Доминик, ќотек, вуду кукла и топка под дрес е доволно за (не)победливата Данска?

Да има „двоцифрен“ голман во Доминик, да одигра цврста и компактна 5-1 зона, со многу „ќотек“, кој треба да го „аминуваат“ судиите (а Осло е, не е Загреб), да се обиде да дојде до бројката од 8-9 „лесни“ голови, но и притоа, кога ќе нема можност за „лесен“ гол да „ја скрие топката под дрес“ (ако истото повторно го дозволат судиите), да не „трча“ против селекција за која објаснивме погоре дека истата го измисли тоа „трчање“, да нема двоцифрен број изнудени технички грешки, убаво да ја избодат со игли вуду куклата со ликот на Емил Нилсен, а истовремено да ја „спуштат“ Данска под 30 погодоци . . .Многу е, нели?

Данска тргнува по четвртата титула во низа, вечниот Дувњак со последен танц за „каубоите““ – како наслов на мојата воведна колумна за актуелното СП, тогаш во Хрватска, сега во Норвешка. Обожувам или обожавам, да вадам цитати од текстови каде во стилот на баба Ванѓа, случајно, сум ги предвидел настаните кои ќе се случат. Утре, во Осло Дуле од клупата за последен пат, во улога на играч ќе го носи дресот со „шаховницата“, а Данска ќе ита кон четвртата титула.

Добредојдовте во мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за падот и подемот на Хрватска, за (не)победливата Данска и грешките и предвидувањата на еден обичен човек.

Супер силната Данска, дека е апсолутен фаворит за златото и не беше некое измислување „топла вода“, но и дека е очекувано Шведска и Шпанија, едната „осакатена“ без неколку играчи, другата подмладена во чест на новиот циклус за ОИ Лос Анџелес 2028, да не ги гледаме во натпреварите каде се делат одличја.  Најавено – реализирано, Данска и Франција се најдоа во полуфиналето, Хрватска исто така, а Португалија, иако беше во групата потенцијални селекции, е одлично освежување.

ГИ СМЕСТИВ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО И КАКО ЈУДА СЕ ОДРЕКОВ ОД НИВ ПОСЛЕ ЕГИПЕТ

Е сега, некој ќе рече, или мојата совест е тоа, што му предвидуваше ти Ѓоргон на еден од домаќините на ова СП, Хрватска?

Пред првенството, ги најавив како едни од сериозните кандидати за влез во полуфиналето, со голема помош од публиката (и одредени личности од истата, кои седат во ВИП ложата 😊), „јавајќи“ на бранот на силниот национализам (како последица на филм режиран од се што се случуваше на почетокот на “90тите), кој му доаѓа како сериозен „допинг“, „заклетвата“ на секој репрезентативец пред „кубурот и камата“ дека ќе се игра во чест на „последниот танц“ на Дуле, но и фактот дека голем дел од играчите  во тимот го немаат достигнато својот играчки и пред се финансиски зенит. Но, треба или мора и да се биде искрен, веднаш по поразот од Египет, многуте проблеми со повреди, „лошите“ лажни вести за заминување на Дагур, и фактот дека селекторот, како Скандинавец, не може да го сфати значењето на оваа селекција, и потреба за успех, како храна за нацијата, го изнесов мојот став на националниот сервис, дека оваа Хрватска, многу тешко ќе излезе од овие го.на, дека нема „машта“ во овој тим и им нема спас, имајќи ги во предвид недоволното искуство и магијата која ја немаа(т) играчите во составот. Иако и тогаш и сега сум свесен за перспективата на овој тим со, цитирам од воведната колумна: „солидни голмани (штета за Мандиќ) на ова СП, одличен играч на десната бековска позиција, кој игра во два правци, многу талент на левата бековска позиција и мал проблем со организација на играта.

Но, кој работи и греши, па така и јас, со надеж дека пола ќе ми се прости.

Фото: Hrvatski rukometni savez / Facebook

РАНЕТИОТ ЛАВ И ИНТЕЛИГЕНТНИОТ ХРВАТСОН (МОМИНСКО СИГУРТСОН)

После тој пораз, Хрватска, како ранет лав, имаше пред себе три нокаут натпревари, во кои немаше поправен. Судбината го донесе Кара во Загреб, Дуле го седна на клупа (воведната колумна опфаќа еден дел, каде поставувам теза во насока: ДУВЊАК КАКО ТОВАР ИЛИ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ НА ТИМОТ?) и ги стави играчите потиснати до ѕид, да немаат повеќе каде. Во таква ситуација, екстремно интелигентниот Дагур (моминско Сигуртсон) Хрватсон, повлече потег, кој во многу го промени целиот тек на играта на „коцкестите“, потег кој буквално ги намести коцките. Висока 5-1 зона, „набријана“ до максимум за делење „ќотек“, со Мамиќ како двометраш на преден играч, густа во средина, кога противникот ќе се обиде да ја „разбие“ со влез на „втор пивот“, зона која веќе е во генот на секој хрватски ракометар, тече во крвта на секој репрезентативец на „липа наша“, оставена во наследство од Маго ди Умаго.  Е таа зона, со Доминик на гол, и дузина „разбеснети пушки“ во нападот и останатото е историја…Историја, за ова СП, што се однесува до борба за златото е и победата во полуфиналето над една „голема“ Франција.

Фото: IHF Facebook

ПОРТУГАЛИЈА „ТРЧАШЕ“ ПРОТИВ СЕЛЕКЦИЈА КОЈА ГО ИЗМИСЛИ „ТРЧАЊЕТО“

Вечерва Хрватска игра финале, натпревар за злато, искрено не знам по кој пат е во оваа ситуација, но во моментов е тоа значајно, како ланскиот снег. Многу поважно во „кој филм“ ќе излезат на терен Хрватите, а и кој стои на другата страна? Одговорот на вториот дел од прашањето нема да му е по ќеиф на ниту еден фан на „коцкестите“.

Данска, која во полуфиналето, против Португалија, повторно беше „двоцифрена“, иако во добар дел од натпреварот, бандата на браќата Кошта играше одлично, одлично „трчаше“ против Данците, кои го измислија „трчањето“ во ракометот, оние кои во таков (нај)висок ритам имаат само 7 технички грешки, оние кои им се може да играат компактно во зоната и релативно плитко, во ситуација кога Були е на голот, оние кои го имаат „ракометниот принц“ во составот, па макар и повреден. Ќе беше (по)лесно за противникот доколку оваа Данска беше само Нилсен, Гитсел и Питлик, но не е така. Каде се двата столба на, во моментов, најдобрата 6-0 во светот, Јоргенсен и Салструб, каде е Расмус Лауге Шмит, кој како и на минатото СП, така и сега, како наближува крајот, така е се подобар. Колку е силна и сериозна оваа Данска кога во полуфинале, на +10, шанса на „лажичка“ добиваат Арнолдсен, Халд, Емил Мадсен  или Ласе Андерсен? Данска е едноставно „девојка без мана“, НО и „експертите“ беа комплетни фаворити пред некој ден, ама на 18:9 не можеа да ја најдат вратата од салата.

Фото: IHF / Facebook

ДОМИНИК, „ЌОТЕК“, ТОПКАТА ПОД ДРЕС И ВУДУ КУКЛА ЗА РАКОМЕТНИОТ БУЛИ

И така се враќаме на почетокот.

На прашањето, што треба да направи Хрватска, денес во Осло, да одигра егал натпревар против големиот фаворит за златниот медал?

Да има „двоцифрен“ голман во Доминик, да одигра цврста и компактна 5-1 зона, со многу „ќотек“, кој треба да го „аминуваат“ судиите (а Осло е, не е Загреб), да се обиде да дојде до бројката од 8-9 „лесни“ голови, но и притоа, кога ќе нема можност за „лесен“ гол да „ја скрие топката под дрес“ (ако истото повторно го дозволат судиите), да не „трча“ против селекција за која објаснивме погоре дека истата го измисли тоа „трчање“, да нема двоцифрен број изнудени технички грешки, убаво да ја избодат со игли вуду куклата со ликот на Емил Нилсен, а истовремено да ја „спуштат“ Данска под 30 погодоци . . .Многу е, нели?

За крај ќе се послужам со уште еден мој цитат, напишан во колумната пред натпреварот на нашата селекција против Унгарија: „Звучи како да треба многу работи да се поклопат. И така е“, ако сакаме селекција од втор или трет ешалон да ја добие (не)победливата“ Данска.

Сешто видовме на ова СП. Од мали чуда, преку големи изненадувања и разочарувања.

Време е за јаготката на шлагот!

Да уживаме 😊

Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...