Македонскиот национален тим, продолжува да прикажува игри на високо ниво и со триумф над селекцијата на Катар, барем на хартија, останува во игра за пласман во нокаут фазата, односно во друштво на најдобрите осум селекции на планетата.
Добредојдовте на мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ после Катар, а пред дуелот со една од најголемите светски селекции, во дуел кој треба да биде круна на настапите на Македонија на СП во Хрватска, натпревар кој овие момци заслужија да го одиграат за своја душа, натпревар кој треба да биде вистинско уживање за секој Македонец.
ПАРОЛАТА ОД СТАРТОТ НА ПРВЕНСТВОТО, ВО ОД ДОЖИВЕА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Како никогаш во историјата на учества на големите смотри, македонскиот машки ракомет, игра квалитетно и стабилно во втората фаза. Во минатото, дури и онаа генерација која долго време не можевме да ја „прежалиме“ и молевме Бога што подолго да остане на „купче“, немала ваков низ на квалитетно одиграни натпревари, настапувајќи без никаков респект спрема противникот и одигрувајќи во серија незивесни натпревари. Спомнав неколку пати и на моите гостувања на ТВ дека резулатите, од победа во нерешено и обвратно, не ја менуваат мојата слика за оваа група играчи предводена од Лазаров на клупата. Можеше да биде и подобро, можеше и полошо, што би било – кога би било, такви муабети во стилот „да имаше баба…“ не се во мојот ракурс и ќе повторам, немаат влијание во „куцање“ на овие редови. Впечатокот е тој, повторен неколку пати и општо прифатен.
Капа доле момци!
Од друга страна, фразата или паролата „никому нема да му биде лесно против Македонија“, во од, од натпревар во натпревар, доби своја преформулација во „тешко ќе му биде секому против Македонија“, како своевиден прогрес, во краток период, на македонската национална гордост.

📸 Нова Македонија Facebook
БАВНИОТ И УМОРЕН КАТАР БЕЗ ШАНСИ СО СУПЕР СОНИЧНАТА МАКЕДОНИЈА
Моите прогнози дека Македонија нема да го реши натпреварот во своја корист во првиот дел, делимично се реализираа, за мое лично изненадување од играта и доминацијата која уште на полувреме ни даде убава предност над противникот.
Македонија, со одлична зона и сериозна поддршка, првенствено од Кизиќ, на голот, го стартува натпреварот според планот, во насока дека сегментите погоре спомнати, ни дадоа можност максимално да го користиме нашето најсилно оружје пртив „старите“ Катарци. Транзицијата имаше свој удел, иако и поставениот напад, во кој на стартот предничеа Митев и Лазаревски, подоцна и Ѓорѓиев, Костески, Пешевски и останатите, повторно го „испорача“ тоа што се бараше и тоа што го гледаме во текот на целото првенство. Зоната 6-0, како веќе востановена, со популарниот Мечка и искусниот Маркоски, беше релативно плитка и му дозволуваше на Катар, додека имаше сила, погодоци од надвор, но од друга страна и овозможи неколку технички грешки во пресечени топки и следствено на тоа, лесни голови во мрежата на Суљаковиќ. Тоа го направи нервозен селекторот на Катар и постави основа за изместување на плановите (какви и да биле), во однос на играта, кај светскиот вицепрвак од пред десет години. Лазаров, свесен дека противникот, после оној добар но и крајно исцрпувачки натпревар на Катар против Холандија, од средината на првото полувреме ја стартуваше ротацијата и внесе доста играчи во игра, со цел ритамот да се одржи и надгради. Како одминуаше времето, противникот, со пулс од над 200 bpm, натеран да работи напорно за секој погодок од нашата зона, обидувајќи да ја спречи дуел играта на помладите и енергетски доминантни Митев, Кузмановски па и Серафимов, кој имаше убав скор на добиени дуели со зоната на Катар, „тонеше“ и делуваше не амбициозно во однос да се направи позитивен резултат во дуелот со една супер сонична Македонија. Нашето неискуство, и на моменти опуштеност на одредени играчи, на неколку наврати ја „враќаше во живот“ четата на Вујовиќ, како лажна надеж дека може да дојдат до позитивен резултат на натпреварот.

📸 Нова Македонија Facebook
СИСИТЕМОТ Е ПОСТАВЕН, ВО ИДНИНА ЌЕ СЕ НАДОГРАДУВА
За крај на овој краток осврт на триумфот на Македонија, ќе потенцирам две работи, кои мене ми оставија впечаток. Прво ќе „позајмам“ еден термин од изјавата на селекторот, во која го потенцираше СИСТЕМОТ кој е поставен и адаптиран според структурата на играчи кои ги има Македонија во моментов, но можеме да кажеме и според ДНК-то на Македонецот. Знаеме дека системот го изнесува на површина поединецот, во одредени натпревари, но уште поважно е дека доколку системот е ставен на здрави основи, убаво е имплементиран, дозволува „лош ден“ на било кој поединец или мала група играчи во тимот. Така беше и на последниот натпревар, во кој нашата перјаница и најдобар стрелец на првенството, Филип Кузмановски, кој со игрите во првите натпревари не „разгали“ и навикна од него да почнува се, одигра, за нијанса под нивото, но СИСТЕМОТ „го покри“ и не дозволи тоа да влијае на генералната слика, играта и секако на крајниот резултат. Втората е моето нотирање на состојбата дека Македонија „го доби“ Марко Кизиќ на минатиот натпревар, играч (или голман) кој треба(ше) да биде поддршка за Митревски на ова СП. Видовме дека, при склоп на околности каде „Свети Никола“, „погоден“ од температура, веројатно не беше најподготвен за настап, младиот Кизиќ, завчера отиде чекор напред од неговата првенствено доделена улога, беше и повеќе од достојна замена, промовирајќи се себеси во додадена вредност на тимот, во триумфот против Катар.

📸 РФМ / Facebook
ЗОШТО БИ ИМ БИЛО ЛЕСНО ПРОТИВ „НОВАТА МАКЕДОНИЈА“?
Македонија го игра последниот натпревар на СП во Хрватска. Играме со „голема“ селекција, но и нашиот тим „расте“ со секој нов ден, со секој нов натпревар. Селекторот, низ срамежлива насмевка најави дека се подготвува изненадување за „експертите“, затоа што, цитирам: „вака како што играме до сега (мислејќи на тактичка поставеност), немаме големи шанси“. Останува да видиме како тоа стручниот штаб ќе се „судри“ со, во секоја смисла, силниот противник.
Предвидувам, посакувам и прашувам: зошто би му било лесно против „новата“ Македонија и на следниот наш противник, па макар се викал и Франција.
Напред Македонија!

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете