Митревски е спортски „капиталец“ на Битола, Гиљермо носи „добра клима“ во Вардар

Од самиот старт оспоруван поради недостигот на некој сантиметар, неговиот карактер на фер и коректен дечко, со „неквалитет“ да влегува во „шема“ и да биде дел од некој табор или банда, популарниот Никуч, се изгради во пример за врвен спортист со сите атрибути на семеен човек, кој нема да го видите по ноќните локали и дискотеки. Пример кој треба да го следат младите спортисти, пример за скромност, трпеливост и многу работа. Никола Митревски е сериозен капитал на Пелистер, и во моментов додека е на терен и сеуште ги „фрустрира“ противничките играчи, но и по завршување на играчката кариера, во спортските структури на клубот. Никуч е спортски „капиталец“ кој Пелистер не смее да го „прокоцка“.

Нема ни десетина дена од мојата последна колумна или анализа на состојбите во македонскиот ракомет, а се собра бајаги материјал за еден осврт. Осврт кој требаше да се случи пред два или три дена, но нешто ме тераше да го почекам гостувањето на шампионот во Данска. Гостување, кое пред сезоната беше означено како натпревар на кој можеме да очекуваме нашиот Пелистер да биде конкурентен во супер силната конкуренција на ЛШ, па можеби и нешто над тоа. Иако, логично, кога во спорт како ракомет, гостува екипа во земја која е лулка на ракометот, не би требало да е така. И не било залудно малото доцнење на оваа колумна. Еурофарм Пелистер, конечно и стави крај на толку „вергланата“ црна серија порази и извојува триумф, кој во периодот кој следи, а е многу важен, ќе се покаже како пресвртница за тимот, во однос на подигање на самодовербата и расчистување на работите.

ОТКРИЈ ГО СВОЈОТ АФИНИТЕТ, НАДГРАДИ ГО ТАЛЕНТОТ!

Затоа, оваа колумна, во која, ќе има неколку реда и за „состојбата во Вардар“, за (не)успехот на Алкалоид и Охрид во третото по квалитет ракометно натпреварување во Европа, ќе ја стартуваме со убавата вест од Данска, со мал осврт на настапот на „близнаците“, „родениот победник“ и „Свети Никола“ на голот на битолчани.

„РОДЕНИОТ ПОБЕДНИК“ ЈА РАЗМРДА ЗОНАТА, „СВЕТИ НИКОЛА“ ГИ ОТКАЖА ДАНЦИТЕ

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Не расфрлајќи се премногу со статистика и „минато свршено време“, околу тоа кога последен пат Пелистер добил натпревар во елитното друштво или колку чекал на триумф во истото, го споделувам моето чувство дека, убаво беше синоќа да се биде Македонец и ракометен фан. Особено фан кој е „тетовиран“ со името на големиот битолски спортски бренд и гравитира на географска ширина (или должина!), на која кафето е ритуал, бизнисот е во струјата или јагленот, а тренерките не се за по Широк сокак. Да се „добие“ противник, кој ја претставува ракометно големата Данска, со  Гудмундур Гудмундсон на клупата, во ладната Скандинавија, не е мала работа. Па макар било против анонимната Фредериција, која лани му ги расипа сметките на великанот (во производство на врвни ракометари) ГОГ Гудме, а му се „исили“, во борба за титулата и на супер богатиот Алборг. Па и уште со в,д тренер на клупата во името на Звонко Шундовски. Или можеби не е в.д. Ќе видиме.

Натпреварот, ништо поразличен од останатите кои Пелистер ги одигра во ЛШ, барем во првиот дел. Со доверба кон Кузмановски и уште една шанса за Тајник во нападот, Пешевски на „црта“ и Петар на лево крило како пријатно изненадување. Очигледно е дека, на десната страна, во ситуација кога Цехте е во лош “mood”, се е предадено на Хосни, како решение во два правци. Со таква поставеност и на моменти две измени, како Фитиљ би бил свеж за напад, Пелистер си „тераше иста песна“ и покрај одличната статистика на Митревски на голот, на полувреме замина со -3 погодоци во однос на противникот.

Стартува вториот дел, а на терен, за првпат откако „слета во Битола“, се појави „родениот победник“ со многу имиња и (пре)многу искуство во носење на дресот на екс европскиот шампион Монпелје и оној со националниот грб на „фараоните“. Евидентно, поради моментот дека го станале од фотеља, физички неподготвен за висок ритам во два правци, но со многу чувство и знаење на кој и во која фаза, како треба тактички да му се постави, едноставно ја „разбуди“ зоната и ја подигна борбената готовност на истата. Како резултат на тоа, Пелистер, покрај двоцифрена статистика на Митревски, изнуди и доста грешки од технички високо потковани скандинавци, а со краен епилог, „вртење“ на резултатот во своја полза и конечен триумф.

Пелистер, евидентно има (голем) проблем со организација на нападот, во ситуација кога Тајник (како лик на кој како најкористен играч во словенечкиот шампионат игра како престарен и му се заканува „заковување“ на клупа и шут карта од Битола) е пасивен и помалку незаинтересиран или немоќен, а Борзаш, Кузмановски па и Павле не се играчи кои можат или не сакаат да го спроведуваат сето тоа што е договорено. Игра на индивидуален (не)квалитет, со многу контакт, на сила, не баш пријатна за гледање форсираа(т) или практикуваа(т) битолчани, игра која може да помине во мак шампионатот или со екипи од свој ранг. Се над тоа, ќе биде брутално казнето.

