Во вториот дел, Лазаров „го испука“ сиот расположлив арсенал, обидувајќи се и со Велковски на „висока двојка“, па повторно „фластер“ на Стејнс, ситуација која Штафан Олсон ја решаваше со формација 7 на 6, спуштајќи го Џонов (кој претходно играше фласер на Стејнс) во неприродна позиција број четири во 6-0 зона. Стејнс, многу искусно и паметно, гледајќи против кого игра на позиции 3 или 4 во нашата зона, мудро го избегнуваше Лазаревски и лесно поминуваше покрај Маркоски, Стојковиќ и во дадени ситуации Џонов.

⏩ Откриј го својот афинитет, надгради го талентот!
Македонија успешно ја помина првата рунда на СП во Хрватска, со победа над Гвинеја, пренесен бод од првиот натпревар против Унгарија, и со голем оптимизам влегува во втората фаза, каде ја очекуваат натпревари со Австрија, Катар и големиот фаворит Франција. Противници, барем оние првите два, посакувани за нас.
Но да бидеме реални и да не „летаме“ многу и ние сме посакуван противник за секоја од нив. За тоа што следува во втората фаза, која стартува утре против Австрија, нешто подолу во оваа колумна.
Сега збор-два за тоа што се случуваше на натпреварот со Холандија, па и Гвинеја.
Добредојдовте на мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ после триумфот над аутсајдерот Гвинеја и оној контраверзен пораз од „лалињата“, а пред првиот натпревар, од втората фаза, против Австрија.
ПО НАТПРЕВАРОТ СО „ЛАЛИЊАТА“ НЕМАШЕ „ПОЧВА“ ЗА РАКОМЕТНА АНАЛИЗА
Свесен дека доколку „извадам“ колумна после оној, во најмала рака, контаверзен, во однос на тоа каква лавина од реакции предизвика тој (не)спортски дел, пораз од Холандија, никој нема да го интересираше како и на кој начин Македонија беше поразена, и затоа не чувствував потреба да седнам и да „искуцам“ традиционални 1400-1500 зборови. Имав впечаток, а и уште ме држи иститот, дека коментарите под истиот ќе беа насочени на друга страна, кон „луѓето во црно“, во правец кој не го покриваат овие мои колумни и за кои ама баш ретко, да не кажам, никогаш немам дума и коментар.
Сега можеби е поадекватно време да се напишат неколку реда за тој меч!
Ако пред стартот на СП, јас, а и повеќето луѓе од ракометот, со кои комуницирам, имавме двојба која селекција од првата фаза, помеѓу Унгарија и Холандија, повеќе „ни лежи“, сега некако сето тоа се искристализира. Холандија, покрај тоа што е подобро рангирана селекција, има играчи кои играат во (по)големи клубови или (по)кавлитетни лиги, истите се во позрела фаза на своите кариери, сега и дефинитивно, истите играат ракомет со кој нашиот национален тим потешко се снаоѓа. Велам потешко се снаоѓа, затоа што и после поразот, со чиста совест можеме да ја истакнеме мојата главна парола на ова СП „Никому нема да му биде лесно против Македонија“. Не и беше ниту на Холандија, која иако го контролираше водството во текот на целиот натпревар, дури во самиот финиш резултатски „избега“ и го реши истиот. Македонскиот национален тим одигра уште еден солиден натпревар и достојно го презентираше македонскиот спорт . Тешко може да се најде забелешка на пристапот на нашите момци, на стручниот штаб и на начинот на кој, се обидовме, да се спротиставиме, на хартија, фаворитот на овој натпревар.

📸 РФМ / Facebook
ЛАЗАРОВ СО РАРИТЕТНА 5 + 1 ЗОНА СЕ ОБИДЕ ДА ГО ИЗНЕНАДИ ПРОТИВНИКОТ
Накратко. Македонија, после бодот против првиот фаворит во групата, со раширени крилја и самодоверба до плафон, но и (пре)голема желба, имајќи предвид новите математики и перпсективи кои се отвараа со евентуална победа против „лалињата“, влезе во самиот натпревар. Во големо тактичко надмудрување на две живи легенди на светскиот ракомет, кои играа на идентична позиција во ракометот, Лазаров со големо тактичко изненадување, поставен т.н фластер на најдобриот противнички играч Лук Стејнс, го стартуваше натпреварот во одбранбената зона. Формација која многу ретко се користи во модерниот ракомет, со цел крајно да се ограничи еден играч кој е фундаментален за противничката екипа. Но и формација која остава сериозен проблем во играта 5 на 5 на поширок простор, а истата изускува подвижни дуел играчи на централните позиции. Лазаров го постави Милан Мечка Лазаревски на нај чувствителната позиција, во средината на одбраната, и Кузмановски и Велковски од неговата лева и десна страна. Противникот од друга страна, можеби за нијанса потценувачки, стартуваше со поплитка 6-0 и Шоенекер и Коиј во средината. Нашите момци, иако стравуваме пред СП, повторно, вака или онака, во нападот наоѓаа простор во зоната на противникот, така што покрај Кузмановски, кој „пукаше“ од надвор и пивотите комбинираа пет погодоци, уште осум други ракометари постигнаа барем еден погодок. Логично, Лазааров се одлучи на стратот да не менува играч во однос напад-одбрана, во ситуација кога противникот има феноменална транзиција и игра брзо, без разлика на исходот во фазата на одбраната (брз центар или полуконтра), и на „крилјата“ на таквата поставеност, Македонија, до средината на првиот дел, имаше супер активен резултат. Да бидеме реални, играта во голем дел се одвиваше на половината на Холандија, и на секој наш погодок, без разлика што Стејнс „јадеше“ фластер уште од прва фаза, сепак Холандија враќаше со иста мера во најкраток рок. Доста фрустрирачки, особено што нашите момци, многу понапорно работеа за секој погодок.
ПРЕМНОГУ „ЛЕСНИ“ ПОГОДОЦИ НА ХОЛАНДИЈА ВОВЛЕКОА НЕРВОЗА ВО НАШИОТ ТИМ
Имајќи предвид ритамот на самиот натпревар, во втората половина од првиот дел, нашата клупа стартуваше со ротација, од која, како клучна можеме да ја наведеме онаа на Лазаревски со Пешевски, по која противникот многу полесно, на „подалечна страна“ содаваше играч повеќе во простор, ситуација која ја користеше десниот бек и десното крило на Холандија. И не само што Холандија брзо возвраќаше со погодок, туку тоа го правеше од изградени позиции и на лесен начин, факт кој вовлече нервоза кај дел од нашите играчи, а меѓу нив и нај искусниот Митревски на голот. Таа нервоза во вториот дел беше уште повидлива и можеби клучна за двоцифрената бројка технички грешки, кои имаа големо влијание на конечниот исход. Да потенцираме дека во цел тој период, без разлика на случувањата на терен, тимот „гинеше“ за секоја топка и од тој аспект никој не може да најде забелешка.

📸 РФМ / Facebook
СТЕЈНС БЕШЕ НЕРШЛИВА ЗАГАТКА, ВО СИТУАЦИЈА КОГА ОЛСОН ГО ТРГАШЕ „ФЛАСТЕРОТ“ СО ФОРМАЦИЈА 7 НА 6
Да завршуваме полека. Во вториот дел, Лазаров „го испука“ сиот расположлив арсенал, обидувајќи се и со Велковски на „висока двојка“, па повторно „фластер“ на Стејнс, ситуација која Штафан Олсон ја решаваше со формација 7 на 6, спуштајќи го Џонов (кој претходно играше фласер на Стејнс) во, за него, неприродна позиција број четири во 6-0 зона. Стејнс, многу искусно и паметно, гледајќи против кого игра на позиции 3 или 4 во нашата зона, мудро го избегнуваше Лазаревски и лесно поминуваше покрај Маркоски, Стојковиќ и во дадени ситуации Џонов. Не дека и Лазаревски беше безгрешен, но, според наравот на Мечка, противникот и кога „поминуваше“, тоа го правеше со „одредени последици“ по негово тело. Тоа ме потести на мојата прва колумна или излагање на националниот сервис, во насока дека Лазаров и со Хрватска, упорно му бараше партнер на Лазаревски. Како решение, тогаш го изнесов Михаил Аларов, соиграчот на Мечка од „двократниот“. Стејнс беше „нерешлива загатка“ од каде почнуваше се, Каи Смитс и Коиј само го искоритија „малиот генерал“ за поентерски да се издвојат.
Во коректниот напад на Македонија, како аномалија повторно се појави решавање на ситуација 6 на 5, и не само што не поентиравме, туку многу често и негативно го завршувавме периодот со играч повеќе во поле. Важен сегмент, кој создаде дополнителна нервоза и кој можеше дополнително да го драматизира натпреварот и истиот да го однесе во егал до полседната минута.
Нејсе, Македонија достоинствено беше поразена и по којзнае кој пат, ракометот ја обедини нациата. Овој пат од други причини, кои за жал го земаа местото на „насловните страни“ на интегралниот ракомет, феноменалниот Фитиљ, пристапот на момците, тактичката поставеност и фантастичната поддршка на македонските фанови од трибините.
Гвинеја е ставена „ад акта“ за потврда на впечатокот, дека оваа Македонија нема легимитет никого да потценува. Па макар играла со селекција која е дебитант на СП, без ракометна традиција, со одлична антропологија, огромна неодговорност во играта и скромна ракометна техника. Честитики за победата момци!

📸 РФМ / Facebook
АВСТРИЈА СТРУКТУРНО Е СЛИЧНА НА НАС И ИМАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА НИВНИОТ НАПАД
Австрија е нашиот следен противник. Селекција многу слична на онаа Швајцарија која ја „добивме“ лани на ЕП, но и селекција која, според структура на играчи, многу потсетува на нашиот национален тим. Одличен голман (кој после ланското ЕП си обезеди трансфер во Бундеслигата) со релативно низок раст, единствен бек шутер на бековската позиција, неколку играчи кои имаат дуел игра и можат „да испратат“ играч повеќе создаден од Хутечек или дуплирање на пивотот, два пивоти од кој еден игра „тотален ракомет“, многу е корпулентен и е многу незгоден на линијата од 6 метри и уште еден, кој игра во Бундеслигата, и истиот игра во два правци,итн… Селекција со вонсериско лево крило во Фримел од Пик Сегед, но која на ова СП е сериозно ослабена со неиграње на убедливо најдобриот играч на тимот на Пајовиќ, левиот бек Билик од Кил, но и Божовиќ а после првиот натпревар и Живковиќ како единствени десни бекови. Македонија го има рецептот во одбрана, на левиот бек Хутечек, кој има карактеристики на тенк кој има одлична координација и прегледност, одлична дуел игра, но и свои слабости. Му треба „добра топка“ и време да се размавне. Нашата „двојка“ во зоната 6-0, во името на Велковски ќе игра подлабоко на Хутечек, нема да дозволи добар проток, ќе го „држи блиску до себе“ и доколку го ограничимее истиот, и затвориме „линија“ (слично како против Унгарија и Банхиди) можеме да очекуваме добар натпревар, па зошто да не е и триумф. Нападот ќе ги даде своите 30+ погодоци, во ситуација кога Филип Кузмановски „решети“ мрежи, а Македонија има широк список на стрелци на секој натпревар. Само рамото на ракометниот „Брус Ли“ да биде подготвено за максимум напор, иако тоа нема да го спречи да „паѓа на глава“ и дава 120% од себе.
За Македонија допрва почнува првенството и кулминацијата на истото е пред нас.
Да ги тргнеме сега сите неракометни теми, за фокусот на нашите момци да биде на играта.
Затоа што е за наше добро!
Напред Македонија!

Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете