
Фото: РК Алкалоид
Триумф на Алкалоид, четврти во меѓусебните дуели во тековното првенство, овој пат на гостински терен во Кавадарци, е епилогот од натпреварот кој требаше да даде одговор на прашањето, дали Тиквеш ќе продолжи да сонува учество во Европа следната година.
Понесени од добро одиграниот натпревар на гостински терен во Автокоманда, мотивирани од нови три бодови кои ќе го одржат во игра за местата кои водат во Европа, но и со многу проблеми на не до залечени повреди на важни играчи, Тиквеш влезе во натпреварот против Алкалоид, кој важеше за умерен фаворит.
Селекторот на младинците, во улога на тренер на домашната екипа, со проверен рецепт на агресивна одбрана, со многу контакт и чести фаули на граница на дозволено, се обиде да го неутрализира нападот на Алкалоид. Се чини, на моменти домаќинот играше преагресивно, трансформирајќи се во „африканска“ 3-3 зона. Селекторот на сениорите подготвен го пречека својот поранешен репрезентативен колега, на спротивната страна, со Марко Митев во игра од самиот старт и Георгиев и Серафимов како негови партнери во нападот. На сметка на внесувањето на Митев во игра од првата минута, што позитивно се почувствува во играта на Алкалоид, беше жртвуван првиот пивот на тимот од Скопје, Петров, како опција во еден правец. Како не би бил ранлив, во однос на правење две измени (Митев е секако едната), а со самото тоа и не дозволувајќи му на противникот „лесни“ голови преку брз центар и полуконтра, тренерот на Алкалоид се одлучи првенствено во два правци да игра Маркоски, кој во текот на натпреварот се повреди, а како негова замена прво беше избран Карасманакис, а подоцна во вториот дел и Стојковиќ.

Фото: РК Алкалоид
Алкалоид со Маркоски, а подоцна и со Карасманакис и Стојковиќ одигра висока зона, „принудувајќи“ го Тиквеш да игра бавно и да има доста обиди во еден напад да ја пробие истата. Во одреден период преку Манасков, па и Обина успеа да ја пробие, но и многу почесто Трајковски беше поуспешен. Од друга страна, Стојановиќ долго време „ја бараше“ вистинската одбрана, менувајќи од 3-2-1, 5-1 на 6-0, но благодарение на Ѓоргиев кој одигра солиден натпревар, изнудувајќи доста исклучувања кај противникот и секако стандардно одличниот Марко Митев, Алкалоид трпеливо доаѓаше до ситуација на погодок или удар од седум метри. Седмерци, кои успешно ги реализираше 18- годишниот Дамјан Митев, големата надеж на македонскиот ракомет.
Да резимираме. Алкалоид го „спушти“ Тиквеш на пристоен број на погодоци, вторпат го совлада во плејофот, не дозволувајќи изненадување, кое би го ставило во неповолна ситуација, пред одлучувачкиот дуел против Охрид на домашен терен. Радува формата на Митев, но и враќањето на терен на високиот Марко Стојковиќ, кој после паузата поради здравствени проблеми се врати на терен, искористувајќи ги сите ситуации на создавање на „вишок“ играч и асистенции од страна на Ѓоргиев и Митев. Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис, како двајца исклучително млади ракометари се одличен тандем пред голот на вицешампионот и времето работи за нив. Особено импресионира начинот на кој се снајде во најквалитетната лига 20-годишниот младински репрезентативец, Битолчанецот Карасманакис, кој игра солидно на двата дела на теренот. Тивок, ненаметлив, работлив и фокусиран. Загрижува формата на десните бекови на тимот од Автокоманда. Стојановиќ, се чини дека одигра и (пре)многу агресивно на играчи кои се релативно ниски и имаат добра техника, на тој начин го загуби натпреварот и официјално ги загуби шансите за пласман на местата кои водат во ракометна Европа, и сега е вистинско време да ги рехабилитира Обина и Симиќ, за завршницата од купот на Македонија. Овој ростер со ограничена квалитетна ротација, полека го губи здивот.

Фото: ГРК Охрид
Во меѓувреме во Струга, во натпревар кој претходно е веќе добиен, многу потешко од очекувањата Охрид запиша нови три бода, како потврда на визата за ракометна Европа. Алушевски, со најавата на натпреварот со Еурофарм и борбата за титула, по се изгледа ги дефокусира своите играчи од тоа што им следуваше, а тоа е дербито со жилавата Струга. Мацуока се чини дека беше фактор кој беше клучен за победата, играч од кој очекуваме многу повеќе во иднина, имајќи предвид дека истиот е за првпат во Европа и ќе му треба време за адаптација. Како и да е, бодовите се освоени, а следното коло, во Охрид доаѓа Еурофарм Пелистер, на потврда на титулата или дополнително замрсување на работите околу тоа кој ќе се најде при врвот на суперлигашката табела. Еден натпревар е, битолчани се големи фаворити, но се е можно.
Се гледаме во сала!
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете