АЛКАЛОИД ГО “ПРЕПЛИВА” НАДМЕНИОТ И НЕРВОЗЕН ВАРДАР, ДОБИВАЈЌИ КРИЛЈА СО КОИ ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО “ПРЕЛЕТА” РАКОМЕТНО СУПЕР-ВИСОКИОТ ПЕЛИСТЕР

Фото: Ракометна федерација на Македонија

Алкалоид е вториот финалист од Купот на Македонија, совладувајќи го синоќа Вардар во второто полуфинале. Претходно, Пелистер, потешко од очекувањата, го совлада дебитантот на еден завршен турнир, Тиквеш. На првиот полуфинален дуел, Тиквеш, предводен од клупата од селекторот на младинците, Раде Стојановиќ, иако тактички одлично подготвен, сепак, без верба во себе дека можат против големиот фаворит и шампион Пелистер, не направи “мало чудо”, а се доби впечаток дека битолчани со лешинарски пристап на одредени играчи, се нудеше “на тацна”. Или, можеби на нас како публика и фела така ни се чинеше. Изјавите на актерите после натпреварот, во крајна линија, го потврдија тоа. Мартин Манасков (пре) задоволен од поразот, Ангеловски лут после победата. И толку. Пелистер се пласираше во финалето, ден порано од вториот финалист, Алкалоид, кој синоќа, како што кажав и на националниот сервис, со тимска игра, конкретност, голема желба за прво финале и многу широка ротација, благодарение на младиот битолчанец Иван Галевски, кој го зададе завршниот удар, успеа, за првпат годинава да го победи “двократниот”. Според мене заслужено, иако многу лесно можеше натпреварот да оди и на изведување седмерци, каде се е повторно отворено.Вардар, со генерално “тивкиот” Самурај, од судските одлуки, нервозни ростер и клупа, не ја “врза” одбраната и бедемот од Лазаревски и Аларов пред, синоќа одличниот “пантер” Томовски. Немаше доволно расположени бекови, крила со (пред)малку употребливи топки, во претстава во која предничеше надменоста и нетрпеливоста. Тактички потфрли, не му овозможи на новиот Бундес голман комплетно да го размонтира противникот, со поплитка зона и на тој начин овозможувајќи му на истиот да го “буши” во игра 1 на 1 и од тоа да влече вишок на една или друга страна. Од друга страна т.н “екипа од Автокоманда” знаеше што сака, предводени, во нападот од препородениот Серафимов, браќата Митеви, повратникот после повреда Ѓоргиев, егзекуторот Бинго и џокерот Симоноски, одигра плитка одбрана, на одреден период го сопре Мечка, и комплетно ги ограничи Јагуриновски и левите бекови на “црвено-црните”. Исто така, постигна и повеќе од доволно “лесни” голови како гаранција за успех.Се на се, тежок и “грд” натпревар за играње, а богами и за гледање. Без некој квалитет, но со тензија, многу промени на водството на една и друга страна и неизвесност до крај. Се надеваме дека и финалето ќе биде такво, имајќи предвид дека Пелистер со нервоза и блага разочараност ја прослави победата со Тиквеш, а Алкалоид составен од играчи кои ретко играле куп финале, и така силно мотивиран, после победата синоќа доби дополнителни крилја, со надеж дека, конечно после две години “ќе го прелета”, ракометно, супер високиот Пелистер…..за прв трофеј во кратката клупска историја 🏆

Се гледаме и слушаме во отвореното студио на МТВ во “Борис” 📺🎤🤾‍♂️🇲🇰

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...