Радува што „близнаците од Чаир“ потрошија доста време на терен и одиграа важна улога во триумфот на Пелистер, како „менвање на плочата“ што свиреше до пред некое време. Радува, затоа што тие, заедно со капитенот Кумановски, стружаните Костески, Кузманоски и Ѓорговски, „Цар Самоил“ Ристески, поддржани од Митревски треба да бидат базата на новиот Пелистер. Пелистер, кој поучен од грешките во избор на играчи кои треба да ја надградат оваа група играчи, во иднина би требало да избира многу помудро.

НИКОЛА МИТРЕВСКИ Е СПОРТСКИ „КАПИТАЛЕЦ“ НА РАКОМЕТНА БИТОЛА

Фото: РК Еурофарм Пелистер

А што да кажеме за ракометниот „Свети Никола“ на голот на битолчани, херојот на синоќешниот натпревар, дечкото или веќе господинот на кој му се поклонува ракометна Битола?

Иако, за нешто помалку од година дена ќе влезе во петтата деценија од својот животен век, капитенот на националниот тим (во моментов ослободен од обврски од селекторот, како би се зачувал за јануари) со многу дисциплина, многу работа, трпеливост и „гледање пред својот двор“, чекор по чекор ги достигна височините на европскиот ракомет. Од самиот старт оспоруван поради недостигот на некој сантиметар, неговиот карактер на фер и коректен дечко, со „неквалитет“ да влегува во „шема“ и да биде дел од некој табор или банда, популарниот Никуч, се изгради во пример за врвен спортист со сите атрибути на семеен човек, кој нема да го видите по ноќните локали и дискотеки. Пример кој треба да го следат младите спортисти, пример за скромност, трпение и многу, многу работа. Никола Митревски е сериозен капитал на Пелистер, и во моментов додека е на терен и сеуште ги „фрустрира“ противничките играчи, но и по завршување на играчката кариера, во спортските структури на клубот. Никуч е спортски „капиталец“ кој Пелистер не смее да го „прокоцка“.

ГИЉЕРМО ОД БУЕНОС АИРЕС НОСИ „ДОБАР ВЕТЕР И ДОБАР ВОЗДУХ“ КАЈ „ДВОКРАТНИОТ“

И додека Битола очекува(ше) новиот „месија“ на клупата, човек кој ќе го реформира тимот и клубот, „двократниот“, според некои „зли јазици“ навреме (по безброј негативни коментари) го разреши Недановски и како „егзотично“ решение го назначи Аргентинецот Гиљермо Милано за нов шеф на струката. Зошто навреме прашуваме? Па затоа што до најважните дуели во преостанатиот дел од календарската година има уште месец ден, период во кој Гиљермо, како долгогодишен жител на Буенос Аирес треба да донесе „добар ветер, добар воздух па и добра клима“ (со шпански превод на Буенос Аирес) во тимот, кој некако „ја фати удолницата“ со два порази во групната фаза од Лига Европа и еден куп незадоволни играчи во ростерот. Имајќи предвид дека Гиљермо долго време беше помошник на Маноло Каденас во националниот тим, тренер кој своите играчи ги третира како рудари, и кај кој многу се тренира и работи, а неговите екипи се секогаш физички одлично подготвени, но истовремено е симпатизер на шпанскиот систем на ракомет, очекуваме брзо да ги решава проблемите со неспремност на екипата, недисциплина и незадоволство. За таа намена, а во имплементација на својата филозофија, Аргентинецот,  очекуваме повеќе да се наслони на ракометарите кои имаат поголемо ракометно знаење, во однос на оние кои се големи потрошувачи на топки. Тоа, веројатно на полусезона ќе донесе промени, носење на уште еден среден бек и уште еден голман во тимот. Ако е нешто позитивно од „двомечот“ со Порто, тоа  е фактот дека од вчера, завчера, Вардар е максимално фокусиран на домашниот шампионат и дуелите со Алкалоид во „Јане“ и Пелистер во „Боро Чурлевски“.

ОХРИД ГО ПОТВРДИ СТРАВОТ ОД ТУРДА КАКО „ДОМАШНА ЕКИПА“, АЛКАЛОИД ИСПРАВНОСТА НА УЧЕСТВО ВО ЕХФ КУПОТ

Македонија во месец ноември влегува со еден претставник помалку во ракометна Европа. Во Европскиот куп на ЕХФ (како наследник на некогашниот Челинџ куп), Македонија, по малку очекувано, имајќи предвид противниците кои ги добија Алкалоид и Охрид, со половичен успех ја заврши втората рунда. Викаме очекувано, затоа што Драгунас од Литванија, иако се прикажа како симпатична екипа, беше релативен аутсајдер во однос на Алкалоид и двапати беше поразен, а Охрид не успеа „да го преплива“ незгодниот (на домашен терен) тим на Турда, иако на реваншот замина со +6. 

Со тоа се потврди исправноста на одлуката Алкалоид да „се спушти“ едно ниво надолу во европските купови, овозможувајќи им на младите македонски ракометари повеќе европски натпревари, притоа подигајќи ја популарноста на клубот кај македонскиот ракометен фан со учество во самата завршница во едно европско клупско натпреварување. Следниот противник на тимот од Автокоманда во 1/16 финалето е австриска Вест Виена,  противник по мерка за пласман во најдобрите 16 екипи. Имајќи предвид начинот на кој се развива клубот и формата на тимот, очекуваме оваа пречка да биде помината и Алкалоид да „презими“ во Европа.

Во среда стартуваат квалификациите за ЕП 2016.

Во „Борис“ гостува аутсајдерот Естонија.

Се гледаме во сала!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...