Данска тргнува по четвртата титула во низа, вечниот Дувњак со последен танц за „каубоите“

Честит Божиќ на сите македонски ракометни фанови, кои го слават и му се радуваат на Христовото раѓање и среќна и успешна 2025 година на сите Македонци.

После подолг „пост“ од една цела декада неучества на големите смотри, Македонија, преку бараж дуел со една мала островска држава, со одличен настап во „Борис“ се пласира на СП во Хрватска.

ERRORRRR

Не, се збунив.

Македонија, „низ иглени уши“, во бараж дуел со уште помала островска држава го продолжи континуитетот настапи на големите натпреварувања. Тренд на настапи кој стартуваше со пласманот на СП во Хрватска 2009, совладувајќи го тогаш „големиот“ Исланд (селекција која само два месеци подоцна од бараж дуелот освои сребро на ОИ во Пекинг), тренд или традиција која добива се поголема екстензија на учества на големите натпреварувања, со конечен триумф во бараж дуелот против уште една селекција од северот, Фарските Острови. Македонија во бараж дуел за пласман совлада островска земја од северот на Европа, истото ќе се игра во Хрватска, наш град „домаќин“ ќе биде Вараждин, пред преполна сала македонска Фаланга … (пре)многу коинциденција, која буди убави спомени за секој фан на македонската спортска национална гордост..
Засега доволно за Македонија 😊

📸 IHF / Facebook

Добредојдовте на мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ , која овој јануари, за време на СП во ракомет, ќе се чита на „Само ракомет“. Ветувам уште едно убаво патување низ ракометните меридијани, стручност, информираност и објективност. Очекувам критики, коментари и поддршка за нашите момци.

Утре, вторник 14. Јануари, стартува 29-тиот ракометен мундијал, кој ќе се одржи во Хрватска, Норвешка и Данска. 32 селекции поделени во 8 групи, ќе се борат за 24 места кои ќе разигруваат во следната рунда, поделени во 4 групи по 6 тима. Најдобрите два тима од секоја група, во втората рунда, ќе играат во нокаут фазата, во ¼ финалето. Потоа ½ финале и завршни борби за одличја. Малку технички информации за системот на натпревари.

Првенство кое доаѓа веднаш после една Олимпијада, како онаа во Париз, по некоја логика треба да претставува старт на нов циклус (оној олимписки) од четири години, по кој националните тимови се ориентираат и за кој ќе се подготвуваат. Што значи тоа? Тоа значи дека после најголемиот светски настан летово во Париз, некои селекции конечно „се отарасија“ од „старците“ или од оние кои достигнале зенит и нема да можат да бидат дел од тимот за нешто повеќе од три години во Лос Анџелес. Најголем рез направија Шпанија и Словенија, Аргентина, Данска комплетно „се исчисти“ и тоа без никакви последици, Германија итн…

А сега, да видиме кој е кој или кој што сака да биде?

ДАНСКА СО ГИТСЕЛ И НИЛСЕН СЕ ПРВ КАНДИДАТ ЗА ТИТУЛАТА, ШВЕДСКА И ШПАНИЈА НАДВОР ОД ГОЛЕМАТА ЧЕТВОРКА?

Ако кажеме дека Данска како олимписки првак е сериозен фаворит по четврти пат по ред да ја освои титулата светски првак, и дека во првата четворка ќе ги видиме „експертите“, Швеѓаните и „црвената фурија“, нема да измислиме топла вода. Но, искрено се надевам и прогнозирам дека барем две од погоре наведените, нема да играат натпревари за одличје, а тешко дека меѓу нив ќе биде Данска, со двајца, моментално најдобри светски ракометари и Франција со вонвременскиот Дика Мем (иако тазе рехабилитиран) и можеби најкомплетниот играч на „црта“, Лудовик Фабрегас.

Се надевам, за доброто на ракометот, имајќи превид каква лига финансираат и каква промоција на нашиот спорт е таа истата, во тие четири полуфиналисти ќе го видиме трикратниот светски првак Германија, со оската Волф – Кнор – Гола, се повеќе играчи од златните јуниорски првенства и домаќинот Хрватска, како круна на кариерата на најкорисниот ракометар (*со внимание на терминот најкорисен) кој го дале овие наши екс-ју простори, безвременскиот Домагој Дуле Дивњак. Можеби преамбициозно за селекција која смени доста селектори и која не покажува знаци дека може да оди до крај, селекција која нема магионичари како Ивано, нема шармери како Вори, „небески летачи“ како Лацковиќ, егзекутори како Мирза или комплетни играчи Метличиќ. НО, има сериозно име на клупата во Дагур Сигуртсон и ростер од играчи кои (голем дел) треба допрва да „набиваат“ цена на трансфер пазарот. Тоа значи дека мотив пред домашна публика нема да им недостасува.

Веднаш зад гореспоменатите шест селекции, своја шанса ќе гледаат Унгарија, Египет, Словенија, Португалија и можеби Норвешка и Исланд.

РАКОМЕТНА СФРЈ СО ПРЕПОЛОВЕН КАПАЦИТЕТ, МАКЕДОНИЈА ОДИГРА МУДРО, БАЈПАСИРАШЕ И ГО ЗАДРЖА РИТАМОТ

Ако минатата година, пред ЕП во Германија, наголемо пишувавме за тоа како во полн сјај цела Југославија се пласирала на едно големо натпреварување, овој пат  бројката е преполовена. „Големите“ балкански селекции Словенија и Хрватска како резиденти и освојувачи на одличја на едно ЕП или СП и нашата Македонија, ќе ја преставуваат, некогаш, најдобрата ракометна лига во светот. За жал, Србија по лошиот настап на ЕП во Германија се „сопна“ во баражот за ова СП на големиот фаворит Шпанија, БиХ е секој ден се полоша и организациски и логистички и делува безнадежно, а Црна Гора, без квалитетен „кормилар“ не успеа да го задржи трендот на учества и покрај добриот состав на млади играчи. Сето ова го пишувам за да можеме да го доловиме впечатокот и важноста на континуирано учество на нашиот национален тим на големите смотри, дури и во фази на сериозен „ремонт“ на истиот. Македонија одигра мудро, ги „исцеди“ своите најголеми ракометни јунаци, „бајпасираше“ во одреден период, чекајќи да надојдат новите момци, кои, сигурен сум, ќе ја продолжат успешната приказна.

Повеќе за Македонија во следната моја колумна!

Да видиме каде се „сместија“ братските Словенија и Хрватска?

📸 IHF / Facebook

СЛОВЕНИЈА ЌЕ ПРОМОВИРА НОВИ ЛИДЕРИ И ЌЕ ОСТАНЕ КОНКУРЕНТНА ЗА (НАЈ)ВИСОК ПЛАСМАН, ИСЛАНД ДЕЛУВА ПОТРОШЕНО!

Најголемото изненадувања на ОИ во Париз, предводени од „ракометниот маг“ на клупата, Урош Зорман, ќе има тешка задача да го одржи нивото кое го достигна на игрите минатото лето, имајќи предвид дека има неколку неизвесности во тимот, но и големиот рез и подмладување на истиот. Сепак, гледајќи го изборот, Словенија повторно има конкурентен тим и може да се очекува некои нови момци да го „водат орото“. Поддржани од искусните Мацковчек, Блаж Јанц, Зарабец и големата ѕвезда Алекс Влах, очекуваме конечно Макуц, Овничек и Митја Јанц да преземат повеќе одговорност и да се наметнат како важни алки за следните 5-7 години. Тадеј Кљун, заедно со Митја Јанц може да биде изненадување во составот. Словенија има релативно лесна група, во која не е доведен во прашање пласманот во следната рунда, а ниту делот дали ќе се пренесат бодови. Имајќи предвид состојбата на главниот конкурент во групата „Г“, селекцијата на Исланд и проблемите со повредени, но и уште поважно потрошени играчи, Словенија, има убава можност, во следната фаза да се пласира со максимален број бодови. Кога на тоа ќе се додаде дека, во следната фаза „налетуваат“ на домаќинот Хрватска (која во петокот во пријателски натпревар ги надигра), Аргентина и Египет, амбициите би требало да им бидат големи. Имаат габарит, имаат транзиција, имаат играчи кои знаат со топка и се „модерни“ во однос на тоа каде се движи ракометот последните години, едноставно имам чувство дека имаат систем кој, без било кој поединец, ќе функционира одлично.  Ако голманите Ферлин и Лесјак одржат ниво, Зорман повторно ќе биде „мејнстим“.

📸 IHF / Facebook

„ГОЛЕМИОТ“ ПАШТОР ГИ РЕДИ КОЦКИТЕ НА ЕГИПТСКАТА ПИРАМИДА, ДУВЊАК КАКО ТОВАР ИЛИ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ НА ТИМОТ?

Домаќинот од друга страна има за нијанса потежок пат до следната рунда. Групата „Х“ покрај Хрватска, ја сочинуваат „шпанскиот“ Египет, незгодната Аргентина и аутсајдерот Бахреин. Египет со еден од основоположниците на системот кој „продаде“ најмногу тренери низ светот, Хуна Карлос Паштор на клупата и физички доминантни играчи, очекува многу на ова СП. Голем дел од играчите се во самиот зенит, Паштор имаше доволно време да имплементира шпански систем, да стави малку дисциплина и одговорност во играта, сегмент кој секогаш е спорен кога се работи за африканска селекција. Ако во тој сегмент успеал да направи чекот напред или два, „фараоните“ ќе бидат сериозен конкурент за влез во првиот осум. Позитивно за Египет е што добар дел од играчите играат во еден тим, Ал Ахли и се надополнети со „европските“ ѕвезди Јахија од ПСЖ, Елдера од Лимож, Хешам од Монпеље и Али Зеин од Динамо Букурешт. Хрватска од друга страна има солидни голмани (штета за Мандиќ) на ова СП, одличен играч на десната бековска позиција, кој игра во два правци, многу талент на левата бековска позиција и мал проблем со организација на играта. Не изгледаат во напад убаво, решаваат на сила со одредено ниво на противници. Имаат лидер на терен и пример на спортист кој трае, но дали истиот ќе им биде товар или додадена вредност, останува да видиме. Пред некоја година, повеќемина беа изненадени кога за „големиот“ Никола напишав дека станува товар на францускиот национален тим  и ПСЖ. Дувњак е на таа линија. Аргентина без браќата Симонет не е иста селекција, и тоа му е јасно и на новиот селектор Рудолфо Јанг. Голема промена на генерации, која, многу веројатно ќе го земе данокот на ова СП.  

Засега толку. Не ја „чепнавме“ Шведска која доаѓа десеткувана, ниту Шпанија која сериозно го подмлади составот, но сеуште го има феноменалниот Дујшебаев. Бразил „стиска палци“ Монте да нема сериозна повреда за да биде пријатно изненадување.. Ќе имаме уште можност да ги „чешламе“ повеќето од селекциите кои ќе се пласираат во следната рунда.

Во утрешното издание Македонија е на дневен ред.

Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...