Охрид се „удави“ во Автокоманда, ракометниот Брус Ли нерешлива загатка

Фото: РК Алкалоид

Во натпревар кој требаше да биде дерби на колото, и да одговори на неколку прашања околу тоа кој на која позиција ќе го заврши актуелното првенство, победникот беше решен по првите 30 минути, можеби и нешто порано. При резултат од 22:14 на полувремето, вториот дел беше само формалност, во ситуација кога на гостите ништо не им оделе од рака.

Вицешампионот од минатата година, Алкалоид, на убедлив начин му возврати на „залетаниот“ Охрид, со триумф кој на крајот од првенството, можеби и ќе решава кој ќе заврши на третата позиција на табелата. Иако, според играта која ја прикажува тимот на Лазаров, и борбата за втората позиција не е завршена. Барем теоретски. Во периодот што следува, до крајот на првенството, тимот од Автокоманда двапати ќе се состане со „двократниот“, во Купот и во првенството, со шанса да се врати на позициите од минатата година. Но за тоа, потоа.

По поразите во неколку натпревари против конкурентите за висок пласман, на домашен и гостински терен, но и триумф на гостински терен во Кавадарци, Алкалоид, го продолжи трендот на подигање на играчката форма и против Охрид го одигра, можеби најдобриот натпревар годинава. Важен сегмент пред завршницата на Купот, но и важен сегмент пред исклучително важниот бараж дуел на Македонија против Фарски острови, а во насока дека Алкалоид „дава“ најмногу играчи во националниот тим.

Што се случуваше во саботата во Автокоманда?

И двете екипи стартуваа со 6-0 одбранбени формации, високи и релативно плитки. На едната страна, Алушовски, иако со лошо искуство од првиот натпревар, и во саботата стартуваше со Орјоникидѕе и Кукоски како централни бранители, додека Лазаров, на средина ги имаше, во два правци, се подобриот Стојковиќ и искусниот Маркоски. Зоната на домаќинот изгледаше многу поконкретна и компактна, за разлика од гостите, кои играа многу статично, без потребната меѓусебна комуникација.

Се чини дека два фактори го решија натпреварот, уште во првиот дел, а тоа се, повторно незапирливиот ракометен Брус Ли, кој ја создаваше разликата и прваше ситуација на играч повеќе во зоната на противникот, учествувајќи, директно и индиректно во повеќе од 60% од головите на домаќинот и голманот Трајковски, кој статистички беше (пре)доминантен во однос на гостинските голмани. Марко Митев, кој во отсуство на капитенот Ѓорѓиев, во нападот, натпреварот го стартуваше во друштво на помалиот брат Дамјан, како пеколно крштевање на еден натпревар од високо значење и Мартин Велковски како десен бек. Поставувајќи игра на постојано развлекување на зоната и изолација на еден играч во зоната (најчесто Кукоски или Орјоникидѕе), Лазаров, кој одлично ја намести играта, го постави Марко Митев во улога на ударна игра, од која тргнуваше се, а како реализатори се менуваа останатите играчи на Алкалоид. Во оваа ситуација, мора да се напомене играта на двата десни бека на домаќинот, Серафимов и Велковски, кои по  подолго време, на радост на македонската јавност одиграа солидни партии, но и добрата игра на Марко Стојковиќ во напад, кој одлично „ловеше“ топки во зоната на противникот.

Фото: РК Алкалоид

На другата страна, се чини дека повторно излезе на површина старата болка на Охриѓани, а тоа е недостаток на квалитетен централен бек кој ќе може да одговори на потребите на бековите, кој на тактичка поставеност на противникот ќе може да реагира соодветно. Мацуока, како и предоцна вклучениот во игра Сафранко, повеќе мислат на себе отколку да ја разиграат екипата. Тоа е проблем кој ќе треба во иднина да го решава популарниот Аљуш, ако сака да биде конкретен за самиот врв. Двата стартни бекови Орјоникидѕе и Јукиќ, поседуваат солиден квалитет, но едноставно им е потребен среден бек кој ќе ги поврзе работите. Во таа насока, зачудува и решението на Охрид, и во следната сезона, во составот да ги има Крстевски и Дрогишки, како играчи кои, освен што поседуваат македонски пасош, не покажуваат дека може да бидат додадена вредност на супер амбициозниот тим од градот покрај најубавото езеро во светот.  Во насока на тоа, и во отсуство на квалитетни домашни играчи, екипите се носат во ситуација да ги задржуваат постоечките, по онаа добро позната изрека „од кал да е Македонец да е“.  

Како проблем кој се провлекува во тимот на Охрид, и во иднина ќе биде предизвик за истиот е решавање на централните позиции во зоната 6-0, каде Грузиецот е солидно решение, но и играч кој игра два правци и е многу значаен на двата дела од теренот. Негов партнер на позиција три и дополнително играч кој ќе може да одигра на позиција 1 во зона 5-1 се енигмите кои треба да ги решава Охрид за следната сезона. Освен Тасески, кој може да игра на повеќе позиции во зоната, Охрид нема друг Македонец кој може да одговори на високите амбиции на клубот.

Алкалоид од друга страна, втор натпревар по ред (после Тиквеш во Кавадарци) игра одлична 6-0 зона и има и повеќе од солидна поддршка на голот, што му овозможи да го истакне своето најсилно оружје, транзицијата, каде е неприкосновен. На другата страна, Аљуш неподготвен за запирање на Марко Митев, се чини предоцна се одлучи на варијанта да му стави фластер или да одигра класична 5-1 зона на истиот (со физички комплетно несоодветно решение во името на Крстевски), за што Лазаров имаше решение во „симнување“ на „црта“ на средните бекови, спротивно на движење на топката и да се обиде со формација 7-6 во нападот.  

На крајот мораме уште еднаш да потенцираме дека Велковски и Серафимов одиграа добар натпревар, Димовски на десно крило и малиот Митев во изведување на седмерци беа практично непогрешливи, и сето тоа делуваше „убиствено“ по Охриѓани, кои примија 42 погодоци, од кои дури 22 во првиот дел. Со тие бројки и примени погодоци невозможно е било кој тим во светот да се надева на позитивен резултат.

Алкалоид, во ситуација кога МОЖЕБИ го губи поголемиот, како поминува времето, го добива, како засилување за следните сезони, помалиот од семејството Митев, како тазе сениорски репрезентативец, играч кој плени со одлични предиспозиции, многу ракомет во себе, стабилност и зрелост во играта, земајќи ја предвид неговата возраст. Како куриозитет на самиот натпревар, во однос на браќата Митев е и фактот дека, поголемиот со погодок го „отвори“, а малиот со вистинска „бомба“ од 10 метри го „затвори“ натпреварот.

За истакнување е враќањето на терен на Кристијан Симоноски, после 9 месечна пауза, серозно поливалентен играч, кој ќе биде додаден вредност на „сините“ од Автокоманда во завршницата од сезоната.

Во четврток Алкалоид гостува во „Јане“ како загревање за баражот со Фараните и можност за поправање на впечатокот во однос на првиот натпревар во Автокоманда.

Се гледаме во сала!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...