Треба храброст, треба срце, треба верба …

Фото РК Алкалоид

Вака некако звучеше говорот на Лазаров на тајмаутот во Јане, вчера попладне. Ден потоа ги сумираме впечатоците.

Почнавме со констатација дека порано се собиравме за Барса, Кил и Веспрем, Флензбург, Киелце и остатокот од европскиот крем. Токму тој, европскиот ниту бил крем ниту имало трошка доблест во него. Нејсе, се собравме за првиот од посериозните дуели оваа есен во Македонската супер лига.

Во Јане пристигнаа јуришниците на Лазаров, збир на многу талент на мал простор, одличен спонзор, фантастични услови за работа и многу надеж.

Продолживме со оддавање на последен поздрав на прерано починатиот Доне, Андон Бошковски, заедно со неговиот татко и основоположник на современиот ракомет во Македонија, Лефтер, оставија неизбришлива трага во Македонскиот ракомет. Прерано, предвреме, не напушти, ни беше во радарот како соговорник, како човек кој одлично го познава ракометот.

Почивај во мир Доне

На почетокот на сезонава детектираме движење во три развојни правци во машкиот македонски ракомет.

Првиот Вардаров, во кој Вардар со сите сили и средства гребе по ѕидовите на славното а скорашно минато и се обидува да се одржи таму високо, Шампионски. Тоа ќе биде тешка задача од повеќе аспекти. Помал буџет, помал ростер, неискусен тренер, малку сериозни натпревари, можност носителите на играта да опаѓаат во формата како ќе минува есенскиот дел. Можност од повреди. Но и од други надворешни влијаниа. Пред се од вториот и третиот правец. Понатаму, бремето и притисокот кој го имаат и ќе го имаат, Карапалевски, Мишевски и Савревски пред се но секако и Лазаревски, Атанасовски, Ќосевски.

Вториот, Битолски, Пелистерски, точката на вриење под Тумбе кафе одамна е надмината. По извршената трансфузија, свежата крв делува пристојно. Веќе им ја земаа мерката на Вардарци.

Третиот и најкоментираниот е токму на РК Алкалоид. Огромен е отпорот кон овој клуб. Не се штедат ни дрва ни камења, просто феноменот на македонецот пуштен на најсилно. Ја знаете приказната со пеколот, со лонците, со чуварите на лонците и со македонскиот лонец без чувар !

Малку и за ракометот. Јас навистина уживав. Зажалија сите оние кои не дојдоа. Атмосферата со едвај илјада или малку повеќе гледачи, феноменална. Натпреварот безмалку па атомски. На 800 м2 ги видовме безмалку сите репрезентативни сили. Као некогаш кога играа Вардар и Металург.

Двата тренери подготвени. Овој од насловов, делуваше за нијанса или две по подготвен. Тој наметна брзо темпо, сериозна ротација, агресивна одбрана, длабока зона, контра, полуконтра, напаѓаше каде што е најтенко. Кире, мене ова многу ми се допадна.

Овој другиов, со потешка задача, како да ги мотивира своите, како да ги сочува од исцрпување и повреда, како да игра поспоро а посигурно. Клучот е сепак и во играчите. Столе, Манасков, Џомба, сега и Тале, Томовски, па и Куни се зрели и исклучително искусни играчи. Притисокот врз Карапалевски расте, но незаборавајте, со висок притисок се создаваат и дијамантите. Бутин те чека многу работа.

На момент помисливме дека Недановски ги изгуби конците при водство од 4 разлика, па ја измеша поставата, што можеше да го чини прескапо. Сепак Вардар сеуште е институција и во Македонија, секој што сака да го победи ќе треба да вложи 200%, многу среќа и можеби уште нешто.

Почитуваниот Југо од Македонската телевизија, џентлменски не го коментираше судењето, но јас можам. Парот Начевски и Божиновски, навистина под нивото, иако скоро се закитија со неколку значки. На моменти доцнеа, на моменти не реагираа, дозволија да се создаде огромна нервоза и на трибините и на клупите. На онаа црвено црната на моменти до вриење. Сакам да потсетам дека истава двојка пред само неколку денови, создаде таков хаос на натпревар од женската лига, за кој допрва се чека разрешница. На прагот на својата меѓународна одисеја очигледно се под стрес и притисок.

Не сакам да ги заборавам и двата голмани, Трајковски пред се во првото и Томовски во второто полувреме, даваа ветар в грб на своите екипи. Па токму Томовски со одбранети пенали и контри кон крајот е можеби и играч на натпреварот. Играч кој остана забележан од сите, Марко Стојковиќ. Ова “ситно” момче чинам само е прашање на време кога ќе влезе во бележниците на врвните европски екипи.

Презадоволни од прикажаното сумиравме дека попладнето во Јане беше одлично потрошено. Со говорот на Кире се одјавувам, кога би имале вакви мотиватори, стратези и визионери во повеќе сфери во татковината, најверојатно Македонија немаше да дозволиме да ја доведат до ова ниво на кое сме.

Скопје, Македонија, вчера на 24.09.2022 Во Јане,

Вардар 28:25 Алкалоид

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...