Потврда дека овој спорт има сериозен капацитет за развој на делот комерција, со поддршка на маркетинг и ПР, носејќи во касата суми со 6 цифри во странска валута. Град со голема дијаспора, „изгорена“ за битолскиот ракометен гигант, дијаспора која „пали авион“ и иди од Скандинавија и Западна Европа на еден ден. Потенцијал на над 5000 продадени дресови, исто толку шалови, маици, останати реквизити, 2-2500 сезонски карти. Еден мал „кутак“ на најубаво место кај „Стакленана“. Ракометни школи, мал милион деца на возраст од 6 до 12 години, сопствена лига во мини-ракомет со учество на Ресен, Прилеп, Охрид и Струга, з’ш да не и Кичево. Па потоа селектирај, запишвај во средно во техничкото и „бруси“ ги. За да не ти ги „лапне“ некој друг, од кога ќе излезат „над радар“.
Ситен дожд и ладно Битолско попладне, тазе стемнето.
Одамна „блокиран“ паркинг пред „Боро Чурлевски“, река од народ се слева кон еден од три-четирите влеза на салата. Старо, младо, доминантно машко, ама и женско. Еден дел, оние кои одиграле паметно и си набавиле „сезонска“, останатите со малку среќа и многу „врски“ до поединечните влезници за дуелот со (нај)големиот спортски душман. Меѓу овие вториве и јас, сакам да видам како се одвива процесот на „штимање“ пред салата, од поранешно Смешно до Бомбата. Да ја почувствувам тензијата, нервозата да се влезе што побрзо во сала, да се кажи резултато, како на гледана утакмица, да се осети таа пасија, преданост и верност, на ниво на религија.
Момче и девојче, уште малолетни, стиснати како бакшиш на ладното време, во улога на новопечени убај клиенти на „тапкароши“ пред сала, бараат чаре да влезат во сала. Не успеале да купат карти. Викаат за 7 минути „ги кренале“.
„кај ќе најме карти сега?“ – му вика чупето,
„не грижи се, ќе најме некое помало дете, ќе му ги купиме, за 400 или 50 денари карта“ – ја теши младиот „чкембар“.

Фото: РК Еурофарм Пелистер
Како потврда за љубовта на Битола кон ракометен Пелистер. Пренесувана од колено на колено, како neverending story. Потврда дека овој спорт има сериозен капацитет за развој на делот комерција, со поддршка на маркетинг и ПР, носејќи во касата суми со 6 цифри во странска валута. Град со голема дијаспора, „изгорена“ за битолскиот ракометен гигант, дијаспора која „пали авион“ и иди од Скандинавија и Западна Европа на еден ден. Потенцијал на над 5000 продадени дресови, исто толку шалови, маици, останати реквизити, 2-2500 сезонски карти. Еден мал „кутак“ на најубаво место кај „Стакленана“. Ракометни школи, мал милион деца на возраст од 6 до 12 години, сопствена лига во мини-ракомет со учество на Ресен, Прилеп, Охрид и Струга, з’ш да не и Кичево. Па потоа селектирај, запишвај во средно во техничкото и „бруси“ ги. За да не ти ги „лапне“ некој друг, од кога ќе излезат „над радар“. Во спортскиот дел.
Толку засега!
Во саботата се одигра последното дерби на „големата тројка“ на мак ракометот, за оваа календарска година. Пелистер го пречека „двократниот“, со надеж за реванш после поразот во „Јане“, како предуслов да остане во трка за стартната позиција во плејофот. Да се реваншира со „дебела“ разлика, затоа што пред самиот дуел, во евентуална мини табела, беше „смрзнат“ на -10 (гол разлика после гостувањата кај Вардар – 3 и Алкалоид -7).
Прв директен дуел на двајцата нови „шефови“, Раул Алонсо и Гиљермо Милано. Едниот со супер квалитетен стручен штаб во Ице Соколески како староседелец кој е задолжен за голманите и нај талентираниот млад тренер во државата, Алексо Лембанов, а другиот со „војводата“ како столб на клупата и соблекувалната и човек кој ќе му го „чува грбот“ на „малиот“ Аргентинец.
Оној првиот брзо научил со кој треба да си „добар“ во сала, па брзо-брзо се поклони пред Чкембарите, ама изгледа не ја разгледал (според крајниот епилог) евентуалната мини-табела, па сега ќе треба „машки“ да го победи Алкалоид, напролет во Битола.
ПЕЛИСТЕР СО „ГЕРИЈАТРИЈА“ ВО ЗОНАТА, ВАРДАР СО ЕКПСЕРИМЕНТ ДО НАЈАВА ЗА ДЕБАКЛ
Што видовме на терен во „Боро Чурлевски“ во саботата?
Шпанецот стартуваше зона со „геријатрија“, каде Фитиљ и Тајник се деца мали, во однос на супер искусните Абутовиќ и Шабиб како централни играчи, Хосни на позиција два и Радивојевиќ како краен играч. Искусна, но и инертна зона, зона која не може во континуитет да издржи темпо. Зона, каде веќе се гледа разлика во однос на пристап, особено на позициите два и пет, каде се бара(ше) од Хосни да антиципира и згусне зона и насочи накај средина, кога се во прашање Хорига, Петриќ и останатите леви бекови на Вардар. Зона која „ги остави“ Фитиљ и Тајник да влечат т.н полуконтра, како предуслов за повеќе „лесни“ погодоци. Убав избор за старт на натпревар, каде противникот ќе биде збунет во првите 15 минути, затоа што „климата“ од Буенос Аирес, очекувано, ја имат снемано уште пред Прилеп. Зона која даде резултат, дополнително го збуни противникот и направи пристојна разлика за релативно краток период. Се разбира, ништо без „Св. Никола“ на голот, кој правеше разлика во статистиката, во однос на Еспиња.
Милано на другата страна, доста храбро (за ваков тип на натпревари) со Томче Стојановски на фундаментална позиција и Хорига како негов партнер на позиција четири. Викаме многу храбро, а можеби и лудо, ако се знае (не)искуството на Томче и де фокусираноста, ангажманот во два правци и пред се неодговорноста во однос на играта на Украинецот. На сето тоа Мечка на петка, позиција која бара брзи нозе, покривање грешки на оние на централните позиции. Големи и радикални промени, за краток период, во ситуација кога имаш нешто проверено, со Лазаревски и Аларов на средина. Барем до пролетта, кога има уште едно рало подготовки и време сите во тимот да ја „сварат“ замислата на новиот тренер. Кога ќе се додаде на сето тоа и „денот“ кој го немаше Еспиња, очекувано Вардар, не знаеше „каде е вратата“ во „Боро Чурлевски“, а Чкембарите, полни со себе ја почнаа онаа „да им дајте пеесе гола на овие…“.
Толку за одбраните, засега!
АЛОСНО ПОСТАВИ ИГРА, МИЛАНО ПОВЛЕЧЕ ПОТЕГ ИЛИ ДВА
Нападот на Пелистер, видно изменет, барем во однос на конкретни задачи на поединци, изненадувачки ангажманот во играта на „секретаро“, кој заедно со Фитиљ, очекувано го предводеа нападот. Без разлика на тоа каква беше „припремата“ за напад (пивот лево, развлекување лево…), заплетот викаше дека Тајник или Фитиљ ќе одат на Стојановски, на разредена зона и од епилогот ќе следува или индивидуална реализација или топка до Богдан, кој непогрешливо стрелаше. Типично за еден Шпанец кој не сака импровизации.
На другата страна, чиста спротивност. Николиќ, кој цели подготовки беше „трган настрана“ сега во улога на генерал на тимот, со двајца бекови, кои тешко влегуваат во систем, многу се непредвидливи, физички се многу силни и чувствуваат дека можат се да направат. Многу избрзани шутеви, (не)употребливи топки за „црта“ и впечаток на не уиграност, го „красеа“ нападот на скопјани. Нерезонски потези Петриќ да решава 7-6, на Николиќ да му „носиш“ пивот помеѓу 3 и 4. Се на се, Вардар беше печен за дебакл во Битола.
Оние -9 и го најавуваа тоа.
Но…
Милано повлече потег или два.
Го постави Родригес на „секретаро“ како „фластер“, го врати Мечка на свое место во средината и ги внесе Јагуриновски и Крсманчиќ на бековските позиции. Играчи, кои не даваат топка така лесно, чекаат шанса и одат до „сигурен“ гол. За брзо натпреварот се смени, и до -9 дојде на -4 и -3. Е тогаш, во ситуација кога Фитиљ беше, нетипично за него, пасивен, а Тајник „фластрериран“, нозете стануваат тешки, а раката затреперува.
На крај, разочарувачки триумф со само два погодоци разлика за Пелистер.
А, можеше да „им кисне“ убедливата победа на Вардарци до средината на февруари, следната 2025 година.

ПОЛЕКА ИЗМИНУВА ЕДНА СУПЕР ИНTЕРЕСНА ПОЛУСЕЗОНА ВО МАК РАКОМЕТОТ
Полека завршува една одлична полусезона во мак ракометот.
Грчевски покажа дека е знае да мотивира и менаџира група играчи, и ако се паметни ќе му дадат одврзани раце во Кавадарци.
Охрид ја продлабочи дилемата на (пре)многу играчи и странци, со сомнителен квалитет, па очекуваме корените промени и „сиктер“ кафе за многумина од нив.
Бутел веќе доби лик и како млада екипа е пријатно изненадување. Екипа која можеш да ја „напнеш“ и малтретираш. Предизвик за Таста Кузманоски.
Пролет, без фонд на играчи, дава голема шанса на младите. Недостасуваат два бекови и еден пивот, за плејоф. Со овој ростер, толку.
Борец Фрутленд со Глигоров на клупата одигра според желбите на „газдата“, без странци во тимот, може да се надева на опстанок. Многу важно за ракометен центар како Велес.
Струга повторно „фрли во оган“ млади ракометари, кои без разлика на условите за тренинг, ќе бидат чекор два во однос на своите врсници, имајќи предвид искуството кое го „собираат“.
Алкалоид презими во Европа и ќе атакува на титула во Европскиот куп на ЕХФ.
Раде Стојановиќ „дрма“ во Словенија, земја која е на самиот врв на ракометни школи во светот. Голем комплимент за македонскиот ракомет, кој веќе произведува кадар (или можеби го имаше ама не го ценеше). Доказ за тоа е „емирот“ од Катар (или Саудиска Арабија), Данило Брестовац, па и Усташот од Охрид кој „растура“ во Косово.
Во очекување на скратениот список и стартот на подготовките за СП 2025!
Се гледаме во сала!
Поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете