Струга 2022, Подот е отепувачка!

Со Струга емотивно е врзана цела Македонија. По повеќе основи.

Некои трагични, повеќето, некои комични, некои суштински, некои безвременски. Еве на пример, по Струшките вечери на поезијата, таа, каква што нема друга, Струга е единствена во светот. Таа манифестација со децении беше лична карта, но и најдобар македонски амбасадор. Струга има и темна историја, па така во поново време беше симбол и на велепредавството, кое трае и до ден денес.

Но Струга е симбол и на македонскиот ракомет. Турнирот, на отворено, кој обележа 50 години, само малку сум постар од него, е манифестација од суштествено значење за македонскиот ракомет. Струга несомнено е и најголемиот расадник на македонски играчи, па чисто како показател во финалето настапуваа ни помалку ни повеќе, ами 6 стружани. Браво !

Годинава се претстави во две различни светла. Едното јасно и егзактно, ракометно, со присуство на одлични екипи, одлични натпревари, со патоказ и за ракометарите и за публиката. И второто, и покрај силниот труд вложен, организациско, хм, “светло”.

Пристигањето на екипи од калибарот на Вардар и Пелистер, Цеље и Татран, Аек, Бутел и Алкалоид, кои можеби не се од самиот моментален европски врв, но се исклучително сериозни во своите планови, е доказ за значењето на Турнирот.

Од друга страна заложбите на РК Струга да го одржуваат во живот турнирот се за најголем респект. За жал, Струга како колевка на македонскиот ракомет, се чини не го добива заслуженото внимание ниту од државата ниту од градот.

Дека јавноста е многу критична, а новинарите зајадливи е факт. Но кога нешто нечини за доброто на сите вреди да го потенцираме.

Прво процедурално, иако уредно добивме покана за акредитација, а потоа исто така уредно и се пријавивме, до ден денешен не добивме одговор?

Второ, стримингот беше толку лош, што се срамев да одговорам кога некој ќе ме прашаше Што гледаш?

Трето, зачудувачки беше моментот што МРТ, за која благодарност што сепак пренесуваше директно, неможеше и покрај цела опрема и екипа преселена во Струга да ги пренесува сите натпревари. Па така огромна е штета што неможеа да се гледаат сите натпревари.

Четврто, шокантен е моментот со лизгачката подлога. Ако не се лажам, најмалку тројца ако не и повеќе играчи се стекнаа со посериозни повреди. На крај, токму тој, подот пресуди па немавме можност да уживаме во финалниот натпревар.

Токму како во пиесата на еден од поистакнати стружани, Ристо Крле, каде парите беа отепувачка, во Струга на ракометното, подот пресуди.

Струга заслужува многу посериозен третман по повеќе основи. За нас оној ракометниот најважен. Со години се заговара покрив, за да не можат временските услови да диктираат. Тоа пак отвара можност за многу поквалитетна подлога да се постави на теренот… тоа пак отвара можност тука во Струга, во Македонија да дојдат многу појаки гости. Време е !

Има една анегдота за стружани и за ракометот, оди вака, гостувале во Струга некои французи, ама решиле да дојдат порано, дека езеро, убава климата, Охрид да го видат, да потренираат, нејсе. Па еден ден му велат на човеков од организација, ако може некоја утакмица да одиграат, ама дента РК Струга биле на планина, некои вежби работеле, па со нив неможеле, е ама пустиот тој се сетил. Свртил десетина телефони, некој на работа бил, некој на риба, тројца се погодиле Калишта, малку се мислеле, некој немал играно пет, некој десет години ама се присобрале. Ги кандисал. Французиве во извештајот запишале. Во седмата минута, беше 1-1, тешко ја пробивавме нивната гранитна одбрана, нападите им беа спори и тоа внесе нервоза кај нашите играчи. Во 20 тата минута губевме 4-3, и така натаму, подоцна французите сепак победиле.

E мислам оти е појасно малку за Струга, за ракометот !

Ако треба да најдам паралела за стружани и за ракометот, можеби вака некако би звучела, што е Бразил за светскиот фудбал, тоа е Струга за македонскиот ракомет.

Малку и за впечатоците ракометни.

Почнувам пак со Струга, импресиониран бев од нивниот перформанс, само лошиот стрим и МТВ не дозволија да ги запознаам подобро играчите. Бутел и Грчевски, ќе имаат многу работа за да го оправдаат стекнатото, најдобар трет тим во Македонија. Алкалоид играше навистина брзо, како што и самиот Лазаров рече, немаме лидер, човек што ќе реши натпревар сеуште, но имаме тим кој добро реагира. Тие беа одличен партнер на многу пореномирани екипи. Вардар, допрва ќе се пронаоѓа себеси, бековската линија но и стручниот штаб. А Пелистер, за Пелистер периодот на неизвесност со каква огнена моќ располага се чини ќе потрае.

Со желба за подобро македонско ракометно утре !

Да живее ракометот !

ФОТО ИРТ Струга

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...