РАКОМЕТНИОТ ПРИНЦ ОД БЕРЛИН ВЕЧЕРВА ЌЕ „ТАНЦУВА“ ВО БИТОЛА

Минатата недела стартуваше елитното или најелитното ракометно натпреварување. Систем на натпревари каде е самиот крем од клупскиот ракомет, шеснаесет екипи, поделени во две групи. Екипи кои (нај)високо котираат во најсилните лиги во светот. Меѓу нив, и оваа година, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, со непријатно искуство во резултатска смисла од минатата сезона, но и задача, оваа да биде многу подобар. И беше подобар, уште на првиот натпревар во Парис, каде го одигра еден од најдобрите натпревари во ЛШ, „дишејќи му во врат“ на најскапиот тим на денешницата, до самиот крај. Убава најава за тоа што следува, но и убав момент за подигање на самодовербата на играчите и стручниот штаб, во насока дека има „штоф“ во оваа екипа достојно да го претстави мак ракометот.

Денес е среда, а на менито е второто коло.

Секој ракометен работник, ракометен фан има доза на љубомора кон битолчани и градовите кои гравитираат околу Битола. Љубомора во однос на тоа што последните години се создава во градот на Конзулите, за финансиите кои се трошат во нашиот спорт на локално ниво, за поддршката од Градот, но и од фамилијата олицетворена во Еурофарм, како фармацевтски малопродажен гигант. Љубомора во однос на содржината која, како резултат на двете последователни титули, ја има Градот во однос на ракометот, можноста на дело да се видат најдобрите светки клубови и играчи.

Ако за минатата година, предлагавме клубот, со минорно искуство во организација на вакви настани, да го насочи вниманието на јавноста кон самиот настан, најавувајќи дека во преполната „Боро Чурлевски“ „ќе игра мечка“, денес, во Битола, како противник на битолчани, на сцена ќе настапат „лисиците“ од Берлин. Екипа која долго време (период сличен на оној што Пелистер чекаше на титула), не играла во елитата, имајќи предвид конкуренцијата во најсилната лига на светот, екипа која минатата година го предаден трофејот во Европската лига, губејќи во финалето со Флензбург и најважно екипа која во својот ростер го има најдобриот светски ракометар во моментов. Играч, кој, иако звучи неверојатно, дебитира во ЛШ, играч кој освои се што може да се освои со данскиот национален тим, и како селекција и како индивидуални награди. Своевиден пандан на Лео Меси, не само во однос на статусот кој го има моментално, туку и во начинот на кој го игра ракометот, со навидум „скромни“ физички предиспозиции, неверојатна техника и промена на правец, врвна дуел игра и прегледност и процесирање на информации во решавање на ситуациите како „Комодоре 64“.  

Накратко, ако до вчера, „Големиот Никола“ беше Крал на ракометот, со се што направил за истиот последните 22 години, во Битола вечерва на терен ќе истрча Матијас Гитсел, ракометниот Принц, и тоа е убава можност за многумина во Пелагонија во живо да го проследат неговиот танц.

Секако, Принцот од Берлин не е единствениот врвен ракометар на Фуксе, има таму уште една дузина одлични ракометари, стартувајќи од Банда Милосављев, голманот кој со Вардар се искачи на врвот на Европа, Данецот Андерсон, Рајхман, Виде, Лихлајн и Друкс како претставници на германскиот Бундес тим и уште еден „шампион“ од Вардар Мијајло Марсениќ. Се на се, екипа која не е звучна и која, до сега,  не „паднала во очи“ на „обичниот“ ракометен фан, но од друга страна супер квалитетен тим, како проверка на можностите и потврда дека натпреварот во Парис не беше само „една ластовичка што носи пролет“.

Бранко Ангеловски посакува повторување на играта, ракометната јавност посакува (колку и да е нереално) различен исход од тој пред една недела. Кузмановски очигледно во улога на ранет Лав „удри“ со сите оружја кон голот на Паличка, а очекуваме во ист ритам и интензитет да продолжи, поддржан од Цехте и Пешевски, вечерва во „Боро Чурлевски“. Тешка задача за битолчани, без разлика дали Матијас Гитсел ќе игра на десната бековска позиција или на среден бек со младиот Лихлајн на неговата природна позиција. Ќе биде интересно да се види, како зоната на Ангеловски, која покажа доста слабости на стартот на сезоната, ќе се справи со технички перфектниот напад на Фуксе Берлин. Агресивна 5-1 зона, со „индијанец“ кој треба да ограничи проток на топка, да создава многу прекини и игра на граница на дозволено или висока и подвижна 6-0, со Атанасиевиќ и Абутовиќ на централните позиции.

Македонија има еден претставник во Лигата на шампионите, и треба сите да дадеме поддршка, Еурофарм Пелистер што подобро да ја претстави државата во Европа.

ОТИ е за наше добро!

Уживајте Битолчани …

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец, основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...