Големите македонски спортски брендови го обелија образот во ракометна Европа – за посилна Македонија на СП!

Во ракометна Европа Вардар го совлада Валур, а Пелистер ремизираше со Спортинг. Но, она што, барем за мене, е исклучително важно, е фактот што Митревски, Кузмановски, Пешевски, па и Кузманоски и јунакот од средбата со Спортинг, Атанасиевиќ, (иако ростерите им се ( пре)полни со странски соиграчи), токму Македонците го „водат орото“ во Битола. Во истиот контекст, „двократниот“ не може да се замисли без Мечка и Аларов на фундаментални позиции во зоната и играта во два правци на овој првиот, а се’ подобриот Танкоски, за кој еден негов колега „стави лева рака“ дека ќе биде во дресот со националните бои на СП во Хрватска, плус Јагуриноски, плус една дузина Македонски играчи од Алкалоид, неминовно ќе добијат шанса да играат во Европа, водени од селекторот Лазаров.

Фото: РК Еурофарм Пелистер

7-ми Мај 2023. „Крикна“ ракометна Битола, „Боро Чурлевски“ преполна со Чкембари,  кои го бојкотираа(т) натпреварот и Клубот….

Така некако стартуваше еден мој коментар на ФБ страната „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, ден по првата шампионска титула после 18 години во Градот на Конзулите. (Пре)долго чекаше Битола на титула, и реакцијата беше природна, спонтана и очекувана.

9-ти Октомври 2024. Втора сезона од нај елитното ракометно натпреварување, во кое Еурофарм Пелистер, како партиципиент, не успеваше да освои бод или два, да покаже дека заслужено е во европскиот „крем де ла крем“. И повторно „крикна“ ракометна Битола, по „лудите“ 70 и нешто секунди во кои од -3, Пелистер успеа да дојде во ситуација да одигра егал, после дури 17 (седумнаесет) натпревари, на кои со наведнати глави битолчани излегуваа од терен, притоа трпејќи критика од (не)ракомнетната јавност, од „стручњаците“, од ликови кои секоја недела „вадат“ дел од својот порив кој им создава чудна болка во стомакот на хартија и најважно трпеа критика од Чкембарите. Покажа Битола фанатична љубов и преданост кон клубот, на која можат да и позавидат многу поголеми и поуспешни европски тимови. Љубов пренесена од колено на колено.

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Пелистер во средата, на овој или оној начин, ја прекина серијата порази во Европа и освои „бод како куќа“ против забревтан противник, кој само пред една недела, го понижи „големиот“ Веспрем. Освои голем бод, кој математички, најверојатно, нема да значи многу за пласманот на битолчани во групата од ЛШ, но очекуваме да ги „отвори чакрите“ и да „ги допингува“ играчите, кои некако, во летаргија веќе втора година „одработуваат“. Да даде крилја, да ги извади на површина вистинските играчки решенија, вистинските борци, да ја исфилтрира екипата, и на крајот на краиштата, да го олабави стручниот штаб од притисокот на „најверните“. Затоа „шефот“ вика дека е бодот „голем како куќа“. Времето ќе покаже дали некој во нај ракометниот град се свестил и „свртил нов лист“.

Затоа што е крајно време за тоа.

Што се однесува до самиот натпревар, од оваа дистанца, кога млекото по бајаги се олади, можеме да констатираме неколку работи. Пелистер ја доби на голот потребната сигурност, во капитенот на националниот тим, Никола Митревски, играч кој ги „покри“ сите проблеми на зоната, која „сеуште лута“ и не препознава дека Фитиљ и Илија не се разбираат, дека Хосни е малку старичок (со неспорна желба за надигрување, за што симнуваме капа), а Цехте малку повеќе изгубен сезонава. Не препознава дека на тимот му треба „свежа крв“, фанатична борбеност и амбициозност, па по цена „тој некој“ во моментов и да нема доволен квалитет или „каска“ со искуство. Не препознава дека тимот мора да има алтернативна, агресивна, зона за не дај Боже, дека му треба зона која ќе биде составена од играчи кои имаат физички и технички предиспозиции да трчаат во транзиција, а ќе дадат и некој погодок повеќе од истата.

Зона која отсекогаш ги одликувала Битолчани и ја „збеснувала“ публиката.

Напаѓачки, дефинитивно, на овој Пелистер ни Магнус Андерсон, од најдобри денови, не може да му помогне, со задача да ги поврзе бековите на „зелено-белите“, да одигра за супер еднонасочниот Борзаш, кои импресионира со својот потенцијал во скок-шут сегментот, но и депримира со односот и ограниченоста да се внесе истиот во систем на игра. Особено кога на десна страна имате двајца „половљаци“ и среден бек, од кој се зависи, а е принудно решение на позиција „командант на нападот“. Верувам дека нема ракометен фан, кој ќе му забележи на популарниот Фитиљ, за грешките во напад, промашените шутеви, во ситуација кога никој друг не може или не сака „да потегне“. Особено во ситуација кога истиот „се троши“ во два правци на фундаментални позиции. Организацијата на нападот, колку и теоретски да е поставен на врвно ниво, од страна на стручниот штаб, останува слаба точка на тимот, оставајќи позади себе избразни шутеви, пасивни напади, технички грешки и нерезонска игра еден на еден, која го троши главниот играч во нападот и создава нервоза кај истиот. Како последица на сето гореспоменато од аспект на структура на тимот и зоната која ја игра истиот, но и потребата од среден бек кој „ќе згазне на топка“ и ќе повелече кога треба, е фактот дека најдобар стрелец на противникот во средата беше Салвадор Салвадор, играч кој воопшто не играше на поставен напад, но „го наполна“ голот на Митревски од полу контра, во прв или втор бран.

Кога ќе се повлече црта, на Пелистер може да му се замери се, но за пристапот кон играта не. Во средата тимот, во ситуација кога е притиснат до ѕид, очекувано беше пристапот да биде солидно ниво. Никој не може да им забележи на играчите дека немаа желба, како прв чекор кон подобра иднина, подобри резултати и игра и гаранција дека со таков пристап, и квалитет на ростер ќе донесе една титула од мак првенството.

Арно ама, за поделбата на титулите во македонското ракометно првенство, покрај Алкалоид или индиректно Охрид, се прашува и уште еден голем спортски бренд. Клуб или екипа (за клуб треба сериозна вертикала надолу) кој во вторникот, по минатогодишната, очекувана, рана елиминација од Рејн Некар Ловен, како вицешампион во домашното првенство, во рамките Европската лига на ЕХФ, го совлада првиот противник од групата, Валур од Исланд. Вардар, иако без новата аквизиција Хорига (скината тетива на дланка) со непредвидливиот и супер корисен Борозан, се подобриот Танкоски и „мозокот“ Николиќ, а на крилјата на стандардно цврстата 6-0 зона и поддршката од Фереира, на голот, но и широка ротација на стручниот штаб, успеа релаитвно лесно да се справи со „реновираниот“ преставник на Исланд. Стартна победа, кој треба дополнително да ја подигне самодоверба во тимот, по минатонеделниот важен триумф, на локална сцена, над (нај)големиот ривал од Битола.

Фото: 24 Ракомет

Вардар, без изненадувања со Лазаревски и Аларов, како прва опција во сржта на зоната и високи и екстремно силни двојка и петка, играчи на кои како мана може да им се стави фактот дека имаат дефокус од зоната и повеќе мислат на нападот, поддржани од Фереира, кој дава впечаток на тип на голман, кој брани се што е негово, без некои спектакуларни одбрани, но многу корисен. Зоната и онака не беше спорна, не само на овој, туку и на оние натпревари кои поминаа, но и тие кои следат.

Фото: 24 Ракомет

Нападот е тој што може да ги зеза Вардарци. Особено против противник како Валур, кој има транзиција на врвно ниво, кој е составен од играчи, кои, со исклучок на високиот Црногорец, се многу добро технички потковани и го казнуваат секој „излет“ во нападот. Нападот беше и е многу важен за вардарци, нападот кој знае да биде нестрплив, конфузен и избрзан, нападот кој на бековските позиции има играчи кои не чекаат двапати да дојде топката во нивен посед, за да потегнат кон голот на противникот. Спомнавме пред недела дена, ќе се повториме и сега. Голем предизвик за „клупата“ е „зауздување“ на Борозан, Петриќ, Маргели, поставување осмислен напад, кој ќе заврши со „зицер“ ситуација. Танкоски и Николиќ, двајца различни играчи, на иста позиција, имаа(т) тешка задача. Стружанецот, статистички подобар, игра повеќе за себе, се подобар во сегментот одлучност и дуел игра, Николиќ, многу постабилен и со повеќе решенија во однос на непредвидливиот напад и исходот од истиот, кога бековите ќе тргнат да „трошат“ топки.

Фото: 24 Ракомет

И за крај, иако пристигна последен, после неколку турбулентни сезони, поголеми или помали паузи, Вуко Борозан, „детето“ кое Червар го донесе во скопски Металург, кое „процевета“ во тимот преку истоимената река, и најавуваше достигнување небесни височини во европскиот ракомет, игра корисно, игра мотивирано и трепеливо (за негови услови), и барем засега се покажа како добар избор. Ако сезонава го заобиколат „жолтите минути“, ќе биде голем адут на „двократниот“, од позиција на благ аутсајдер да се палсира во следнат фаза во Европската лига на ЕХФ.

Да резимираме. Тргнати од различни позиции, едниот да стави крај на една лоша серија, а другиот да ја стартува европската приказна со победа, двата најголеми македонски спортски брендови, обелија образ и достојно го претставија Македонскиот ракомет во Европа. Но, она што, барем за мене, е исклучително важно, е фактот што Митревски, Фитиљ Кузмановски, Пешевски, па и Кузманоски и јунакот од средбата со Спортинг, Атанасиевиќ, (иако ростерите им се (пре)полни со странски соиграчи) го „водат орото“ во Битола. Во истиот контекст, „двократниот“ не може да се замисли без Мечка и Аларов на фундаментални позиции во зоната и играта во два правци на овој првиот, а се’ подобриот Танкоски, за кој еден негов колега „стави лева рака“ дека ќе биде во дресот со националните бои на СП во Хрватска, плус Јагуриноски, плус една дузина Македонски играчи од Алкалоид, кои неминовно ќе добијат шанса да играат во Европа, водени од селекторот Лазаров.
Убава најава за тоа што следува во Јануари, кога ракометна Македонија ќе треба да оди еден чекор напред и да го обои „сивиот“ пост празничен период.

Да гледаме напред во земјата во која ракометот е нај витален на овие простори.

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...