видно нервозен, но и со поволен резултат од првиот меч во Романија, Алкалоид, внимателно го најави реваншот. Критикувајќи ја ЕХФ, начинот на функционирање на овој Куп во однос на ТВ правата и можноста за пренос, жалејќи се на жестокоста на противникот во дуел играта  и санкционирањето од страна на мешовитата судиска двојка, на првиот дуел; македонскиот претставник, повторно избра мудро, во однос на салата во која го одигра реваншот, пред се од спортски аспект. Полната „Автокоманда“ иако не понуди пријатни услови за следење на натпреварот од ваков ранг, ја оправда целта и се покажа како предност за домаќинот, во првите 15-20 минути од дуелот, период кој, реално одлучи која екипа ќе патува во полуфиналето. Романските екипи, слично како и во дуелот на ГРК Охрид со Турда, се покажаа како доминантно „домашни“, и релативно изгубени кога се во улога на гости. Од друга страна не не изненади „не гостопримството“ на Романците, затоа што убаво го паметиме оној натпревар на македонскиот национален тим против Романија, кога легендата Пепи Манасков беше погоден со паричка во глава, а противникот, буквално не претепа на терен.

Затоа се таму каде што се во машкиот ракомет!

Нејсе!

ТАКТИЧКИ ДОБРА ЗОНА, ГАЛЕЦ, МНОГУ ПРОМАШУВАЊА И ГОЛОВИ ОД ТРАНЗИЦИЈА

Алкалоид тактички доминантен, со висока но и фино поставена 6-0 зона, расположен Галец, потпомогнат од над 15 шутеви на гостинските играчи кои не успеаја ниту да ја погодат рамката на голот, со одлична транзиција и доминантно, повеќе „лесни“ погодоци од противникот, убедливо го доби натпреварот. Доста проблеми имаше Лазаров на централните позиции во зоната. Никола Марковски настапи со хронична повреда на половината, без Тино, па Лазаров одлучи да стартува со Савревски и Стојковиќ на 3 и 4. Не се снајде Баја Маре на стартот на мечот и после 4:0, и тајмаутот на гостинскиот тренер, гостите се решија за формација 7-6, на која Лазаров одговори со атипична 5-1 одбранбена формација со Стојковиќ и подоцна Џонов како „индијанци“. Супер изненадување, кое донесе уште повисока разлика на контото на македонскиот претставник. Дополнително, гостите, во првиот дел од натпреварот, доста наивно, сакаа да играат брзо против Алкалоид, екипа која е доминантна во таквиот тип на игра. Грешеа и повеќе од потребно, и му ја олеснија задачата на домаќинот. Останатите 35-40  минути беа само формалност, и можност за уживање на сите кои имаа привилегија да го следат натпреварот во живо. Да не останеме недоречени, нападот (оној поставениот) на Алкалоид беше предводен од Симба Ѓоргиев, играше многу стрпливо, но и покажа многу слабости, кои Баја Маре не беше на ниво за да ги искористи. Сепак, популарниот Симба беше играчот кој командуваше и од кој тргнуваше се во нападот, поддржан од одличниот Александар Петковски.

ПОЛУФИНАЛЕТО ВО „БОРИС“ ИЛИ „ЈАНЕ“, НА ПОТЕГ Е МАКЕДОНСКАТА РАКОМЕТНА ПУБЛИКА

Толку за пласманот на Алкалоид во полуфиналето. Честитки за клубот и сите инволвирани, со надеж дека во следната рунда ќе ги гледаме во „Борис“ или „Јане“. Но, исто така се надевам дека ракометно Скопје (па и цела Македонија), ќе се одважи и ќе покаже почит и поддршка на проектот кој, сакале или не да признаеме, е додадена вредност на мак ракометот.

Веќе задутре, в среда, Алкалоид гостува во „Јане“ кај „двократниот“, рамките на првото коло од плејофот. Тешка задача, во тежок период за освојувачот на Купот. Многу повредени играчи, неколку навредени играчи, замор и де фокус од домашниот ракомет, на сметка на успехот во Европа. Како благ аутсајдер, Лазаров, оди секогаш на победа, па така ќе биде и овој пат против еден одморен Вардар. Вардар, кој од декември нема одиграно саглам натпревар, како тест на можностите и одржување на тензија во тренажниот процес. Дали тоа може да биде предност или хендикеп за црвено-црните, ќе видиме во среда.

Што се однесува до плејофот, супер квалитетен и донекаде интересен, каде што Еурофарм Пелистер, со победата дома над Алкалоид и обезбедувањето на првото место е фаворит за титулата, имајќи предвид дека, покрај тоа што има најдобро пополнет состав, ја има предноста или луксузот, да загуби во „Јане “ и „Автокоманда“. Алкалоид и Вардар пак, мора да добијат натпревар во Битола, како би се надевале на трофеј во првенството.

КУПОТ ТРЕБА ИЛИ МОРА ДА СЕ РЕФОРМИРА. ИЛИ НЕКА СЕ УКИНЕ

Заврши првата фаза од Куп натпреварувањето. Со години предвидливо, во првите фази неинтересно и нелогично, непотребно, покрај регуларното првенство, кое одлучува кој е најдобар во државата. Смислено како натпреварување кое треба да донесе изненадувањ(е)а, да допринесе за популаризација на ракометот во „малите“ места и таму каде што нема „суперлига“, да „однесе“ екипа од втор или, не дај Боже, трет шешир на завршен турнир, истото треба да претрпи реформа. Да претрпи реформа, за да може уште во оваа втора фаза шампионот да гостува во Гевгелија, како празник на ракометот на југот на Македонија, да може Аеродром да направи уште едно изненадување, совладувајќи го Радовиш или да може Прилеп да се надева на завршен турнир и да продолжи, засилено да инвестира во нашиот спорт.

п.с. скратен преоден рок во домашниот ракомет, без можност за носење странци во секој момент. За да не ги „бркаме“ оние кои цела година инвестираат во играчи (па макар и од странство) и да не стимулираме „сезонски работници“ во ракометот.

Се гледаме во среда во „Јане“!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...